Па, важно е од повеќе причини: не само затоа што преку образованието стекнуваме капитал со кој можеме да учествуваме на пазарот на трудот и да си обезбедиме потенцијална егзистенција за себе и за своето семејство и не само поради пустата потреба да се истакнеме пред другите, а најмалку затоа што преку знаењето стекнуваме сила и моќ што можеме да ги користиме за добро или за зло. Всушност, преку образованието можеме да го разбереме сето претходно напишано, но и нашата позиција во однос на тоа.
Во целост се согласуваме со Пјер Бурдје дека секој човек од самото свое раѓање започнува да се образува, минувајќи низ низа процеси на свесно и на несвесно прифаќање на знаење кое преку него продолжува да се преобликува и пресоздава. Стекнатите знаења се манифестираат во објективната стварност и влијаат на човековите постапки и на меѓучовечките односи.
Односот заснован на површни и искривени информации кој општеството го гради кон луѓето кои употребуваат дроги е неправеден и ги загрозува нивното здравје и живот. Но, истиснувањето на овие луѓе кон маргините, постојаниот полициски прогон и ограничувањето на нивниот пристап до социјални и до здравствени услуги повратно ги загрозува јавното здравје и општествената благосостојба.
Со ова издание на „Дроги – Политики и практики“ настојуваме да одржиме свесност кај себе за причините за постоење на ова списание и воедно да го образложиме нашиот став за образованието. Ние под образование не го подразбираме само оној процес на стекнување знаење во семејството и во училиштето. Ние под образование подразбираме целокупен процес на стекнување на знаење од сите достапни извори и на свесно процесуирање на добиените информации онака како што најмногу можат да им користат и на единките и на заедницата. Затоа се залагаме за постојано проширување на можностите за формално и неформално образование и на достапност до разновидни извори на релевантни информации. Затоа нам ни е важно образованието. Сметаме дека сестраното образование ќе придонесе за развивање на општествената свест и, меѓу другото, свесност за потребата за воведување хумани политики за дроги.