„Жртвата никогаш не е виновна“, „Ако не ги казнувате силувачите, вие сте силувачот!“, „Додека жените не се слободни, сите сме заробени“, со вакви, но и слични транспаренти, десетици граѓани попладнево го започнаа маршот од пред Министерството за внатрешни работи.
Фотографии: Ванчо Џамбаски
Адвокатката Марта Гусар на денешниот протестен марш за случајот „Јавна соба“, проговори за тоа како и таа била жртва на групата на Телеграм.
„Ми пристигнуваа пораки на Вибер каде ми бараа ‘дискретни средбички’. Откако беше споделен мојот број, во првите неколку часа не можев да се соземам, дека мене тоа ми се случува, а тоа може секому да се случи. Направив принт-скринови од пораките и телефонските броеви на Вибер и го пријавив за сексуално вознемирување. Јас сум адвокат и си ги знам правата. Во мојот случај, за два часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот и оттаму апелирам до сите институции да постапуваат со еднаков третман кон сите. Јавна соба не е забава, туку класично кривично дело“, изјави Гусар.
Таа ги повика жртвите кои се соочиле со сексуално вознемирување веднаш да ги пријавуваат сторителите, да направат принт-скринови од сите разговори и повици.
„Мој глас беше гласот на сите оние девојки кои трпеле до сега или во иднина можеби се уште ќе трпат. Мислам дека беше доволно молк, мислам дека е време да се освестиме, сите да се разбудиме каде живееме, кого имаме до нас и какви работи поддржуваме, а какви работи не поддржуваме. Мислам дека е веќе доста да молчиме и да дозволуваме да бидеме газени, да се криеме, да почекаме туќиот срам да помине и ние да можеме да продолжиме со нормалниот живот“, рече Ана Колева
На денешниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, учесниците изјавија дека Јавна соба е кривично дело и побараа да се казнат лицата кои во Телеграм групата објавувале експлицитни фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, без нивна дозвола. Тие бараат законски измени во кои ќе се вметне интернет-вознемирувањето како кривично дело, а Јавното обвинителство да постапува навремено во однос на сексуалните вознемирувања на Интернет.