Седнуваш во кафана со другарите. Порачувате жолта и шопска. Вообичаено за почеток на дружбата, нели? Па добро, може да се порача и друга салата, ама овде во Македонија на шопска некако прво ни текнува. И ти прво на тоа помислуваш, дури и на зима кога патлиџаните и краставиците се поретки. А за ракија, се знае, жолта лозова. Кој може да замисли седнување во кафана без ракија и без салата?
Типично македонски. Не е дека сме гладни, ова е само за мезе, да не пиеме „на голо“.
Додека наздравувате се гледате в очи, како што е редот. И внимаваш со дното на твојата чаша да не чукнеш во отворот на чашата на оној со кого наздравуваш. Добро знаеш дека некои тоа го сметаат за тешка навреда. Хм, тоа е таа култура на пиење алкохол.
А како добро „лизга“ ракијата. Ти го отвора муабетот. Чашка по чашка, тема по тема. Па добро сега, и цигарче се пали. Мислам, може ли без цигара? Ти добро знаеш дека откако почна да пушиш многу полесно остваруваш комуникација. Како да имаш поголема самодоверба кога држиш цигара во раката. Го поткреваш бокалчето за да му дадеш знак на келнерот да донесе уште една тура ракија. Изверзирана кафанска гестикулација. Невербална комуникација. И еве го него, додека да трепнеш го наполнил бокалчето.
„Дај да порачаме и скара“, се договарате меѓу себе, „да се спрема додека завршиме со салатава“. „Направи еден овал мешано. Види таму кое месо ти е убаво.“, му порачувате на келнерот. Нема тука порачување секој за себе. Не сме „Енглези“. А и веќе потврдивме дека јадењето е за мезење.
Келнерот си ја брка работата, а ти ги загледуваш девојките кои седнуваат на масата од карши. И они дошле на „афтер ворк“ забава. Млади и згодни и веќе со кариера. Празник за очите, а Бога ми и за срцето. „Друже, прашај ги девојчињава што ќе се напијат – од нас?“, му повелате на келнерот. Им „пуштате“ по една пијачка – наједноставен начин да се оствари контакт во кафана. Баш се фини, ја прифаќаат пијачката и ви наздравуваат. Сега можете да ги поканите на вашата маса. И ете, веднаш се спојуваат маси, се прави нов распоред на софрата. Се порачува уште салата – поголемо е друштвото. А се зголемува и нарачката за скара. И нормално, уште ракија.
Келнерот се растрчува. Веројатноста за поголем бакшиш се зголемува кога има дечки кои сакаат да се докажат пред девојките кои штотуку ги запознаваат. Башка, тој ви посредуваше во запознавањето.
Ти светнуваат очите. Ова ти е веќе трета. Ама, пак, затоа муабетот се разигрува. Батали политика, сврти на мајтап. Се натпреварувате кој повеќе ќе ги засмее девојките. Весело е.
Стига и скарата. Ова е многу повеќе од мезе, ама не чини да нема.
Редно е да се смени и пијачката. Се прави нова нарачка за пиење. Кој вино, кој пиво, но никој не продолжува со ракија. Девојчињава не се баш скромни во изборот на вино, ама „кад је гроф био циција?“. Важно е дека сите се во добро расположение. И нормално, повторно не останувате на една тура. Се нарачува уште пиво и уште вино.
Иако замаеноста од алкохол е веќе забележлива, сите добро се држат. А и девојкиве добро поднесуваат алкохол. Сепак, веќе чувствуваш дека ја поминуваш границата. Интересно, во Македонија се смета дека мажите мора да пијат алкохол, но срамота е да се опијат. Забавуваш со пиење, а забележуваш дека и другите намалуваат. Доволно беше и јадење.
Додека келнерот ги собира празните чинии, учтиво ги прашувате девојките дали се за десерт. Тие одбиваат, па барате од келнерот да донесе сметка. Одбивате да земете пари од девојките. Мислам, каде се видело женско да плаќа во кафана? „Во ред, вие платете овде, ама ние ве носиме на кафе на некое друго место.“, предлагаат они. „Еј, фини некои девојки. Сакаат да продолжат со дружењето, а не дозволуваат да бидат доведени во инфериорна позиција.“, си помислуваш. Нормално е дека се согласувате. Треба да сте будали за да расипете забава која вака добро почна.
Не мора да одите далеку. Кафулето во следната улица е веќе полно, иако е 22 часот. Се „изборувате“ за едно шанкче и нарачувате пиво. „Па нели на кафе дојдовме?“, се мајтапи една од девојките, а многу добро знае дека во Македонија под „кафе“ се подразбираат повеќе видови дружење, но не и нужно пиење кафе.
Овде журката е веќе во полн ек. Изгледа дека и диџејот е посебно инспириран од новата шанкерка. Убаво е кога си опкружен со весели луѓе.
Веќе се издвојуваш со едната од девојките. Секогаш ти се допаѓале „плавки“, а оваа баш реагира на тебе. Алкохолот ти ја подгрева самодовербата и си дозволуваш да ја преминеш линијата на нејзиниот суверенитет. Уф, овој обид не ти беше баш тактички, ама она преминува преку тоа без да ја повреди твојата суета. Забавата продолжува. Доаѓа и третата нарачка на пиво. Другар ти излегува надвор на цигара со онаа црнката со долга коса. Цигарата му тлее меѓу прстите додека ја „гуши“ со некакви филозофии, а таа покажува необично големо трпение за неговите „трипови“.
Заминуваш со „плавката“ и ги оставаш другите двајца другари со другите две девојки. Очигледно е дека добро се забавуваат и ќе разберат зошто заминувате без поздрав. Си се „свиѓате“ со девојката и нема потреба да глумите „лудило“. И двајцата знаете дека сакате да бидете заедно. И сами. „Чекај малку, не мислиш ваљда да возиш?“, те прашува она додека се обидуваш да ја отклучиш „колата“. Отвораш уста за да ѝ објасниш дека кога пиеш „боље возиш“, ама зборовите ти замрзнуваат во устата. Стоиш пред девојка со став и јасно ти е дека она не сака „бед трипови“ поради балкански типови. „Одиме со такси. Јас плаќам. Колата можеш да си ја земеш утре.“, вели она и поаѓа, а ти ја следиш маѓепсан од нејзината сувереност. И веќе се гледаш себеси во иднината заедно со неа.
Вања Димитриевски
Авторот работи како програмски асистент за едукации и истражување во ЦЕДИ – Центар за едукации, документирање и истражување при Здружението ХОПС – Опции за здрав живот. Има магистратура по етнологија и антропологија и долгогодишно истражувачко искуство меѓу различни општествено-маргинализирани групи/заедници, особено меѓу луѓето кои употребуваат дроги.