Борбата со депресијата и телесните болки со помош на марихуаната работи поинаку. Се кинат завесите на свеста и стварноста. Работите кои ги криеме сами од себе и она што не сакаме да го видиме е јасно. Искреноста на доживувањата е поразителна. Симболиката во која потсвеста сака самата со себе да искомуницира е зачудувачка. Стравовите избиваат многу видливо. Перцепцијата на времето е изменета. Сетилата се почуствителни и надразнети. Се гледаш дали се сакаш себе или не. Ама баш без лажење. Нема фејк. Ни со другите.
Здраво.
Ме радува вашата покана да проговорам за моето искуство со, како што ги нарековте вие, рекреативните дроги.
Не сум баш сигурна што всушност ќе биде од корист за вашите цели од мојава приказна, но ќе се обидам да се изразам најискрено што можам.
Жив човек сум и веќе ми се натрупаа години. Животот испадна дека е долг и убав, иако знам дека истовремено може да биде тажен, страшен и краток. Како ваш жив современик што го живее денешниов вриеж најчесто тврдам дека светот е лудница. Сите се дрогираат. Дали со рекреативни или тешки дроги, дали со алкохол, дали со апчиња, дали со видеоигри, дали со серии… Прашањето е што е вашата дрога.
Никогаш не очекував дека ќе пробам марихуана, па мислам дека за некој со мои тогашни убедувања, кои беа од религиска природа, фактот дека моите синови тајно користат, па уште и не беа заинтересирани за образовниот систем, ми падна како мрак пред очи и сосем ја изгубив земјата на којашто стоев. Во секоја смисла се влечев по земја. Ееее, после цел живот галење, трпење, работа и тресење над нив.
Но, од толкав мрак излезе и зрак светлина за мене. Од толку љубов и караници меѓу нас, за среќа имаше и една многу секси „јас“ која во едни рани зори собра од тоа марихуаната што ѝ идеше да ја изгори во оган, невешто си свитка една мешавина со тутун, се загледа во изгрејсонцето на отворен прозор, за никој никогаш да не дознае, и запали. И додека си викаше со умот колку е глупо ова, ова ништо не прави, што се глупираат децава, наеднаш толку се возбуди што речиси како некој да ја исфрли од самата себе со катапулт и во секундата ја врати назад во телото. Па така едно илјада пати.
Во следен миг таа „јас“ изгрејсонцето го виде како првпат во живот. Вау, колку е убаво!!!
Но, убавото се изгуби некаде во останатите три-четири часа неверојатна параноја во која молев да ме убијат, буквално во солзи, се тресев и четворица мажи не успеваа да ме смират. Бегав како луда, само одев од место на место, по дома и надвор, отпосле барајќи духовници, помош од пријатели и сл.
Но, тоа брзо ми помина, како што полека ми поминаа и очекувањaта дека некој ќе ме спаси. Секој си го прави животот. Во некоја мистична смисла, човекот е како дрво и патиштата му се гранаат и постојат многу патеки кои секој од нас ги изодува секој ден и низ времето.
Имав секогаш многу работа и обврски. Се грижев со сета сила, дење и ноќе, без престан за многу луѓе и за светот. Растам и учам и се менувам заедно со светот и годините. Одговорна сум пред својата совест. Постоењето е чудна работа. Сѐ се случува симултано.
Децата не се веќе деца, а и одговорноста за нив не е во тоа што ќе ги направам роботи, некој по мој крој.
Како што ми докажа времето нивната употреба на дрогата се намалуваше и со текот на времето исчезна. Самите сметаа дека многу научиле од тоа, но дека е истоштувачки.
Прашањето што барале и што нашле не можам да тврдам со сигурност, но за неколку месеци имав дома луѓе кои за краток период станаа многу пофини и повнимателни личности, кои многу поактивно и поинтересно живеат, не сакаат да се караат (а пред тоа 20 години се замаравме со постојани необјасниви немири и караници), учат со радост, внимателно вежбаат и се набљудуваат. Помагаат и истражуваат и наеднаш конечно пројавуваат некој интерес за разни работи како образованието, меѓу кои и чаеви (билкарството ми е голема љубов, изучувам, собирам и истражувам билки), одат по планини и сл. Чувствуваат.
Канабисот е многу интересна и мистична билка. Анализирајќи го со време тоа што го доживеав првиот пат и од временска дистанца гледајќи наназад – искуството го разбрав многу поинаку.
Еден вид откровение.
Како некој кој трагал по вистински вредности во животот, бев среќна што ме маѓепса светот на билките и лекувањето со растенија. Цела Македонија е богата со ливади, шуми, лековити растенија и безбројни природни богатства. Годините те прават сведок на промените по планините, околината, сведок на сезоните и менувањето на растителниот свет. Билките се воспеани во поезијата, магични во приказните (а и во животот), славни по мирисот и убавината, обожувани и изобразувани на секој начин. Жените се споредуваат со цветови, а тие радуваат и лекуваат.
За секоја билка напишани се и објаснети многу нешта, но канабисот е обвиткан со мистерија во уметноста, во човечкото творештво… Табу е за мнозина. За некои не е. Интересен е заради луѓето кои го користат. Дел е од културата, историјата, разните ослободувачки движења, духот на музиката и состојбата на оние кои твореле користејќи ја билката.
Во литературата и човечките обичаи можете да ја најдете дрогата како водителка во визиите на шаманите, вештерките. Права „Мајка Јана“ за сѐ.
Денес е легализирана во повеќе земји, но и тоа е под законска контрола. Предрасудите кон дрогата се големи, а постојат низ продукти кои се дозволени за лекување и го освојуваат пазарот, но се лишени од компонентата која има халуциногено својство. Благородна и лесна за одгледување. Успева секаде бидејќи е како коров. Има широк спектар на дејство врз здравјето.
За ова списание можеби од најголем интерес е токму едно својство на билката, нејзината моќ да влијае на перцепциите на стварноста и доживувањата на „себе“.
Бидејќи делува на свеста и доживувањето на целото тело и ум се користи кај психички заболувања.
Дури и потешки психички заболувања.
Но, нејзината употреба или злоупотреба се чудни категории на употребата.
Светот е оптегнат меѓу крајности.
Секој е приказна за себе.
Ако на некој се обидеш да му објасниш дека не може да види и да доживее ништо освен она што е самиот и на јаве и на сон… како ќе те сфати?
И ако кажеме дека човек не умее да комуницира ниту со себе, ниту со луѓето, ниту со природата… дали е претерано?
Факт е дека без оглед колку сме среќни, постои длабока изместеност. Што значи да се дрогираш е исто толку тешко прашање како и што е човек.
Рекреативната употреба на дрогите е потрага по нешто повеќе во себе. „Рекреира“ буквално значи „Наново Создава“.
При моето набљудување на дејството на дрогата соочувањето со себе е важна работа.
За толку употребуваните и пропишуваните антидепресивни апчиња, со кои како што искуството покажа, покрај сите наши тетки, баби, свекровци и свекрви, се дрогираат дури и рибите, изврши истражување антрополошкото и светски познатото списание „Национална географија“.
Според истражувањето, толку многу користење и произведување на антидепресивните дроги од фармаколошката индустрија создава отпад кој ги дрогира дури и многубројните јата риби во океанот, па ние после и ги консумираме.
За разлика од антидепресивните апчиња кои го отепуваат и затапуваат човекот и го успиваат на некој начин, борбата со депресијата и телесните болки со помош на марихуаната работи поинаку.
Се кинат завесите на свеста и стварноста. Работите кои ги криеме сами од себе и она што не сакаме да го видиме е јасно. Искреноста на доживувањата е поразителна. Симболиката во која потсвеста сака самата со себе да искомуницира е зачудувачка. Стравовите избиваат многу видливо.
Перцепцијата на времето е изменета. Сетилата се почуствителни и надразнети.
Се гледаш дали се сакаш себе или не. Ама баш без лажење. Нема фејк. Ни со другите.
Да се осетиш што си и што сакаш со себе не е лошо да се запрашаш на било кои години. За мене соочувањето со себе е страшна работа. Посебно ако си долго заглавен во милион редови и го живееш животот како робот трчајќи од обврска до обврска чувствувајќи се притоа болно, изморено и без некоја надеж за светла иднина и добри односи, додека светот околу тебе се руши и менува, а сите се незадоволни.
Одговорно се запрашав што сакам и како можам да си помогнам. Тоа не се сетив да го направам никогаш пред да го имам искуството со марихуаната. Не знаев ни дека постојам, трчајќи по редови и лажни надежи. Повеќе мислејќи за смрт отколку за живот, но погодена од убавината…
Од тогаш слушам музика. Учам. Читам со друг ум. Го сакам и целото искуство со сето тоа. Го сакам своето тело и не го сметам за грешно. Вежбам со децата навистина внимавајќи на целите нив. Масирам. Вежбам дишење. Немам предрасуди. Сакам поинаку. Можам да го претрчам цело Водно двапати на ден, да завршам некоја работа, да чувам огромно семејство и куќа и да живеам во свет на фантазии постојано работејќи со мали деца. Ги гледам вистински и ги описменувам, а и тие мене. Почнав и да танцувам. Тоа не го направив дваесетина години, а танцувањето и играњето се заразни работи. Комуницирам послободно. Играм игри. Проучувам ѕвезди. Знам приказни за приказни за приказни… Ми се мрдна паметот, па и запеав. Ете, бев како стара баба пред тоа.
Да се зачауриш во навики и да си го деформираш сам телото, секогаш живеејќи во голема подвоеност сам со себе, е дволичноста на денешницата. Она кое сме се рефлектира на целата Земја. Ако се прави нешто треба навистина да се прави со срце и ум. Со чувство.
А тоа е одговорно живеење. Не чекање некој да ги поправи твоите глупости и да те унапреди.
На некои не им треба дрога за да се рекреираат и создадат одново. Ги знаат овие работи. Некој мисли дека дрогата е таа која им е главна работа во животот.
За мене, како љубител на билките, канабисот е добар рекреативен лек кој не треба да се злоупотребува.
Искуството не беше воопшто тоа што го очекував и предрасудите кои ги имав се срушени. А животот испадна долг и убав.
Автор: Мајка