Четврток | 10 септември | 19 часот, организираме онлајн разговор на Фејсбук страната на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, каде во коментари ќе можете да ги поставите вашите прашања. Темата е “Зависности кај деца и млади во време на пандемија”.
Децата и младите кои употребуваат дрога, како и нивните родители честопати се соочуваат со крајно предизвикувачки ситуации, предизвикани од кризата и сето тоа резултира со огромни нивоа на стрес, вознемиреност, недостаток на пристап до терапија. Сегашната пандемија Ковид-19 дополнително ги влоши проблемите со кои се соочуваат децата и младите кои употребуваат дроги.
Проблемите се здравствени (пристап до медицински установи и здравствена заштита), психолошки (страв за нивниот живот, стрес, вознемиреност) и економски (губење на работата или губење на работата на нивниот родител).
Во време на Ковид-19, нашите психолози кои работат во Центар за рехабилитација и ресоцијализација, имаа зголемен број повици од родители на деца и млади кои употребуваат дрога, барајќи психолошка поддршка во овие времиња.
И покрај тоа што проблемот за лекување на децата кои употребуваат дроги во Северна Македонија постои многу оддамна, сè уште не постои државно финансирана национална програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. ХОПС работи на овој проблем долги години, а во 2018 и 2019 година го иницираше и олесни процесот на подготовка на “Програмата за третман и грижа на малолетни лица кои употребуваат психоактивни супстанции”. За жал програмата сè уште не е усвоена од националните власти.
На оваа тема наши соговорници ќе бидат: Деспина Стојановска -Психолог и Дарко Богески – активист и параправник во ХОПС, додека разговорот ќе го модерира Благородна Коцева Симјанов.
Овој настан е поддржан од OSCE Mission to Skopje во склоп на проектот: “Живеење со зависност – подобрување на менталното здравје и квалитетот на живот на децата и младите кои употребуваат дроги за време на пандемската криза на Ковид-19”.