Семејното насилство и зависноста од дроги се предизвици во областа на јавното здравје насекаде низ светот и многу често се непосредно поврзани.
Случаите на семејно насилство се значително покомплексни за решавање кога еден или двајцата партнери (или други членови на семејството) се соочуваат со зависност од употреба на дроги. Ова сознание ни нуди можност да ја разбереме важноста од грижа за жртвите и сторителите истовремено, за нивната здравствена состојба, како и за превенцијата на идно насилство. Комплексноста на феноменот и неговата споредба со „циклус“ кој има тенденција да се повторува се базира на причинско-последичната врска меѓу зависноста и семејното насилство – неможноста да се обезбеди дрога, во сплет со други фактори, често влијае на зголемување на нетрпеливоста во семејните односи и односите со други блиски лица, и обратно – семејното насилство ги намалува самодовербата и мотивацијата, го зголемува стресот и жртвите често посегаат по супстанции со цел да ја ублажат физичката и емоционалната болка. Кога околностите се влошуваат, особено по преживување траума, жртвите земаат поголеми количества на дроги за да ја издржат ситуацијата.
Зависноста од дроги и семејното насилство влијаат на квалитетот на живот не само на непосредно инволвираните лица туку и на нивните деца и на повозрасните лица − на физичката и психолошката благосостојба на целото семејство. Откако ќе се откријат проблемите, системот мора да биде насочен кон заштита од семејно насилство и третман на зависности за да се намали понатамошната виктимизација и нејзиното влијание врз здравјето и благосостојбата на идните генерации. Сепак, откривањето на коренот на проблемот од страна на сите чинители во системот не е толку едноставна работа. Честопати жртвите кои се обраќаат за помош во институции, па дури и во граѓански организации кои нудат услуги за заштита од семејно насилство, настапуваат со недоверба поради стравот од стигма и не споделуваат дека освен насилството се соочуваат со зависност. Овој податок е исклучително важен за да може на проблемот да му се пристапи од повеќе аспекти и да се понуди соодветна поддршка. Доколку не се споделат информациите, поддршката нема да биде доволна за да одговори на комплексниот проблем, туку ќе го адресира само семејното насилство без да влијае на етиологијата.
Нашиот систем за превенција и заштита од семејно насилство не е доволно ефикасен за да се справи со семејното насилство и соодветно да одговори на потребите на жртвите генерално, а особено доколку жртвата се соочува со зависност. За поголема заштита неопходно е вклучување на граѓански организации кои нудат специјализирани сервиси за поддршка. Најпрво, здравствените работници како прва алка во системот мора да се фокусираат на безбедноста на своите пациенти, обезбедувајќи информации за пристап до Полицијата, Центарот за социјални работи и другите сервиси кои се нудат како пристап до бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка. Може да се понудат опции за помош кои се достапни и за семејно насилство и за зависност од дрога, вклучително и да се понудат сервиси од граѓански организации кои нудат помош и поддршка при заштита од семејно насилство како и помош и поддршка за корисници на дроги.
Позитивен пример за помош и поддршка на жени жртви на насилство кои се зависнички од дроги е „Сигурната куќа“ во Словенија која е единствената во Европа која е специјализирана за жртви на семејно и партнерско насилство, кои воедно се и корисници на дроги. Таму се обезбедува сместување и целосна психосоцијална поддршка со цел реинтеграција на жртвите и помош при третирање на зависноста. Ваквиот пример за сеопфатен пристап кон проблемот треба да се преслика и во нашиот систем за да се понуди ефикасен институционален одговор и успешен резултат.
Поради присуството на разни форми на насилство врз жени зависнички од дроги, секогаш постои дополнителен ризик од ново насилство што може да се намали со навремено обезбедување на безбедно сместување. Процесот на рехабилитација и зајакнување на корисничките на дроги е попречен од недостатокот на програми за психотерапија кои би можеле да им помогнат во надминувањето на преживеаната траума. Поради недостаток на обучен персонал, јавниот здравствен систем не им обезбедува соодветна помош, па овде огромна улога имаат граѓанските организации кои работат со ранливи групи и нудат бесплатни и доверливи услуги за зајакнување на нивните корисници.
На жртвите кои се зависни од употреба на дроги треба да се пристапи индивидуално со цел да се постави остварлив план кој ќе им помогне да си го променат животот. Психосоцијалната поддршка која ќе се понуди од стручни лица може во голема мера да помогне во јакнење на самодовербата, остварување на домување, економско осамостојување и, најважно, контролирана употреба на дроги и поголема мотивација за користење заменска терапија.
Во недостаток од државни сервиси за поддршка на жртви на семејно насилство и на лица кои се зависни од употреба на дроги, организациите кои се специјализирани во работата со ранливи групи имаат секојдневна меѓусебна соработка. Организација која е специјализирана за превенција и заштита од семејно насилство може преку свои партнерски организации да понуди поддршка и за проблемот со зависноста од дроги.
Колку е покомплексна ситуацијата, толку е подолг патот и толку подолго ќе трае процесот на усвојување позитивни промени и развивање нови модели на однесување. Отпорот и недовербата кон институциите во нашето општество се разбирливи со оглед на начинот на кој сè уште се доживува проблемот со дроги и честите пракси на ревиктимизација на жртвата токму поради фактот што користи дроги. Сепак, граѓанските организации кои се специјализирани во нудење помош и поддршка на жртви на семејно насилство се обучени и се сензитивни за работа со ранливи групи и оттука отворениот пристап е клучен за да се добие квалитетна, навремена и сеопфатна помош и поддршка. Колку лицето подолго се соочува со проблемот без да го адресира, емоционалната болка се влошува, а со тоа и проблемот со зависноста се продлабочува. Од исклучително значење е навремено да се побара помош.
Последиците и справувањето со насилството поврзано со дрога се проблеми кои бараат координиран одговор меѓу здравствените работници, органите на прогонот, центрите за социјални работи, граѓанските организации и другите чинители во системот. Јавното здравство има клучна улога во координирањето на мултисекторскиот одговор за спречување насилство поврзано со дрога. Справувањето со причините и последиците бара интегриран пристап кој ги препознава и реагира на ризик факторите на сите нивоа.
Потребно е градење капацитети и обука на персоналот, особено на оние кои редовно доаѓаат во контакт со корисници на дрога или жртви и сторители на семејно насилство, со цел да им се овозможи да идентификуваат насилство поврзано со зависност од дроги и да се обезбеди поддршка или упатување на лица до соодветните услуги.
Авторка: Росана Богатинова
Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје во областа на кривичното право и криминологијата.