Кога во едно семејство има зависник од наркотици, тогаш речиси и да се чувствува како заедницата која е градена со години почнува да пука, дури и таму каде што била најцврста. Злоупотребата на наркотичните средства не е проблем само на лицето кое ги зема. Таа станува проблем на родителите, на брачниот партнер, на партнерот со кој е во врска, на браќа и сестри, на деца, па некогаш дури оди и пошироко, кај братучеди, баби, дедовци…
Криење и разоткривање
Некое лице може колку сака да крие дека злоупотребува потешки наркотици, да се обидува да замаскира, но сепак, во даден момент некој ќе забележи. Физички докази ќе има многу, но зависното лице ќе ги одрекува, а оние околу него ќе припишуваат на коинциденции, случајности, на погрешно толкување на знаци… Кој би сакал да признае дека некој кој ни е толку близок, кој го сакаме и без кој не можеме да го замислиме својот живот, би го направил тоа?
За злоупотребата на тешки дроги учиме и во училиште, сме гледале филмови, сме гледале некој друг како пропаднал. Сме се плашеле од спотот на Врчак – „Повторно сам“, ни се тресела в раце „Ние, децата од станицата ЗОО“ на Кристијана Ф., а од филмовите како „Реквием за еден сон“ сме имале кошмари со недели подоцна.
Па, се прашуваме, зошто баш тој/таа? Зарем не ги знае последиците? Зарем не знае што сè може да се случи? Но, ниту некој може вечно да се крие ниту, пак, да се надева дека некој друг нема да забележи.
Фаза на одбивање на реалноста
Некој во семејството во даден момент ќе забележи дека нешто не е во ред. Ќе сфати дека снемуваат пари од паричници, дека однесувањето не е вообичаено, дека телесниот мирис не е како што отсекогаш бил, на облеката ќе има дамки, а секојдневните активности ќе се одвиваат во чуден временски распоред. Но, ќе најдеме оправдување за сè.
И за мирисот − бил/била некаде кај некого, може така им мириса дома. За парите − можеби јас ги имам потрошено, ама не се сеќавам. За времето − луѓето се менуваат, не мора засекогаш истите навики… Но, симптомите ќе стануваат поочигледни, а докази ќе има сè повеќе и повеќе. Тие докази ќе нè однесат до сознанието кое го одрекуваме со месеци, дека некој кого го сакаме е веќе длабоко зависен и дека не бира средства и зборови, ниту постапки, со кои ќе повреди.
Најстрашниот дел е тоа што знаеме дека не земаат чист наркотик. Честопати тоа е толку мешано со други лекови, за да се засили дејството, што само ни останува да се молиме дека ќе можеме да воспоставиме контрола врз тоа што се случува. Но, тешко е. Имаме зависно лице кое ни самото не е свесно на што се има „навлечено“.
Спротивставување, прифаќање, помирување
Лицето ќе се противи дури и кога ќе приложите физички доказ. Ќе се брани со нелогичности, што уште повеќе го повредува семејството. Родителите ќе се прашуваат каде згрешиле и што направиле за да им се случува тоа. Браќата и сестрите неправедно ќе бидат заглавени во целата таа ситуација која сериозно влијае врз менталното здравје. Стравот кога лицето не е дома, па дури и кога е во тоалет, е во најмала рака ужасен. Никогаш не сме сигурни дали е добро, а на секое ѕвонење на телефонот ситни морници шетаат по телото.
Во даден момент зависникот ќе попушти. Ќе признае. Ќе каже што се случува. Ќе покаже и желба да се извлече. Помалку или повеќе ќе се бори со зависноста, ќе бара, ќе има кризи, а сето тоа ќе биде проследено со многу солзи, со многу бес, лутина, од сите засегнати страни. Секој ќе се чувствува предадено, изиграно, злоупотребено, иако вистината е дека целото семејство е жртва на овој вртлог.
Некои луѓе ќе имаат среќа да ја завршат оваа приказна успешно, а други ќе изгубат засекогаш некого кого го сакаат.
Но, факт е дека без оглед на исходот − никој од нив никогаш веќе нема да биде истата личност. А сите тие се всушност толку занемарени во целиот процес, кога фокусот е ставено на лицето кое зема тешка дрога.
Како излегов од кругот во кој бев затворен/затворена?
На крајот на текстот ќе споделам дека претходните редови се напишани во неколку минути, со тресење на рацете и треперење во грлото бидејќи јас и моето семејство поминавме низ тоа. Нашата приказна е од оние кои завршија со среќен крај, со член на семејството кој е „чист“ повеќе од пет години.
Но, знаеме и за такви кои веќе немаат некој свој поради злоупотреба на дроги.
Излегувањето од таа ситуација беше претешко. Јас бев лицето кое ги наоѓаше доказите, кое се плашеше секојдневно да биде во иста соба со зависникот, кое го проверуваше дали дише ноќе и дали воопшто е во собата, дали ќе излезе во 3 часот по полноќ и дали воопшто ќе се врати следниот ден.
Како сестра на излечен зависник, една од најтешките одлуки кои ги донесов беше оддалечување од кругот на семејството. Секогаш ми е тешко гласно да признаам дека во целиот тој хаос − јас бев колатералната штета. Морав да направам многу жртви, да им дозволам на родителите да се посветат таму каде што се попотребни, а моментите како паѓање година на факултет, прво вработување, психотерапии, раскинување на долга врска, губење на работа и губење на дел од пријателите, да ги поминам сама.
Во даден момент имам грижа на совеста што го направив тоа и се осамостоив пред воопшто да бидам свесна дека умеам сама. Но, психолошкиот товар да се биде во иста заедница беше преголема жртва која мојата возраст не ми дозволи да ја преземам. Сепак, решив дека имам „живот за живеење“ и иако секоја ноќ ја поминував гушејќи се во сопствените солзи, неколку години подоцна не се каам што постапив така. Знам дека направив доволно, па дури и повеќе од што може да поднесе млада личност во своите рани 20-ти. Имав некаква среќа да се најдам со вистински луѓе во вистинско време за да не дозволам моето ментално здравје да се скрши. А беше на раб.
Немам никаков совет да им дадам на оние кои се со истиот проблем. Секоја приказна е различна. Можам само да посакам да имаат барем половина од желбата за извлекување која ја имаше „нашето“ зависно лице бидејќи олеснува многу.