Програмата застапување опфаќа различни аспекти поврзани со политиката на дроги, регулирањето на сексуалната работа, третманот на корисниците, застапеноста на корисниците како креатори на политики и донесувачи на одлуки, финансиската поддршка која државата ја дава на програмите за лекување, намалување на штети, рехабилитација и ресоцијализација.
Целни групи: носители на одлуки, експерти од областа, академската јавност, граѓанскиот сектор, медиумите, лица од заедницата на КД и СР и општата јавност.
Цели на програмата:
• Развиен модел за регулирање на сексуалната работа во Република Македонија;
• Развиен модел за контролирање и регулирање на дрогите во Република Македонија;
• СР и КД се препознаени и активно вклучени во национални и локални стратегии и акциски планови и подобрен пристап до здравствени и психосоцијални служби;
• Обезбедена одржливост на програмите и сервисите за КД и СР и нивно вклучување во националните и локалните буџети на релевантните министерства и единиците на локалната самоуправа во Република Македонија;
• Човековите права на КД и СР се почитувани во Република Македонија;
• Системско воведени наставни програми за политиките и практиките за
намалување штети од употреба на дроги и сексуална работа во средното и високото образование во Република Македонија.
Клучни резултати од досегашната работа:
Во 2010 година на XVIII Меѓународна конференција за СИДА во Виена, ХОПС ја доби наградата за делување на полето на ХИВ/СИДА и човекови права за својата долгогодишна професионална работа и посветеност на ова поле од страна на Канадската правна мрежа за ХИВ/СИДА (Canadian HIV/AIDS Legal Network) и Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch).
ХОПС активно учествува во комисии и работни групи за креирање и следење на спроведувањето на националните и локалните стратегии и планови, како што се Националните стратегии за ХИВ/СИДА 2003-2006; 2007-2011 и 2012-2016, Национална стратегија за туберкулоза 2013-2017, Национална стратегија за дроги 2006-2012.
ХОПС е еден од основачите, а од мај 2012 и Претседавач со работата на Националниот координативен механизам за грантовите за ХИВ и туберкулоза, поддржани со грант од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.
Во партнерство со ТРИМБОС институтот за ментално здравје и зависности од Холандија, преку пилот проектот „Воспоставување на програма за превенција од злоупотреба на дроги во средните училишта во Република Македонија (2009 – 2011)”, ХОПС успеа системски да ја воведе програмата за превенција од злоупотреба на дроги и други психоактивни супстанции како дел од Програмата за образование за животни вештини што се спроведува во средните училишта во Република Македонија.
Во соработка со Град Скопје, во периодот 2005/2006 година, ХОПС го помогна основањето и работата на Локалното координативно тело за дроги на Град Скопје, како и развивањето и следењето на имплементацијата на Локална стратегија за дроги на Град Скопје;
Во 2007 година, во соработка со УНИЦЕФ и локалните самоуправи од 6 града, ХОПС ја помогна изработката на Локални акциони планови за превенција на ХИВ/СИДА во Тетово, Гостивар, Куманово, Битола, Прилеп и Штип.
Во 2005 година ХОПС го иницираше основањето на Македонската мрежа за намалување на штети (ММНП), а во 2008 година, на Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, со цел зајакнување на напорите за застапување во промоција на човековите права и борбата против стигмата и дискриминацијата на корисниците на дроги, сексуалните работници, ЛГБТ заедницата и луѓето коишто живеат со ХИВ/СИДА. Од 2005 – 2010, ХОПС служеше како секретаријат на ММНШ и на Коалицијата, обезбедувајќи континуирана координација и техничка поддршка за нивните членки.
Во текот на 2008, во соработка со Витнес (Witness) ХОПС започна да работи на воведување на видеото како алатка во застапување за правата на маргинализираните заедници. Резултатот беше продукција на видеото „Треба да знаеш за мене – Права, а не насилство за сексуалните работници во Македонија”. Во 2009/2010, како јадрен партнер на Витнес, ХОПС започна со изградба на сопствени капацитети за видео продукција и видео застапување и досега има произведено повеќе од 20 видеа во соработка со Screaming Snails Production и организирано обука и поддршка за видео застапување за невладини организации.
Активно учествува во разни регионални и меѓународни мрежи, коалиции и тела, како што се: Mрежата за застапување на правата на сексуалните работници во централно источна Европа и централнa Азија (SWAN); Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа (ICRSE); Граѓанскиот форум за дроги при Европската комисија во Брисел (CSFD); Европската мрежа за намалување штети (EHRN); Меѓународен конзорциум за политика на дроги (IDPC) и др.