Со тренинг во Скопје започна циклусот од девет регионални тренинзи за јакнење на капацитетите на стручниот кадар за превенција од употреба на дроги во училиштата, што се реализира во рамки на проектот „Воспоставување национален систем за превенција од употреба на дроги во училиштата“.
Во текот на следните месеци, на тренинзите ќе учествуваат 216 наставници, психолози, педагози, социјални работници и други стручни лица од 108 средни училишта од сите плански региони во Северна Македонија.
Целта на тренинзите е да се зајакнат капацитетите на професионалците кои работат со млади за планирање, спроведување и унапредување на превентивните активности во училиштата, во согласност со современите научни сознанија и меѓународните стандарди за превенција.
Во текот на тридневната програма учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основните принципи на ефективната превенција, факторите на ризик и заштита кај младите, карактеристиките на програмите засновани на докази, како и со Националните стандарди за превенција од употреба на дроги и програма за превенција развиени во рамки на проектот.
Особено внимание е посветено на улогата на училиштата во создавање средина која ги поддржува здравиот развој, благосостојбата и отпорноста на младите, како и на улогата на наставниците и стручните служби во препознавање на ризиците и развивање квалитетни превентивни активности.
Тренинзите претставуваат важен чекор кон понатамошно унапредување на превенцијата во училиштата и создавање основа за поодржлив, покоординиран и поквалитетен пристап кон справување со предизвиците поврзани со употребата на дроги кај младите.
Проектот „Воспоставување на национален систем за превенција на употреба на дрога во средните училишта“ е финансиран од Европската Унија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).
Содржината на оваа објава е единствена одговорност на ХОПС – Опции за здрав живот и не ја одразува нужно гледната точка на Европската Унија.
