Понеделник, 17 мај 2004 година
Рано утро. Надвор сè уште беше темница. Ме разбуди чувството на болка во целото тело. Се тресев. Бев препотена. Ми беше ладно. Нервите „ми играа“. Ме фаќаше криза. Уффф, колку беше силна… Ужасно се чувствував. А што сега? Прашање. Што правам од самата себе?
Во тој миг ми се случи – КЛИК. Се згрозив од помислата дека на една хероинска прашина ѝ дозволувам да владее со мене. Се прашав себеси: – Зарем единствената цел во животот треба да ми е земањето на дрога? Секојдневно да трчам по пари за да набавам нова доза хероин? Тоа да ми биде единствената преокупација во животот? За ништо да не размислувам? Себична сум. Јас и никој друг. Моите потреби, потребите кои ме носат во пропаст, кои ме прават мрзлива, неодговорна, агресивна, кои ме тераат да страдам. Преплашена сум. Ако претходно станував и прво одев во тоалет, сега мора прво да земам, па потоа ќе можам да функционирам. Па каков е овој живот? Уффф, бизарен живот. Живот во агонија. Исполнет со болка, патење, страв…
Среда, 5 септември 2007 година
Денес завршив со метадон. Ова беше мојата последна терапија. Доста беше. Веројатно сум една од ретките што го искористив метадонот како лек. Излегов од мојата агонија. Верувам во себе и започнувам нов живот. Стариот живот го оставам засекогаш зад мене. Го отфрлам како извалкана, искината и непотребна облека. Излегувам од неа. Оставив дрога, но тоа не било најтешкото. Тешко ми е сега да живеам без неа. Не можам да го пополнам времето. Не знам што да правам. Сè што претходно правев, сега повеќе нема смисла. Со сите пријатели и секое излегување, секој разговор е за дрога. Како да не мислам на неа, а сè ме потсетува на тоа? Тешко ми е, ништо не правам. Се чувствувам бескорисна и само знам што си посакувам себеси за во иднина. Но, како да стигнам до тоа?
Да отворам нов прозорец, а со тоа да отворам и еден нов свет што одамна не сум го почувствувала. Како ли се прави тоа?
Петок, 7 септември 2007 година
Денес почнав да правам структура за секој ден.
Станувам рано и си варам кафе. Чувствувам дека нешто ми недостасува и со сета снага ги влечкам мислите на друга страна. Го носам детето во училиште и на враќање одам во продавница. Се забележувам себеси како се радувам на секоја ситница што ќе ја купам.
За да го исполнам празното време, почнувам да готвам.
Кога ми станува здодевно погледнувам на ѕид каде што е листот со наброени работи кои би можела да ги правам.
Читам книги. Излегувам со пријателки и за сè што разговараме станувам љубопитна и почнувам да ги истражувам нештата.
Го истражувам животот. Чувствувам како се менувам. Повесела сум, поодговорна и попозитивна. Не ми е доволно ова што го постигнав. Барам работа. Поддршката спонтано ми доаѓа од сите страни, но најмногу ми значи таа од најблиските. Новите пријателства и можноста да работам беа бесценети. Кога другите видоа дека јас почнав да се сакам самата себе, почнаа да ме сакаат и тие мене.
Понеделник, 25 август 2014 година
Десет години! Повеќе од десет години поминаа откако ја донесов ГОЛЕМАТА одлука. Мојот живот сега е многу поинаков.
Наутро кога ќе ги отворам очите сум весела, среќна и задоволна од самата себе. Го имам семејството, ја имам работата, ги имам пријателите. Почнав со потрагата по место за себе во новиот живот, по нови можности и успеси. Си ја вратив самодовербата. Ја презедов одговорноста за МОЈОТ ЖИВОТ во сопствени раце, но и за животот на моето дете кое целосно зависеше од мене. Помислата на оваа одлука ме прави горда, весела и исполнета.
Животот денес ми е многу различен. Радосна сум. Се гордеам на мојата борбеност, успешност и на можноста да доживувам спокој и мир во душата. Способна сум да бидам мајка и да го воспитувам моето дете. Сега со овие очи животот го гледам поинаку. Се радувам на малите нешта. Се радувам на секој постигнат успех, на секоја нова идеја која се раѓа во мене, се радувам на денот и се чуствувам жива. Си помислувам колку сум среќна што воопшто можам да го живеам животот со секоја негова убавина, а притоамногу различен. Радосна сум. Се гордеам на мојата борбеност, успешност и на можноста да доживувам спокој и мир во душата. Способна сум да бидам мајка и да го воспитувам моето дете. Сега со овие очи животот го гледам поинаку. Се радувам на малите нешта. Се радувам на секој постигнат успех, на секоја нова идеја која се раѓа во мене, се радувам на денот и се чуствувам жива. Си помислувам колку сум среќна што воопшто можам да го живеам животот со секоја негова убавина, а притоа да сум „чиста“.
Ах, да имам моќ и да направам ова чувство барем за миг да го доживеат оние кои сè уште имаат мака со дрогата.
Денес светот е мој. Исполнета сум со среќа, а нереалните доживувања кои претходно ме правеле среќна сега се заменети со реални кои – верувале или не – се побројни, помоќни и поразнолики. Се разбира дека не е совршено, но не може ни да биде. Секој човек, па така и јас, чувствувам тага, имам нервози и тековни проблеми. Разликата е што сега цврсто им погледнувам во очи и ги надминувам со сета моја свесност. Не се залажувам со грандиозни мисли за идеалност и ја живеам реалноста со сите нејзини доблести и мани. Во секој случај е многу подобро за моето семејство, за сите околу мене, но најбитно од сè, подобро е за мене.