Во изминатите години земјите во Европа се соочуваат со комплексна ситуација во однос на
дрогите која се карактеризира со висока достапност и поголема разновидност во моделите на
употреба на дрога.1
Канабисот е најчесто употребувана дрога во сите земји каде е спроведена
ЕСПАД студијата, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Според Европското веб истражување
спроведено во март и април 2021 година, во кое учествуваат и земјите од Западен Балкан, покажа
дека од 2174 испитаници од Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, 91%
изјавиле дека користеле канабис во текот на последните 12 месеци, а потоа кокаин (38%), МДМА/
екстази (22%) и амфетамин (20%).2
Сепак, на пазарот постојано се појавуваат нови психоактивни супстанции, често погрешно
означени, па луѓето кои ги употребуваат се несвесни за тоа што внесуваат и какви последици
можат да имаат. Според ЕСПАД студијата, просекот за употреба на нови психоактивни супстанции
во земјите каде е спроведено истражувањето е 3,4%, додека во Северна Македонија е околу 1%.3
Не се достапни информации за пазарот на нови психоактивни супстанции во Северна Македонија,
ниту податок за нивна заплена од страна на надлежните институции. Според податоците од
Министерството за внатрешни работи за криминалитет во областа дроги, во период 2010-2022
запленети се одредени количини на канабис, хероин, кокаин, екстази и стебла канабис.4
Информации добиени од теренските активности на граѓанските организации и директната
комуникација со заедницата на луѓе кои употребуваат дроги (рекреативно и постојано) укажуваат
на појава на нови психоактивни супстанции на пазарот за кои тие немаат доволно информации.
