Имајќи предвид дека употребата на дроги може да предизвика штетни последици како на индивидуално така и на општествено ниво, државите низ светот спроведуваат различни стратегии и закони за да се превенираат или намалат овие последици. Во повеќето држави во светот е забрането производството, поседувањето, купопродажбата и употребата на дроги. Меѓународната правна рамка се заснова на три конвенции за наркотични дроги и психоактивни супстанции (во 1961 год., во 1971 год., во 1988 год.) донесени од Обединетите нации, а потпишани и ратификувани од земјите-членки на ОН. Како што е наведено во Конвенцијата од 1988 година со самата ратификација земјите се обврзуваат да воведат санкции за секое производство, продажба, транспорт, дистрибуција или набавка на супстанциите кои се забранети со конвенциите од 1961 год. и од 1971 год.
Сите три конвенции овозможуваат земјите-потписнички да спроведуваат мерки за третман, едукација, посттретманска грижа, рехабилитација и социјална реинтеграција за тие кои сториле казнени дела поврзани со дроги, а самите се зависни од дроги.
Иако постојат различни толкувања, сепак, во конвенциите не постојат специфични членови и детални одредби кои се однесуваат на криминализација на употребата на дроги и е оставена можност за флексибилност во националните политики, во однос на санкционирањето на личната употреба на дроги.
Сепак во најголемиот број земји-потписнички забрането е производство, продажба, транспорт, набавка и употреба на дроги. Исто така, голем број држави ја криминализираат употреба на дроги како: Русија, Грузија, Сингапур, Кина итн.
Во 2008 год. извршниот директор на УНОДЦ – Канцеларијата на ОН за дроги и криминал укажа на следниве негативни последици на постоечката меѓународната правна рамка за дрогите која е прилично рестриктивна.
Креиран е голем доходовен црн пазар на дроги кој го експлоатираат моќни криминални организации.
Географска замена на производството, односно успешната акција против производството на дрога во еден дел од земјата или регион во светот доведува до балон-ефект и зголемување на производството на дрога во друг дел од земјата или регион во светот. Производството не се намалува, туку само се преселува.
Замена на супстанцијата – односно кога одредени акции и стратегии доведуваат до намалување на производството и побарувачката на еден вид дрога, дилерите и лицата кои употребуваат дроги се префрлуваат на друг вид дрога која честопати е многу поштетна од претходната.
Криминализацијата на лицата кои употребуваат дроги ја зголемува нивната маргинализација и стигматизација што доведува до отежнат пристап до здравствени и социјални услуги и намалување на нивната продуктивност во општеството.
Евиденцијата укажува дека казнените мерки самостојно, без оглед колку се тие строги, не ја постигнуваат целта за намалување на употребата на дроги. Уште полошо, во многу случаи оние закони што ја криминализираат употребата доведуваат до негативни последици како што се: стигматизација на корисниците, нарушување на човековите права, отежнат пристап до третман и ресоцијализација итн.
Во други земји, пак, како: Португалија, Чешка, Холандија, Шпанија итн. фокусот е ставен на јавното здравје, социјалната политика и човековите права, а законите не ја криминализираат употребата на дроги. Во 2013 година Уругвај отиде чекор понапред и го легализираше и производството за лична употреба, но само за марихуана. Имено, нивните граѓани откако ќе се лиценцираат можат да бираат меѓу следниве три опции: сами да си произведуваат до 6 стебла годишно, да се зачленат во марихуана социјален клуб каде што заедно со останатите од 15 до 45 членови можат да одгледуваат најмногу до 99 стебла годишно или пак да купуваат до 40 грама месечно од лиценцирани аптеки.
Некои земји, како што се неколку федерални единици во САД, ја легализираат само медицинската употреба на марихуана или пак дозволуваат да се формираат социјални клубови на корисници на марихуана (Словенија, Белгија и др.), кои заднички можат да одгледуваат или да поседуваат марихуана за лична употреба.
Како и да е, движењата и иницијативите за промена на законите во правец на декриминализација на поседувањето и употребата на дроги, како и за легализација на марихуаната се сè побројни, веројатно поттикнати од резултатите што ги покажаа овие политики во некои земји, а за кои поопширно беше пишувано во првиот број на Дроги – Политики и практики.
Македонски искуства
Во Македонија поседувањето на дрога за лична употреба не е кривично дело, а употребата на дроги се смета за прекршок против јавниот ред и мир и се казнува парично. Поконкретно, во Македонија поседувањето на дроги за лична употреба и употребата на дроги се декриминализирани. Кривично дело е поседувањето на дрога заради продажба. Сепак во пракса поседувањето на дрога најчесто се третира во рамките на Кривичниот законик.
Уредувачкиот одбор на списанието Дроги – Политики и практики за потребите на овој број спроведе телефонска и интернет-анкета за испитување на ставовите на македонските граѓани за две прашања:
1. Дали сметате дека поседувањето на дроги исклучително за лична употреба треба да биде казниво со закон?
2. Дали сметате дека употребата на марихуана треба да се легализира?
Со телефонската анкета беа опфатени 1095 испитаници, на репрезентативен примерок селектиран според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење.
На првото прашање 90,5% се изјасниле дека поседувањето на дроги исклучително за лична употреба треба да биде казниво со закон, 6,9% сметаат дека ова не треба да се казнува, а 5,3% не знаат или не сакаат да одговорат.
На прашањето за легализација на употребата на марихуана, 83,7% од испитаниците се изјасниле дека се против легализација, 9,3% одговориле дека марихуаната треба да се легализира, а 9,7% не знаат или не сакаат да одговорат.
Според возрасни групи, најголем процент од испитаниците кои се за легализација на употребата на марихуана се лица на возраст од 18 до 29 години (13,5%). Според место на живеење, легализацијата на марихуана најмногу ја поддржуваат анкетираните од скопскиот (16,2%) и од југоисточниот регион (12,5%). Токму во југоисточниот регион е најмала поддршката за забраната за употребата на марихуана (70,8%). Останатите 29,2% се лица кои се за легализација или пак не знаат, односно не сакаат да дадат одговор.
Истите две прашања се испитуваа и преку анонимна анкета што се промовираше преку социјалните мрежи на интернет, а се спроведе благодарение на можностите што ги нуди интернет-операторот „Гугл“ (Google). Анкетата ја пополнија вкупно 288 испитаници. Резултатите од оваа анкета во голема мера се разликуваат од телефонската анкета. Имено, 79% од анкетираните сметаат дека поседувањето на дроги исклучително за лична употреба не треба да биде казниво со закон, а само 15% сметаат дека тоа треба да се казнува.
На прашањето за легализација на употребата на марихуана, 249, односно 86% сметаат дека употребата на марихуана треба да се легализира, а само 21 испитаник, односно 7% се против легализацијата. Останатите испитаници не сакале да одговорат (1%), не знаат (5%) или немаат став (1%). Јасно е дека испитувањата преку интернет не се репрезентативни и нивната слабост е што прашањата ги одговараат само оние кои имале можност да дознаат за анкетата и кои биле мотивирани да учествуваат. Исто така, според возраста испитаниците се помлади, просечната возраст е 30,5 години, што е карактеристично за корисниците на интернет и вообичаено е помладите да фаворизираат легализација на марихуана. Овој заклучок се потврдува и со резултатите од телефонското анкетирање. Од друга страна, пак, слабост на телефонското испитување е тоа што вакви сензитивни прашања се поставуваат преку телефон и веројатноста да се даваат искрени одговори е помала.
Сепак, јас ќе се повикувам на релевантноста на телефонската анкета, иако длабоко сум уверен дека таа не ја изразува реалната ситуација и не го изразува ставот на македонскиот граѓанин.
За споредба ќе го споменам примерот со динамиката на јавното мислење за законската регулација на марихуаната во САД. Оваа година за првпат испитувањата покажуваат дека повеќето Американци, 58% според Галуп, 54% според ЦНН (CNN), се за легализација на марихуаната. Најголем пораст од 10% имало во последнава година и аналитичарите сметаат дека причина за ова е легализацијата на марихуаната во сојузните држави Колорадо и Вашингтон. Ова е огромна разлика во споредба со првото испитување на Галуп во 1969 година кога само 12% испитаници ја поддржале легализацијата, само 16% во 1987 год. според ЦНН (CNN). Во меѓувреме, во САД се спроведоа повеќе кампањи за легализација на марихуаната, и тоа најинтензивно во последниве 10 години, а резултатите се видливи.
Етички и социјални дилеми на криминализацијата
Успешноста на политиката за дроги од аспект на јавното здравје најчесто се мери според преваленцата, односно бројот на лица кои употребуваат дроги, опфатот на лицата зависни од дроги во третман, морталитетот, коморбидитетот и други индикатори.
Од правен или кривичен аспект успешноста се мери според бројот на затвореници, бројот на кривични и прекршочни дела поврзани со дрогите, бројот на новорегистрирани корисници итн. Меѓутоа, оцената на една политика во конкретниов случај на криминализацијата на употребата на дроги ќе биде комплетна ако се испитаат и социјалните и психолошките индикатори. Имено, колкав е бројот на лица кои употребуваат дроги кои се вработиле, колку од нив засновале семејство (иако лично сметам дека основањето на семејство не е критериум за успешност), колку се прифатени во општеството, односно дали се стигматизирани, дискриминирани и сл.
Постојат и други индикатори кои воопшто или многу ретко се истражуваат и се мерат. На пример, страдањето и душевната болка на едно дете чиј родител е во затвор во согласност со Законот затоа што поседувал марихуана за лична употреба. Како ќе се измери влијанието на Законот кој ја криминализира употребата на дроги врз страдањето на ова дете, врз неговиот психофизички развој и врз растењето без родител (затоа што тој е во затвор), врз учењето и врз поведението во училиштето, врз влијанието на евентуалното неприфаќање од страна на училишните другари бидејќи не сакаат да се дружат со дете на затвореник итн. Ова се само мал дел од прашањата кои ретко се поставуваат кога се изгласуваат одредени закони.
Имајќи ја предвид сета сериозност на законите со кои се регулираат дрогите, усвоени од политичарите, мораме да се запрашаме дали нашите политичари ги земаат предвид сите овие негативни последици на законите кои тие ги гласаат. Јас не сум убеден во тоа и затоа мислам дека сите ние кои професионално работиме на прашањата поврзани со дрогите треба да бидеме многу погласни, да укажуваме на потребата од промена на законите и да бидеме активно вклучувани при нивната изработка. Сега е вистински момент да се потсетиме на изјавата на Шарл Де Гол „Политиката е премногу сериозна работа за да им се остави само на политичарите“.
Влатко Деков
Влатко Деков е магистрант на социјална политика, 13 години работи на прашањата поврзани со дроги и во моментов е менаџер на ЦЕДИ – Центар за едукација, документирање и истражување во рамките на ХОПС. Ги има развиено најголемиот дел од програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија. Активист е за човекови права на маргинализираните заедници и членува во повеќе национални и меѓународни комисии и тела за дроги, ХИВ/СИДА и човекови права.