На 21.02.2019, здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје беше домаќин на тркалезната маса „Потреби, предизвици и решенија – Што можеме заедно за децата во социјален ризик во Македонија?“.
На оваа средба, претставници од институциите, здруженијата на граѓани и меѓународните организации дискутираа за потребите и предизвиците на децата во социјален ризик во Македонија (децата кои употребуваат дроги, децата кои имаат конфликт со законите, кои доаѓаат од семејства кои употребуваат дроги или имаат конфликт со законите, децата на улица, децата без родители и родителска грижа, како и децата Роми) и се обидоа да најдат модели за соработка со цел унапредување на социјалната и здравствената заштита, образованието и безбедноста на овие деца.
На почетокот изнесени беа актуелните состојби, под општ заклучок дека правата на децата, особено на децата во социјален ризик во Македонија се остваруваат со предизвици. Присутните како најгорливи проблеми ги подвлекоа недостатокот од соодветна заштита и згрижување за децата на улица, сегрегацијата и ограничениот пристап на ромските деца до образование, како и недостатокот на програма за лекување, рехабилитација и ресоцијализација на децата кои употребуваат дроги.
Но, поздравени беа и повеќе инцијативи кои тековно се спроведуваат, меѓу кои и деинстуционализацијата на децата со посебни потреби, без родителска грижа и со воспитно социјални проблеми, која Министерството за труд и социјална политика ја започна минатата година, како и формирањето на повеќесекторска работна група за подготовка на програма за сеопфатна грижа и лекување на деца кои употребуваат дроги координирана од Министерството за здравство, од која се очекува набрзо да предложи соодветна програма. Како добар пример на соработка меѓу локалната самоуправа, државните институции и граѓански организации беше истакнат Центарот за рехабилитација и ресоцијализација на корисници на дроги и нивни семејства во Скопје, во кој, меѓу другото, се обезбедува психосоцијална и друга поддршка за децата чии родители употребуваат дроги. Овој центар го финансира Град Скопје а спроведува ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Сепак, учесниците на тркалезната маса се согласија дека има уште многу да се работи бидејќи земено генерално, во изминатите 20-тина години, состојбата со обезбедување на здравствена и социјална заштита, образование и безбедност на децата во социјален ризик во нашата земја е малку променета. Затоа, освен заложбата за справување со горенаведените проблеми, присутните изразија расположеност за заедничко делување во следните области:
- Сензитивизација на македонското општество преку промоција на вредности за толеранција и недискриминација, како и подобро информирање за правата на децата и механизмите за нивна заштита со цел интеграција на децата во социјален ризик во сите аспекти на живеењето;
- Справување со сиромаштијата која е многу често причина за ранливоста на овие деца, меѓу другото и преку заложба за усвојување и соодветно спроведување на предлог Законот за социјална заштита и предлогот за дополнување на Законот за заштита на децата;
- Децентрализација на надлежностите и унапредување на соработката со локалните власти за соодветно справување со различните потреби на локално ниво;
- Зајакнување на меѓусекторската координација преку проширување на ресурсите, вклучително и кадровските, како и преку рамноправно вклучување на граѓанскиот сектор во сите меѓуресорски комисии, совети, координативни и други тела посебно во меѓуресорската комисија за дроги
- Подобрување на систематското собирање на податоци и овозможување на нивна широка достапност за сите чинители со цел градење на политики базирани на докази и делување во согласност со актуелните потреби.
Оваа тркалезна маса е дел од проектот „Социјално зајакнување на млади во ризик“ кој се спроведува во шест земји од регионот со поддршка од Европската унија.
Со почит,
Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје