Според дискусијата која се водеше на 26 јуни, денот кога ја одбележавме кампањата „Поддржи. Не казнувај!“, дојдовме до заклучок дека повремено користење на дроги е практика присутна во Република Македонија. Трендовите на употреба на дроги се менуваат, а ниту Македонија не заостанува од тие трендови. Според европските статистики канабисот, амфетамиски тип на стимуланси (екстази, амфетамин) и кокаин се најчесто употребувани илегални дроги рекреативно. Во поглед на возраста тоа се адолесценти и младинци, а по адолесценција се намалува користењето.
За разлика од стереотипните претстави од минатото за профилот на корисникот на дроги, денес тие можат да се сретнат во сите социо – економски сталежи и средини и не доаѓаат само од подземните субкултурни сцени. Мејнстримот и поп културата несомнено влијаеле на разбивање на стереотипите и присуството на овие практики во различни социо – културни сталежи.
Законските регулации ги криминализираат корисниците на дроги. Позитивните светски практики како што е португалскиот модел во поглед за декриминализација или легализација покажале поголем бенефит отколку репресивните и рестриктивни политики.
Несомнено користењето на дроги носи ризици особено по менталното здравје и потребен е информиран и одговорен пристап при користењето на дроги. Јавното здравство нема капацитет ниту пак е во тек со современите трендови и моделите на пристап, лекување и рехабилитација кои се се уште на ниво на лекување опијатска зависност.
Превенцијата на државно ниво ниту постои или пак се темели на старомодни модели базирани на застрашување, демонизација, извртување на фактите кои се покажале како некорисни па дури и смешни кај оние за се наменети. За употребата на дроги треба да зборува отворено и со факти базирани на докази, а не на идеолошка основа и потребно е градење на нови, креативни политики на дроги кои ќе содејствуваат со трендовите и временскиот контекст.