Македонската легализација на канабис заглави кај работната група при Владата која оствари само три средби. Истовремено македонските судови не прават дистинкција меѓу канабис, кој е веќе и официјално лесна дрога, и потешки дроги, и пенализацијата останува иста, спротивно на духот на конвенциите на ОН.
Пред помалку од една година Oбединетите нации, по препорака на Светската здравствена организација дадена во јануари 2019 година, го прекласификуваа канабисот кој сè дотогаш беше во Листа 4 на куп со најопасните наркотици познати на човештвото, кокаинот и хероинот. Сега канабисот e сместен во Листа 1 препознавајќи ја неговата терапевтска вредност, но истовремено и останува под сите механизми на контрола предвидени со Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година, вклучително и Протоколот од 1971 година.
Истовремено со препораката за прекласификување на канабисот, СЗО и официјално го призна ЦБД-то како лек, кажувајќи го она што го разгласуваме како активисти со години, а тоа е дека ЦБД наоѓа широка примена во медицината. Моментално педесет држави дозволуваат медицинска употреба на канабисот, додека Канада, Уругвај, Луксембург и петнаесет сојузни држави на САД ја легализираа рекреативната употреба на канабисот, а Мексико и Германија се на добар пат да го сторат тоа!
Нашата извршна власт по четири години декларативни заложби за декриминализација, па и легализација на канабисот, конечно во јуни 2021 година го презема првиот конкретен чекор преку формирање на мултидисциплинарна работна група составена од претставници од министерствата за здравство, правда, внатрешни работи, претставници од Медицинскиот и Земјоделскиот факултет, неколку доктори, како и половина дузина претставници на невладиниот сектор.
Се одржаа три состаноци во свечената сала на Владата, се детерминираа дефиниции за термините депенализација, декриминализација и легализација, како и се подели работната група во подгрупи со цел вршење на неколку истражувања кои би ни користеле во понатамошната процедура за законски измени, кога и да се случи таа. И дојде месец август, се распишаа изборите и целата постапка застана тука.
Жално е што цела една група на граѓани како што се пациентите кои се лекуваат со канабис и рекреативните уживатели се врзани за политичките процеси, кризи, гласања и прегласувања. Ваквиот пристап е неприфатлив бидејќи во Македонија и онака во просек има избори на секои две години, а политичките кризи се секојдневие. Доколку до крајот на годинава работната група не се состане и не продолжи со работа, ќе му предложам на Управниот одбор од мојата матична НВО Билка повлекување од работната група бидејќи не сакаме да бидеме декор во целата постапка.
На еден од состаноците бевме информирани од претставникот на Министерството за правда дека нивeн предлог, до работната група за измена на Кривичниот законик, е во членот 215 (кој ги таргетира наркотиците) да се внесе одредба дека личната употреба на дроги не е казнива. Реагирав лично тогаш, реагирам сега и ќе продолжам да реагирам зашто се работи за „козметичка“ измена која нема да промени ништо во пракса, а сметам дека сите сакаме суштински измени, а не шминка.
Да појасниме, оваа „козметичка“ измена не значи ништо бидејќи согласно сегашните законски одредби консумирањето и личната употреба на наркотици не е забранета, но постои силна пракса и симбиоза на МВР-Обвинителство-Суд со која ефективно се гонат уживателите и пациентите заедно со вистинските дилери на наркотици. Токму затоа инсистиравме и сѐ уште инсистираме како работна група да дадеме предлог за количина на канабис која би варирала од 15 до 30 грама која државата би ја препознала како количина за лична употреба, нејзина законска имплементација и ставање крај на самоволието на Републичкото јавно обвинителство.
Ваквиот став не беше прифатен, па ни останува да се надеваме дека ваквите измени би се прифатиле во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции или уште подобро во посебен закон за канабис кој го заговараме, а за кои не сме почувствувале дека има расположение за носење, што мене ми е индиција повеќе дека нашите властодршци во овој дел се расположени единствено за „козметичка“ измена.
Тоа не е така во делот бизнис. Власта два пати до Собранието ги поднесуваше, па ги повлекуваше предлог-измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Власта која има мнозинство порано или подоцна ќе ги донесе тие измени кои, конечно, треба да му овозможат на бизнисот со канабис да заживее. Но, се плашам дека ова пак ќе придонесе кон тоа да има сѐ помалку производи достапни за македонските граѓани поради извозната ориентираност на правните ентитети, па затоа заговаравме и заговараме услов за добивање на лиценца да е обврската во рок од 18 месеци од добивање на лиценца да се пласираат производи на домицилниот пазар.
Во однос на македонското кривично право и неговата пракса, тоа останува статус кво. Дискутабилно е и дали моите колеги воопшто знаат за прекласификувањето на канабисот од страна на овластено тело на Обединетите нации. Праксата во 2021 година секако говори во таа насока. Сѐ уште се под прогон уживатели и пациенти по она злокобно упатство на Републичкото јавно обвинителство и сѐ уште не се прави дистинкција меѓу канабис и останати дроги водени по јасно определени критериуми.
А тие критериуми се во духот на конвенциите на ОН посветени на дроги, особено на последната Конвенција за борба против илегалната трговија со наркотични дроги и психотропни супстанции од 1988 година. Оваа Конвенција им предлага на земјите потписнички, при носење на домашното законодавство поврзано со наркотици и пунитивниот дел, санкциите да се одредуваат согласно два критериуми − потенцијалот на одреден наркотик да развие адикција и неговата штетност по здравјето на човекот.
Доколку овие два критериуми се спроведат, тоа несомнено ќе доведе до поблаго казнување на престапниците кај кои е пронајден канабис од оние со хероин и кокаин, што е не само во духот на Конвенцијата ратификувана од наша страна туку е и морално исправно, како и правно издржано! Не постои медицински работник, колку и да е конзервативен, кој би негирал дека меѓу хероинот и канабисот има драстична разлика, и тоа по двата погоре споменати критериуми препорачани од ОН.
Од она што досега сме го посведочиле, многу е тешко дека таква дистинкција и ќе се направи во иднина. Државава се концентрира примарно на бизнисот со канабис, а само секундарно на нас граѓаните и пациентите, а и тука има многу малку задоволителни предлози и сериозно отсуство на волја кај политичките елити, без разлика на декларативните заложби.
Една од можеби најдобрите придобивки на работната група е нејзината подгрупа составена од медицински работници која работи на проширување на листата на области кај кои ќе биде дозволена употреба на канабис и сум задоволен што првичните сигнали се дека ќе има значително проширување. Сето ова би било само парцијално доколку не се избориме за главните барања − можност да се сади дома одреден број на стебла по домаќинство и дозволена количина на канабис за лична употреба по глава на жител.
Автор: м-р Јанаки Митровски
Јанаки Митровски работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата/декриминализацијата на сите психоактивни супстанции за лична употреба. Автор е на текстови во правните списанија „Правник“ и „Правоматика“. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА, Скопје.