Драги пријатели, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распишува оглас за резиденцијален престој за еден млад визуелен уметник.
Денешниот живот во услови на екстремно загадување како и глобалните климатски промени се повеќе го поттикнуваат прашањето за нашиот однос кон природата, за здравиот живот и кои се неговите опции. Експертите и истражувањата покажуваат дека престојот и животот во природата е една од опциите. Дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или живот во природа надвор од населени места? Дали животот во природа за младиот македонски граѓанин е возможен? Кои се предности а кои се недостатоците на животот во природа надвор од градовите? Животот во природа е темата која ќе ја истражува еден визуелен уметник во рамките на резиденцијален престој од 10 дена во природа надвор од населени места.
Резиденцијалниот престој ќе се реализира во Вила Преведена 2 во периодот од 15 до 25 септември. Вилата Преведена се наоѓа на 1200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат 2 фамилии кои за уметникот/чката можат да бидат извор на информации за темата. Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на 7 километри од местото Преведена. Уметникот/чката ќе може да го посетува и да добие дополнителни идеи и информации потребни за уметничко творење. Во текот на резиденцијата учесникот/чката ќе има поддршка од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните 2 дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со уметникот/чката. Во договор со уметникот/чката во текот на месец ноември ќе биде организирана виртуелна ( он лајн изложба). На изложбата ќе бидат промовирани делата креирани како резултат на престојот во природа и истражување на темата “Живот во природа”.
Трошоците за сместување се покриени од организаторот. Дополнително уметникот/чката ќе добие дневници за сите денови во износ од 10.000 денари за храна.
Вилата располага со две посебни соби, кујна и тоалет, кабелска телевизија и интернет.
Услови за учество во проектот:
- Визуелни уметници на возраст до 35 години. Доколку не се пријави ниту еден кандидат/ка до 35 годишна возраст може да биде избран/а и кандидат/ка со наполнети повеќе од 35 години.
- Кандидатите да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект
- Делата кои ќе ги изработува за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: Фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт .
- Со пријавата да се достават најмалку три (3) уметнички дела како портфолио, како и биографија преку електронска пошта
- Да се достави мотивационо писмо за учество на резиденцијата
- Краен рок за пријавување е 5 септември 2023 година до 24 часот.
Приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура.
Сите уметници можат да се пријават преку поднесување на потребните документи на електронската пошта vlatkod@hops.org.mk. Вашите прашања може да ги доставите на истата електронската пошта.
Резиденцијалниот престој е дел од проектот Живот во природа кој е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија