Интервју со Драгана Дрндаревска, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Зошто сметате дека е важно да се вложува во образованието кога станува збор за третманот на маргинализираните заедници во нашето општество?
Од нашите досегашни анализи генералните заклучоци се дека учебниците и учебните помагала во средното и во високото образование содржат дискриминаторски и стигматизирачки содржини кон маргинализираните заедници (корисници на дроги, сексуални работници, ЛГБТ и лица кои живеат со ХИВ), а многу често се сретнуваат и неточни содржини поврзани со употребата на дроги и со криминализација на корисниците.
Ваквите содржини не ретко се среќаваат во учебници што се користат на факултети на кои се обучуваат стручни кадри (социјални работници, правници, психолози, психијатри, полициски службеници и сл.) кои понатаму треба да работат со корисници на дроги и, уште повеќе, да им помагаат во третманот. Не можеме да очекуваме квалитет во третманот на зависноста од дроги или пак надминување на полициската бруталност над корисниците на дроги, доколку учебниците од кои учат се обременети со предрасуди, со стигма и со криминализација на користењето на дроги.
Другиот аспект на важноста на детектирањето и на прочистувањето на образованието од вакви содржини е аспектот на човековите права. Образованието е во исто време самото човеково право и неопходен предуслов за остварување на останатите човекови права. Образованието, како човеково право, е предвидено уште во самата Универзална декларација на човекови права со член 26 во кој, освен што се гарантира правото на образование за секого (член 26 (1)), се определува дека и образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување на почитувањето на човековите права и основни слободи (член 26 (2)). Образованието треба да биде алатка за промоција на човековите права, а не извор на нивно прекршување.
Правото на образование само по себе содржи четири фундаментални карактеристики: достапност, пристапност, прифатливост и приспособливост. Исполнувањето на овие карактеристики од страна на државите е неопходно за да можеме да кажеме дека државата ја почитува својата обврска на остварување на правото на образование. Достапноста како карактеристика на образованието значи дека треба да се обезбедат функционални образовни институции и програми, приспособени на потребите на сите луѓе, имајќи ги предвид нивните различности и карактеристики. Пристапноста, меѓу другото, ја предвидува забраната за дискриминација во образованието. Оваа карактеристика значи дека дискриминацијата во образованието е забранета по која било основа и тоа мора да биде приспособено за сите, а особено за најмаргинализираните групи. Прифатливоста значи дека образованието, вклучувајќи ги и курикулумите, мора да биде релевантно, квалитетно и соодветно. Приспособливоста значи дека образованието мора да биде флексибилно и да ги следи општествените промени и потребите на учениците и на студентите со сите нивни социјални и културни различности.
Од ваквата поставеност на правото на образование јасно е дека нема место за неточни, нерелевантни и застарени податоци што уште повеќе содржат изјави што значат навреди и дискриминација за цели групи граѓани. Образованието не смее да биде алатка за пропаганда, изнесување само на лошата страна на приказната на употреба на дроги и тоа со употреба на преувеличувања во кои ни малите деца веќе не веруваат, особено ако зборуваме за учебници употребувани во научни дисциплини што по дефиниција се засновани на човековите права, како на пример социјалната работа.
Кои се Вашите досегашни заложби за прочистување на образовните програми од дискриминација, од стигматизација и од исклучување на маргинализираните заедници?
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во 2011 година ја издаде анализата „Хомосексуалноста во образованието во Република Македонија“, а во 2015 година ја издадовме анализата „Користењето дроги и живеењето со ХИВ во образованието“.
Во анализата „Хомосексуалноста во образованието во Република Македонија“ беа анализирани повеќе учебници од средно и од високо образование, во кои беа утврдени хетеросексистички и дискриминаторски содржини врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Од анализата се утврди дека и авторите на учебниците не се во тек или претенциозно не користат современа литература и истражувања при подготовката на учебниците. Во некои од учебниците како извор се среќава и литература стара повеќе од половина век. По анализата инициравме четири претставки пред Комисијата за заштита од дискриминација против авторите на учебниците од кои, во две, Комисијата утврди дискриминација. Но, сепак, нашето искуство покажа дека Комисијата за заштита од дискриминација, иако има одлучено позитивно по две претставки, сепак не е доследна на сопствената практика, па имаме различни одлуки на многу слични содржини во учебници. Според ова, Комисијата за заштита од дискриминација не можеме да ја сметаме за ефикасен начин за справување со дискриминаторските содржини во учебниците.
Секако, се имаме обратено до Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за образование и Бирото за развој на образованието за да повлечат одредени учебници со дискриминаторска содржина и да направат целосна ревизија на сите учебници и учебни помагала од средното и од високото образование. За жал, до денес, од нив нема одговор. Овие институции, во согласност со нивните надлежности и со нивната улога во развојот на образованието, мора да преземат одговорност, да ги прочистат учебниците и да ги заменат со нови содржини што ќе бидат во согласност со универзалните цели на образованието за унапредување на почитувањето на човековите права, како и во согласност со современата наука.
Сепак ќе продолжиме со поднесување претставки до Комисијата за заштита од дискриминација врз основа на наодите во анализата „Користењето на дроги и живеењето со ХИВ во образованието“ и ќе продолжиме да ги потсетуваме институциите да си ја сработат работата.
Кои се генералните согледувања што произлегуваат од анализата „Користењето дроги и живеењето со ХИВ во образованието“?
Беа анализирани вкупно 22 учебника и учебни помагала, што се користат во средното и во високото образование од областа на: социологијата, педагогијата, етиката, психологијата, психијатријата, кривичното право, криминологијата, пенологијата и клиничката токсикологија. Учебниците во високото образование се користат на студиите по: медицина, правни студии, социологија и социјална работа, психологија, педагогија, филозофија, студии по безбедност и сродни студии.
Речиси во секој од анализираните учебници се забележува употреба на терминологија што сама по себе е говор на омраза кон лицата кои користат дроги и употреба на погрешни конструкции за ХИВ и СИДА. ЛКД најчесто се нарекуваат „наркомани“, се употребуваат термините „наркоманија“, „нарко-зависник“, „уживање на опојни дроги“, „токсикоманија“, „наркоманска употреба“, „зависничка страст“, „дрогирање“ и „зависник“.
За термините што се користат во врска со живеењето со ХИВ, во повеќето од учебниците авторите воопшто не прават разлика меѓу ХИВ и СИДА. Па така, за ЛКХ, ХИВ и СИДА во учебниците се среќаваат термините: „сида“, „чума на XX век“, „болни од СИДА“, „заболени од СИДА“, „Сида“, „носители на вирусот“ и „ризични групи“. Овие термини не само што се неточни туку и јасно зборуваат дека авторите не се запознаени со разликите меѓу ХИВ и СИДА, а најверојатно дел од нив не се запознаени ни со антиретровирусната терапија што постои од крајот на 80-тите години. Исто така хомофобијата е неизбежна кога се пишува за ХИВ, па наместо да се зборува за ризично однесување, хомосексуалците се претставуваат како главни виновници за ХИВ инфекцијата.
Генерално во повеќето учебници се среќава негативно претставување на користењето на дроги и на личноста која ги користи. Самата класификација на теми во учебниците е проблематична така што за користењето на дроги се зборува во поглавја и теми како „општествени девијации“, „девијантно однесување“, „негативни појави на сексуалниот живот“, „патолошки, општествено негативни појави“, „облици на девијантно поведение“, па дури и користењето на дроги се класификува под „криминал“. Прикажувањето на личностите кои користат дроги варира (понекогаш дури и во еден ист учебник) од личности кои немаат морал, умоболни, до несреќници, па сè до насилници, криминалци и убијци. Во однос на криминализацијата на користењето на дроги, генерално, најприсутен е ставот дека користењето на дроги доведува до криминално поведение.
Се забележува и произволност во претставувањето на лицата зависни од дроги како пациенти. Во учебникот „Психијатрија ‒ Том 1“, авторот ги претставува лицата зависни од дроги како пациенти со слаби терапевтски резултати и „ниска мотивација“ за лекување. Ваквиот став е произволен и вината ја лоцира кај пациентите наместо да ги преиспита постојните програми за третман на зависности од дрога.
На крај, во учебниците отсуствува претставувањето на користењето на дроги од аспект на човекови права и од аспект на права на пациенти. Авторите наместо да зборуваат за стигмата и дискриминацијата кон ЛКД, тие придонесуваат кон нејзино ширење. Во однос на ХИВ отсуствуваат базични, релевантни информации, од ширење погрешни информации за самиот ХИВ, па сè до неспомнување на постоењето на антиретровирусната терапија. Секако, не ни се споменуваат прекршувањата на здравствените права на ЛКХ и стигматизацијата.
Разговорот го водеше: Ирена Цветковиќ