Вознемирувачка, сексистичка и мизогина изјава на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ

0

Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осудува шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски, насочена кон министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На фејсбук профилот на портпаролот, може да се прочита објава од 3.9.2019, која изобилува со пораки што претставуваат вознемирување врз основа на род, ширење мизогинија и сексизам и зацврстување на стереотипите околу учеството на жените во политичкиот и јавниот живот. Служејќи се со примитивен и омаловажувачки говор, во обидот да се дискредитира министерката за финансии, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ ја претставува Министерката како наводно промискуитетна и неспособна жена, чија „вистинска” задача е да ги задоволи сексуалните потреби на мажите политичари, што претставува сеприсутен сексистички стереотип за професионално реализираните жени во сите општествени сфери.

Од една страна ваквите изјави имаат негативно влијание кон јавното мнение, особено кога доаѓаат од страна на портпаролот на најголемата опозициска партија. Од друга страна, со вакви изјави се создава непријателска и понижувачка средина за женското учество во јавниот живот, се повредува достоинството и се навредуваат жените.

Мажите политичари треба да бидат активни партнери, поддржувачи и промотори за вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот и за воспоставување на родова еднаквост во сите општествени сфери.

Повторуваме дека местото на жената е секаде каде што таа сака да биде, политичката моќ им припаѓа на жените, исто како што грижата за семејството им припаѓа на мажите. Женското учество во јавниот живот е предуслов за развој, благосостојба и демократија.

Од тие причини го повикуваме портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски да упати јавно извинување за својата шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава.

Апелираме до медиумите да не ги пренесуваат, без критички коментар, ваквите сензационалистички и сексистички објави со кои се врши вознемирување и повреда на достоинството на жените и се потхрануваат родовите стереотипи.

Ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација, согласно своите законски овластувања да поведе постапка за заштита од дискриминација по службена должност и да утврди вознемирување врз основа на пол и род.

Share.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.