Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија се исправени пред огромен предизвик. Донацијата на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија од чии средства се финансираат овие програми завршува во декември 2016 година и сè уште не е јасно како ќе се обезбеди понатамошна одржливост. Според договорот со Глобалниот фонд понатамошното финансирање треба да го обезбеди Владата на Република Македонија, но сè уште нема никакви гаранции дали и под кои услови Владата ќе ја спроведе преземената обврска.
Ова издание е посветено токму на одржливоста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Со носечките написи, кои ја поддржуваат главната тема на ова издание, се потенцираат значењето и придобивките на програмите за намалување на штети и се препорачуваат модели за нивна одржливост. Сепак, со обработуваната тема се изразува и загриженост поради недефинираниот став и индиферентниот однос на надлежните институции.
Останатите написи, иако не се директно поврзани со главната тема, нудат преглед на дел од додадената вредност на програмите за намалување на штети. Впрочем, со програмите за намалување на штети се придонесува за институционално будење и за воведување флексибилни политики за навремен одговор на сите трендови на употреба на дроги во многу земји во светот. Останува да видиме колку Македонија е подготвена да се соочи со употребата на дроги и соодветно да одговори на потребите на граѓаните.