Како концепт, она што денес го нарекуваме намалување на штети од употреба на дроги, почнува да се развива во првата половина на ХХ век во Северна Америка и во Западна Европа. Сепак, како што е наведено во текстот „Од Мерсисајд до Скопје“ кој е дел од ова издание, првиот организиран облик за воведување програми за намалување на штети од употреба на дроги се забележува на почетокот на 80-тите години на ХХ век во Ливерпул, Велика Британија. Оттогаш почнува забрзано да се прифаќа и да се применува низ цела Европа и светот. Ние имавме среќа речиси истовремено со прогласувањето на хероинската епидемија во Македонија во првата половина на 90-тите години на ХХ век да се истакнат поединци и организации кои презедоа одговорност за спроведување на програмите за намалување на штетите прво во Скопје, а подоцна и во: Струмица, Битола, Куманово, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Охрид, Гостивар, Тетово, Прилеп, Велес и Кичево.
Ова не е првпат во Македонија за политиките за намалување на штети да се пишува во новински изданија, но е првпат на оваа тема да ѝ се посвети централно место во едно списание. Главната тема „Од Мерсисајд до Скопје“ прави опширен осврт на историскиот развој на политиките и практиките за намалување на штети во Европа, со посебен осврт за Македонија. На овој текст се надоврзува интервјуто со претставници на „Моделот Мерсисајд“, во кое се зборува за почетоците на намалувањето на штети во Ливерпул, но и за улогата на Полицијата во спречувањето на насилството врз сексуалните работници/-чки.
Во репортажата на Јулијана Настоска се прикажуваат активностите за намалување на штети што здружението „Стигма“ ги спроведува во Љубљана, Словенија, земја која сè уште по многу нешта е блиска со Македонија.
Во текстот на Елеонора Панчевска Николовска се прикажуваат политиките за дроги на Град Скопје, со кои е опфатена и политиката за намалување на штети.
Останатите текстови во ова издание од повеќе различни перспективи ги објаснуваат предностите и придобивките на програмите за намалување на штети или ја поддржуваат потребата за поширока институциска поддршка на овие политики во Македонија.
Свесни сме дека ова е само мал дел од опфатот на политиките за намалување на штети и значењето што тие го имаат за подобрување на квалитетот на пошироката заедница, но се надеваме дека читателките и читателите ќе најдат полезни информации во ова четиво, а во некој од следните броеви ние повторно ќе направиме осврт на оваа тема.