Употребата на дроги меѓу децата во Македонија е проблем кој е сè повидлив и кој бара сериозен пристап и многу брза реакција како на професионалците кои работат на ова поле така и на носителите на одлуки во воспоставувањето на промени во здравствениот и во системот на социјалната заштита. Она што е клучно во овој момент се надлежните министерства, пред сè, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика заеднички да работат на отворање програми за третман и за грижа на децата кои употребуваат дроги. Вакви програми во овој момент не постојат во Република Македонија.
ХОПС овој проблем веќе неколку години го актуелизира организирајќи прес-конференции, национална конференција со меѓународно учество, студиска посета во Виена за претставници од македонските институции за да се информираат како во овој град е решено прашањето на лекување и на социјализација на децата кои употребуваат дроги, голем број на состаноци итн. Имајќи предвид дека Министерството за здравство нема изработено протокол за третман, а во недостаток на соодветна литература, ХОПС во 2014 година подготви и посебен „Водич за третман и грижа на децата кои употребуваат дроги“ со намера да помогне во пишувањето на протоколот, но и во спроведувањето на програмите кои ќе се отворат. Оттогаш досега е напишана само предлог-верзија на протоколот, но тој сè уште не усвоен.
Овде пренесувам само мали сегменти од Водичот кои се најзначајни при работата со деца кои употребуваат дроги.
Водичот е наменет, пред сè, за професионалците вклучени во третманот и кои се грижат за децата кои употребуваат дроги, но исто така има цел да даде насоки за креирање на политиките поврзани со третманот и со грижата на децата кои употребуваат дроги, па затоа него можат да го користат и носителите на одлуки.
Насоките дадени во Водичот се однесуваат на сите видови програми за третман и за грижа на децата кои употребуваат дроги, вклучувајќи ги и програмите за ресоцијализација и за рехабилитација. Најдобро е овие програми да бидат комплементарни и што повеќе услуги да се добијат на едно место. Исто така е потребно да се формира функционален систем за соработка и за препраќање.
Легални и етички аспекти:
- За успешен третман на децата примарно е вклучување на родителите и на семејството. Сепак во одделни случаи вклучување на семејство-то/старателот, како и обезбедување согласност од нив нема да биде возможно. Според експертите од НТА ‒ Англиската агенција за третман на злоупотреба на дроги, во случаите кога децата не сакаат нивните родители/старатели да знаат дека тие бараат асистенција и помош поради употреба на дроги, и тоа е за нивен најдобар интерес, тогаш нивната желба треба да се земе предвид и третманот да го добиваат во потполна анонимност и доверливост. Ова прашање подетално треба да се уреди со националните протоколи за третман. Во случаите кога на третман треба да биде примено дете кое потекнува од нефункционално семејство, тимот треба да го пријави случајот во Центарот за социјална работа кој ќе процени дали е потребно одземање на старателството на родителите и одредување на друг старател,
- За малиот број на деца за кои е потребен хоспитален третман, треба да се обезбедат безбедни резиденцијални услови. Хоспитализацијата е 24-
-часовна интензивна медицинска, психијатриска и психосоцијална грижа која се спроведува во резиденцијални услови. Ваквиот третман вообичаено треба да трае 6 до 14 дена, односно што е можно пократко, - Супституциски третман за лица под 18 години треба да биде воведен само од страна на специјалист психијатар.
Видови третмани
Програмите за третман и за грижа можат да бидат различни. Според третманскиот амбиент и видот на третманот можат да бидат:
- Амбулантски програми за третман;
- Болнички/резиденцијални програми за третман.
Овие програми можат да бидат за:
- Детоксикација која нормално завршува за 6 до 14 дена и содржи 24–часовна интензивна медицинска и психолошка грижа;
- Психосоцијална рехабилитација и социјална реинтеграција, како тераписка заедница која, пред сè, е наменета за деца со повеќе проблеми и третманот може да трае од 3 до 18 месеци;
- Програми кои користат лекови при третман (супституциска терапија, антидепресиви, психостабилизатори, психомоторни стимуланти);
- Програми за континуирана грижа. Овие програми се клучни и во голема мера успехот на третманот ќе зависи од нивната достапност. Имено, периодот по завршување на кој било третман е период со висок ризик за рецидив, затоа е потребна продолжена, континуирана грижа по завршувањето на секој третман. Вакви програми можат да бидат групи за самопомош, групи за личен развој, групи за превенција на рецидиви, АА и НА групи (алкохол и наркотикс анонимус групи), групи за професионален и за личен развој, програми за домување и сл.
Процена
При првиот контакт со детето се врши сеопфатна процена со која треба да се одредат: острината на зависноста, ризик-факторите, коморбидните психи-јатриски растројства и други проблеми. Децата треба да добијат третман и интервенции веднаш по процената.
План за третман
При приемот на третман, без оглед дали станува збор за медицински, за психосоцијален или за комбиниран третман, целиот тим заеднички подготвува план за третман. Во подготовката на планот учествува и детето кое се прима на третман, како и неговите родители, односно старател кога е тоа возможно.
Во планот јасно се дефинира кој член од тимот ќе биде ментор на детето кој ќе овозможува третманот да биде координиран низ програмите и организациите/институциите, и чии надлежности му се познати и на детето и на сите оние кои се вклучени во третманот.
Функционален систем за соработка и за препраќање
За поддршка на придобивките од третманот, децата и нивните родители/старатели во согласност со потребите треба да се препраќаат во соодветните програми на институциите, како и локалните здруженија на граѓани, групи на врсници, групи за самопомош, вклучувајќи ги и културно специфичните групи и организации. Затоа е потребно креирање соодветна мрежа на организации и институции кои работат со деца.
Влатко Деков
Авторот е магистрант на социјална политика. На полето на зависностите работи четиринаесет години. Има развиено најголем дел од програмите за намалување на штети во Македонија. Во моментов раководи со ЦЕДИ – Центарот за едукација, документирање и истражување при ХОПС. Автор е на голем број трудови, публикации и истражувања. Активист е за човекови права на маргинализираните заедници и членува во повеќе национални и меѓународи комисии, тела и стручни форуми меѓу кои и форумот за дроги при Европската комисија во Брисел. Од 2014 година е член на Управниот одбор на Евро-азиската мрежа за намалување на штети од употреба на дроги.