Предговор
Здружението ХОПС, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и институциите за згрижување деца со запуштено социјално поведение или без родителска грижа, повеќе години наназад спроведуваше серија работилници за градење на животни вештини кај децата згрижени во овие домови.
Во текот на оваа соработка, заемно со професионалците кои работат со овие деца, беше утврдено дека и самите вработени имаат потреба од надградување на нивните капацитети и вештини за работа со децата згрижени во овие институции со цел и самите да стекнат знаење и вештини за организирање на вакви работилници, каде што крајни корисници би биле згрижените деца. Оттука произлезе и идејата дека, освен организирање обуки и за професионалците кои работат во овие домови, од голема корист ќе им биде доколку имаат водич што ќе им помага во креирањето на работилници за децата.
Од тие причини, во изминатите две години, со поддршка на ФООМ, ХОПС најпрвин разви прв нацрт на овој водич, кој преку одржување серија работилници за градење на капацитетите на професионалците беше директно „испробан“ практично и по овие практични работилници со професионалците тој беше доработен и надграден како финален.
Целта беше да се креира алатка што ќе им помогне на професионалците кои работат со деца згрижени во малите групни домови и без дополнително ангажирање на надворешни соработници да можат да го структурираат времето на децата преку корисни и занимливи активности што ќе имаат долготрајно влијание во нивното растење. Авторката на Водичот, Деспина Стојановска, е долгогодишен член на тимот на ХОПС и како дипломиран психолог и психотерапевт со долгогодишно релевантно искуство за работа со деца во ризик, несебично целото свое практично искуство го пренесе во овој водич наменет за професионалците кои работат со деца згрижени во мали групни домови и деца во ризик за да им се овозможи нивна полесна интеграција во општеството.
Прoчитајте го целосниот “Водич за организирање работилници со деца во мали групни домови”.
Од Уредникот