Според последниот Извештај на УНОДЦ (Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал) од 2014 година, во 2012 година проценето е дека имало 183.000 смртни случаи како последица на употреба на дроги.
Проценето е дека повеќе од 70.000 животи се загубени поради предозирање од дроги во Европа во првата декада од 21 век. Европската унија известува за 6.500 смртни случаи поради предозирање од дроги, што се потврдува во Извештајот на ЕМЦДДА (Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги).
Во регионот на Источна Европа и на Централна Азија, во чиј регион спаѓа и Република Македонија, проценето е дека околу 3.274.000 лица инјектираат дроги. Најмалку две третини од корисниците известиле дека се случило да бидат предозирани, а 4 од 100 случаи завршиле фатално според истражувањето на Евроазиската мрежа за намалување на штети. Во многу земји од овој регион, корисниците се плашат да повикаат итна медицинска помош при случаи на предозирање од дроги.
Во Република Македонија не постои современ и ефикасен систем за евидентирање на случаите на опијатно предозирање и затоа не е можно да се оствари соодветно следење и да се направи анализа врз чија основа ќе се планираат идните интервенции.
Само во Скопје Службата за итна медицинска помош и домашна посета при Здравствениот дом Скопје и Клиниката за токсикологија во периодот од 2009 година до 2012 година имале 865 интервенции при случаи на опијатно предозирање.
Не постои широка достапност на лекови, како што е налоксонот што се користи во случаите на опијатно предозирање во Македонија. Налоксонот не е регистриран и се набавува со постапка за интервентен увоз. Налоксонот е достапен само во дел од здравствените институции.
Водич за опијатно предозирање и за примена на налоксон излегува како резултат на потребата за ефективно справување со опијатното предозирање и да се потенцира важноста од примената и од децентрализацијата на антидотот налоксон. Налоксон е наменет за медицински лица кои работат во службите за итна медицинска помош, ургентните одделенија при болниците и граѓанските здруженија што работат на полето за намалување на штети од употреба на дроги. Водичот за опијатно предозирање и за примена на налоксон може да го презмете тука.