Во Р. Македонија, тековната парадигма за родова еднаквост е определена од стратешкиот пристап на Интегрирање на родовата перспектива (Gender Mainstreaming). Во Националниот план за акција за родова рамноправност на Р. Македонија 2007-2012 се наведува дека вклучувањето на родовата рамноправност во главните текови, политики и практики претставува клучен концепт и темел во спроведување на политиката на рамноправност, а неговата примена е одговорност на Владата и сите министерства. Поточно, тоа претставува интегрирање на родовата перспектива во процесот на проценување на импликациите на секое планирано дејство врз жените и врз мажите, вклучувајќи го законодавството, политиките и програмите во сите сфери и на сите нивоа на општественото живеење.
Вклучување на родовата перспектива во главните текови, политики и практики за ХИВ-превенција, третман, грижа и поддршка, имплицира (ре)организација, подобрување, развој и оцена на генералните политики, стратегии и програми за ХИВ-превенција, со цел родовата перспектива да биде вклучена на сите нивоа и во сите фази од страна на актерите вклучени во креирањето на тие политики. Воедно, тоа значи и заложба за надминување на традиционалната патријархална матрица на уредување на односите меѓу мажите и жените, како реална пречка за остварување на суштинска родова еднаквост.
Вклучувањето на родовата перспектива во главните текови, политики и практики од областа на ХИВ/СИДА, всушност претставува обезбедување услови во кои, улогите, проблемите и искуствата и на жените и на мажите ќе бидат интегрален дел од планирањето, изработката, имплементацијата, набљудувањето и оцената на сите закони, политики и програми од областа на ХИВ/СИДА, со цел жените и мажите да имаат еднаква корист и еднакви придобивки.
Прочитајте го целиот водиич: Водич за интегрирање на родовата перспектива во националниот одговор на ХИВ/СИДА во Р. Македонија.