МАРИХУАНА − тоа е мојата пасија од 90-тите години. Штом пробав знаев дека никогаш нема да престанам да ја консумирам. Во тие години најчесто се снабдувавме од Струмица или Гевгелија, а во тој регион често знаеше да „влета“ и од соседна Бугарија, т. е. Петрич. Се случуваше и да набавуваме од Охрид и Струга бидејќи во овој регион марихуаната најчесто доаѓаше од Албанија. Во Струмица, Гевгелија и околните села до крајот на 90-тите се произведуваа извесни количини на мархуана. Некаде на крајот на деведесеттите паметам дека токму таму започнаа да се случуваат сериозни полициски акции и гонење на уживателите и одгледувачите на канабисот… Според мене, ефектот од акциите беше ужасен од повеќе причини, пред сè ставајќи ги уживателите на рамниште на криминалци. За жал, таквите акции доведоа единствено до полнење на црните буџети на некои соседни земји. И ден-денес, за секој „дим“, за секоја капка масло од канабис за каква било употреба, парите завршуваат во соседните земји. И затоа сметам дека нешто треба ИТНО да се смени.
Отсекогаш сум бил на ставот дека супстанциите треба да се поделат според тоа дали можат да влијаат штетно врз организмот или не. Од таа причина сметам дека марихуаната треба да се третира посебно во законите, а не во група со други супстанции. Живееме во 21 век со напредната наука и треба законските решенија да бидат креирани според овие нови научни сознанија. Како луѓе на 21 век имаме право и обврска да креираме закони кои одговараат на реалноста која ја живееме. Регулацијата на употребата на канабисот, неговата легализација или за почеток декриминализацијата на Македонија ќе ѝ донесе сериозни бенефити, почнувајќи од медицинскиот и завршувајќи со економскиот. Овие измени во третманот на оваа супстанција, измени кои би нè придвижиле од криминализација кон декриминализација и конечно легализација бараат политичко и партиско обединување во име на едно колективно добро. Нашите барања имаат јавен интерес и оние кои би застанале против нив јас би ги сметал за државни непријатели.
Ако привот чекор е декриминализација, тогаш за мене тоа би значело носење на пакет-мерки кои не можат едни без други, и тоа:
- Неказниво поседување одредена количина пронајдена кај полнолетни лица.
- Одгледување одреден број стебла, а доколку се работи за медицинска употреба, односно за болни лица бројката на стебла да е поголема (секако, станува збор за полнолетни лица кои се уредно пријавени). Контролата ја врши Агенцијата за канабис која веќе е предвидена во предлог-законот.
- Социјални клубови, исто така под надзор и контрола на Агенцијата за канабис. Овие клубови би можеле да ги посетуваат само корисници над 21 година. Идејата е на влезот во клубот да се пополнуваат формулари со сите генералии, потоа клубот да издава картичка на која се ставаат средства. При секоја посета на клубот во секое време би се контролирала продажбата, а клубовите би плаќале невообичаени даноци за да се почувствува економскиот бенефит за државата.
- Учество на претставници на граѓанското општество, т. е. здруженија на граѓани кои се залагаат за каузата во Комисијата на Агенцијата за канабис.
Во кратки црти ова е мојата замисла за тоа што значи декриминализацијата и сметам дека доколку се случи многу брзо Македонија ќе ги почувствува придобивките од овие измени.
Потоа, следна фаза би била ЛЕГАЛИЗАЦИЈА.
Преку легализацијата државата ќе почувствува поинакви бенефити. Малку доцниме со овие промени во однос на други развиени земји и често се поставува прашањето дали праксата од Европа или САД треба да се преслика и кај нас. Моето мислење е дека ние треба да подготвиме закон кој ќе биде соодветен за Македонија, односно ќе одговара на нејзината реалност и ќе претставува придобивка и за народот и за државата.
Автор: Огнен Узуновски од Зелена национална агенда на Македонија (ЗНАМ)