Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Европа почнуваат да се развиваат во раните осумдесетти години на ХХ век и денес се прифатени како ефикасен модел за заштита на правата и на здравјето на луѓето кои употребуваат дроги, а преку тоа и како еден од моделите за ефикасна заштита на јавното здравје. Во Македонија првата програма од овој вид се појавува во Скопје во 1996 година, а денес постојат вкупно 16 слични програми во 13 различни градови, што се финансираат со средства од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Впрочем, потемелен осврт на развојот и на значењето на политиките и на програмите за намалување на штети од употреба на дроги беше направен во претходниот број на Дроги – Политики и практики. Она што е многу поважно во овој текст е одржливиот опстанок на програмите за намалување на штети по завршување на финансиите доделени од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.
Од 1.11.2004 до 31.3.2008 година, со договор на Владата на Република Македонија и Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, во Македонија се спроведуваше проектот „Градење на координиран одговор за ХИВ/СИДА“. Овој проект продолжува да се развива во два нови проекти. Првиот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Зајакнување на капацитети“ се спроведува од 17.4.2008 до 31.3.2013 година, а вториот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Одржлив развој“ од 1.1.2012 до 31.12.2016 година, кога завршува договорот за финансирање на активностите со средства одобрени од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги имаат значаен удел во трите наведени проекти и со право се загрижени за понатамошниот опстанок на нивните активности.
Според најавите, Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија по дванаесетгодишна поддршка очекува грижата за понатамошниот опстанок на активностите за одржување на ниска ХИВ преваленција да ја преземе Владата на Република Македонија. Бидејќи крајниот рок за завршување на проектот сè повеќе се приближува, „Платформата за одржливост на сервисите за ХИВ“, во која членуваат и здруженијата што ги спроведуваат програмите за намалување на штети, е сè позагрижена за понатамошната одржливост на активностите за превенција на ХИВ/СИДА. За волја на вистината, од август 2014 година Министерството за здравство на Република Македонија започна процес за определување критериуми за сертификација на здруженијата што ќе ги финансира од 2017 година, но до објавувањето на ова издание немаше никаква видлива гаранција за подготвеноста на Министерството за здравство да продолжи со финансирање на овие проектни активности.
Можности за финансирање на програмите за намалување на штети од буџетите на Министерството за здравство и на Министерството за труд и социјална политика
Процената на трошоците на програмите за намалување на штети покажува дека годишниот буџет за одржување на сите шеснаесет програми за намалување штети изнесува меѓу 27.391.500,74 денари и 34.853.928,62 денари, во зависност од избраниот модел на финансирање.
Мониторингот на буџетите на двете програми на Министерството за здравство и на една програма на Министерството за труд и социјална политика, што дејствуваат најпогодно за финансирање на програмите за намалување на штети, кој ХОПС – Опции за здрав живот Скопје го спроведе во 2014 година, не дава многу надеж за обезбедување одржливо финансирање на програмите за намалување на штети.
Имено, до носителите и до извршителите на Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности, на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА и на Програмата за социјална заштита – Дневни центри и прифатилишта за вонинституционална социјална заштита беа испратени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер со кои беа побарани банкарски изводи, сметководствени картички и фактури за 2011, за 2012 и за 2013 година. И иако изгледаше дека институциите брзо и лесно ќе одговорат на барањата, што беа крајно поедноставени за да бидат поразбирливи, мониторингот се претвори во долготраен и во макотрпен процес на постојана комуникација за остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. А селективните одговори на поднесените барања или молкот на поединечните извршители на наведените програми го ограничуваат увидот во буџетските расходи и оневозможуваат да се направи реална процена на можностите за обезбедување одржливо финансирање на програмите за намалување на штети од овие програми.
Од ограничените податоци може да се забележи дека Министерството за здравство непотполно ги извршува обврските кон извршителите на Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности и на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА кога се работи за обврски за кои средствата се обезбедени директно од Буџетот на Република Македонија. За разлика од ова, Министерството за здравство подоследно ги извршува финансиските обврски кон извршителите чии активности се финансираат од проектот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Одржлив развој“. Сепак, како што е опишано понапред, овој проект се финансира со средства од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија од каде што се инсистира на доследно спроведување на преземените обврски.
Многу е потешко да се процени буџетот на Програмата за социјална заштита – Дневни центри и прифатилишта за вонинституционална социјална заштита. Според тврдењето на Министерството за труд и социјална политика, за единствените два дневни центри за корисници на дрога и членови на нивните семејства во Куманово и во Охрид, што работеле во 2011, во 2012 и во 2013 година и на кои се однесува оваа процена, не можат да се издвојат посебни податоци. Двата центри дејствувале во рамките на меѓуопштинските центри за социјална работа и за нив не се водела посебна финансиска евиденција. Дневниот центар во Куманово веќе две години не работи, а просториите се испразнети и не се одржуваат, додека просториите на Дневниот центар во Охрид во последниве неколку месеци се реновираат и се очекува наскоро повторно да се активираат. Од достапните податоци сепак може да се забележи дека за овие два дневни центри просечно за 2011, за 2012 и за 2013 година се издвојувани само 0,73% од буџетот на Програмата, што просечно годишно изнесува само 7.020,00 денари по клиент. Се разбира, логично е да се очекува дека од оваа Програма треба да се издвојуваат повеќе средства за луѓето кои употребуваат дроги, особено кога ќе се земе предвид фактот дека, според процената на Институтот за јавно здравје направена во 2010 година, во Македонија има околу 10.200 луѓе кои инјектираат опијати, не сметајќи ги луѓето кои употребуваат други видови дроги. Според замислата, дневните центри за корисници на дрога и членови на нивните семејства треба да овозможуваат услуги за информирање, за советување и едукација, за работно ангажирање, за културно-забавни и за рекреативни активности, но не и да спроведуваат политики за намалување на штети од употреба на дроги.
Перспективи за стабилна одржливост на програмите за намалување на штети
Во недостаток на потемелни информации за буџетските расходи останува да се претпостави дека Министерството за здравство ќе најде начин да ги обезбеди финансиските средства што сега ги добива како донација од Глобалниот фонд за борба против СИДА, тубекулоза и маларија. Со тоа програмите за намалување на штети би продолжиле да се финансираат во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА. Доколку е неизводливо финансирањето да продолжи преку Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА, ќе треба да се изнајде друг начин за одржување на програмите за намалување на штети. Можеби може да се размисли за основање на нова меѓуресорска програма што би се финансирала со средства од две или повеќе министерства.
Во секој случај се очекува дека Владата на Република Македонија ќе ги исполни своите обврски кон Глобалниот фонд и ќе продолжи со финансирање на активностите за превенција на ХИВ/СИДА. Она што е многу позагрижувачки е како ќе се одвива тоа.
Мониторингот на буџетите покажа дека Министерството за здравство со големи задоцнувања и непотполно ги исполнува финансиските обврски кон извршителите на мониторираните програми. Не е јасно како извршителите успеваат да ги надоместат неисплатените побарувања. Низ скудните објаснувања, одговорните лица објаснуваат дека трошоците делумно ги покриваат со средства наплатени за други здравствени услуги, неврзани за мониторираните програми. Сепак тие средства не се доволни и поради тоа генерираат долгови кон своите доверители и мораат да го намалуваат квалитетот на услугите што ги овозможуваат.
Програмите за намалување на штети од употреба на дроги немаат начин, ниту е тоа во склад со нивната определба, да наплатуваат за услугите што ги овозможуваат и не би можеле да опстанат доколку не бидат редовно и во целост исплатувани за нивната работа. Успешноста на овие програми е заснована на довербата што ја добиваат од своите клиенти, а довербата ја добиваат благодарение на посветеноста кон работата. Токму поради таа доверба програмите за намалување на штети имаат улога на посредници меѓу луѓето кои употребуваат дроги и институциите. Опаѓањето на квалитетот ќе ги одврати клиентите од програмите за намалување на штети, а со тоа ќе се продлабочи јазот меѓу заедницата и институциите и ќе се отежнат можностите за ефикасна превенција на ХИВ/СИДА, хепатит Б и Ц и други сексуално и крвно преносливи инфекции.
Во услови на институционален молк и инертност во разрешувањето на суштинските социјални и здравствени прашања останува само надежта дека институциите ќе најдат решение за стабилна одржливост на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Едно од можните решенија е здруженијата што спроведуваат програми за намалување на штети да бидат прифатени како партнери на ресорните министерства. Тоа ќе овозможи поголема демократизација во донесувањето на одлуки и контрола на ефикасноста во превенцијата на ХИВ/СИДА. Но, многу повеќе здруженијата со сопствен ангажман можат да им асистираат на ресорните министерства во обезбедувањето на дополнителни финансии од други извори за понатамошен развој и за ширење на програмите за намалување на штети.
Вања Димитриевски
Авторот работи како програмски асистент за истражување во ЦЕДИ – Центар за едукации, документирање и истражување при Здружението ХОПС – Опции за здрав живот. Има магистратура по етнологија и антропологија и долгогодишно истражувачко искуство меѓу различни општествено-маргинализирани групи/заедници, особено меѓу луѓето кои употребуваат дроги.