По повод 31 Август – Меѓународниот ден за подигање на свеста од предозирање со дроги, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот покрена акција на интернет за споделување на искуства со предозирање. Немаше многу сведоштва, но акцијата привлече многу внимание за достојно одбележување на денот и за поттикнување на свеста за предозирање со дроги. Во продолжение се изнесени дел од сведоштвата на луѓето кои се охрабрија јавно да ги изложат чувствата за жртвите на институционалната незаинтересираност за предозирањето од дроги.
„Комшичето ми почина од предозирање. Порасна со моите деца и беше свој и посебен со сите негови доблести и мани. Не можам да му го спомнам името зошто неговите ја криеа голготата низ која минуваше до самиот крај. Почивај во мир комшиче!“ |
„Да споделиме, а воедно и да ги спомнеме сите оние кои веќе не се со нас. На времето кај нас во Куманово првата жртва од предозирање беше едно мое другарче кое, за жал, не дочека да наполни ни 25 години, а беше добар музичар и свиреше многу добро гитара. Прва жртва во Куманово од хероин… Почивај во мир Бане… После тоа следеа уште неколку другарчиња и пријатели кои ги загубивме од предозирање. Кој од хероин, кој од алкохол, или некоја комбинација, како и последниот случај со алкохол и апчиња… Така го изгубив и моето другарче, и тоа пред половина година, најдобар другар со кого заедно поминавме многу работи, заедно одевме во школа, заедно бевме во војска, заедно пиевме, се дрогиравме, поминавме многу и многу… Беше понеделник, а тој помина од кај мене на работа за да ме види на минување и ме праша дали ке бидам дома у сабота за да помине на гости и да пиеме кафе, а јас потврдно реков да, но сепак пред тоа да ми се јави, да се слушнеме за да не излезам во меѓувреме… Ми кажа „кој те ебе и да не си тука јас со твоите дома ке пијам кафе“, тоа беше тој, во негов стил… Дојде четврток и пред пладне околу 12 часот ми зазвони телефонот, една другарка почна од околу да ми завлекува и да ме распрашува за него, за подоцна кога виде дека не ја разбирам што сака точно да ме праша самата ми кажа за него дека изгледа починал, а на мене сѐ уште не ми се веруваше, знаев дека е лага или дека е само некој обичен муабет од злите јазици, но за жал сум бил грешка. Некако ме јадеше од внатре и морав да се јавам и да го прашам брат му, кој за жал ми ја потврди истата вест… Го нашле во наутро и тоа пред да стане за да оди на работа. Се знаеше дека е предозирање, но кружеа неколу разни муабети, а едниот е предозираност од алкохол и апчиња, што можеби е и вистина… На погребот го пцуев во себе колку што можев и му ветив дека ке му се одолжам за кафе кога ке се сретнеме некогаш на некое подобро место! Не го пишувам неговото име, не, но засекогаш ке биде со мене и секогаш ке го споменувам… Почит кон сите што ги имаме изгубено. #ХОПС #OverdosedayMacedonia“ |
„Па еве, јас би споделил нешто. Досега имам изгубено барем 10-тина познаници, но и еден, двајца многу блиски пријатели. Она што до ден денес ми е врежано како најсилно е губењето на сестрата на мојот најдобар пријател. Подолго време знаевме за проблемот, некое време беше дома, не излегуваше. Постојано на лекарства. Се сеќавам и ден денес на моментот кога јас и другар ми си доаѓавме весели и среќни кај него дома. Таа не чекаше на врата. Не молеше да ја пуштиме, велејки дека брзо ќе се врати. Може беа секунди, може часови, но двајцата, тинејџери и неискусни, подлегнавме на нејзиното молење, а можеби и се тешам, но и ден денес мислам дека немаше начин да ја сопреме, па и со сила. Последна слика од неа ми е како трча и брза да фати такси до последниот фикс. Таа слика, тие моменти ми се врежани во мојата меморија и не можам да ги избришам. Но, јас не сакам да ја паметам по тоа. Сакам да ја паметам по нејзината брилијантност, по нејзината прекрасна насмевка, гласна како најсилните ѕвона! Сакам да ја паметам по нејзината убавина, по нејзината желба за живот, желба за среќа. Ја паметам како на цел глас ги пееше песните на Тоше, како ја вртеше „Сонце во твоите руси коси“ по сто пати. Ирина, ти беше нешто посебно, нешто преубаво за овој свет. Не те разбираа луѓето околу тебе бидејки ти беше водена од љубов и работите ги правеше со полно срце! Ми недостасуваш Ирина. Но, сигурен сум дека не гледаш одозгора и ни се смееш, се смееш на сите наши авантури со брат ти, на нашите нови животи како родители. Ми недостасуваш Ирина… Се гледаме кога судбината ќе реши така. Поздрав и до мојот пријател Абаз, голем човеку, се гледаме горе. Тешко е без вас. #ХОПС #OverdosedayMacedonia“ |