29.01.2007 во склоп на програмите на ХОПС, се отвори првиот дроп ин центар за поддршка на сексуалните работници во Скопје, под принципот повеќе сервиси под еден покрив, додека пак од 2000-2006 година услугите кои ги нудеше ХОПС се даваа исклучиво на терен.
Овој центар покрај тоа што им овозможи на сексуалните работници да разговараат со социјален работник, правник, психолог, да зготват оброк, да користат машина за перење алишта како би ја испрале својата облека, им даде можност да користат туш, фризер, шминка и да бидат дел од различни видови на работилници. Истиот тој центар одигра клучна улога во здружувањето и зајакнувањето на заедницата.
Дружбата беше меѓу клиенти кои работат на различни сцени, кои без постоењето на овој центар не би се дружеле. Овој центар го означува почетокот на гласното и слободното говорење за правата на сексуалните работници, потребата од активизам, со овој центар започнаа иницијативите за првите акции кои беа осмислени и водени од заедницата, излегувањето на првиот весник “Од нас за Нас”. Исто така тука започна и иницијативата за формирањето на неформалната група Стар, која после неколку години се регистрираше како самостојно здружение на заедницата на сексуални работници “СТАР-СТАР”.
Начинот на работа кој овој центар го практикуваше подоцна се користеше како модел на добра пракса по кој се развиваа центрите за поддршка на сексуални работници и во останатите градови како што се Охрид, Струмица и Гостивар, но и многу пошироко како земјите кои што доаѓаа на студиски посети во Македонија.
Марија Тошева