Република Северна Македонија има законска рамка за заштита на жртви на трговија со луѓе усогласена со меѓународните стандарди. Институционалната машинерија воспоставена за борба против трговија со луѓе наспроти услугите за жртвите на трговија со луѓе и услугите за поддршка на сексуалните работници презентирани во анализата го отсликуваат фокусот што државата го има за ова прашање. Имено, од воспоставувањето на Националната комисија во 2003 година, државата најголем дел од ресурсите ги насочува кон кривично-правниот систем, безбедносниот систем, организираниот криминал и илегалната миграција, додека најголем дел од услугите за жртвите се испорачуваат од здруженија преку финансиска поддршка на странски донатори.
Генералниот заклучок е дека бројот на потенцијални жртви на трговија со луѓе е значително поголем во однос на идентификуваните жртви на трговија со луѓе, односно деца. Инертноста на институциите и недостатокот на волја и капацитет да постапуваат во случаи на трговија со луѓе со прекуграничен елемент резултира со значително поголем број на потенцијални жртви во однос на идентификувани жртви на трговија со луѓе. Бројот на жртви на трговија со луѓе варира низ годините, а во последните десет години не надминува повеќе од десет случаи годишно, односно најмногу осум (2009), најмалку еден (2013). Најголем број жртви се идентификувани и случаи се процесирани во периодот кога покрај редовното спроведување на надлежностите на институциите паралелно се спроведуваа активности финансиски поддржани од странски донатори (ИОМ). Отсуствуваат податоци за причините поради кои во различни години се зголемува, односно се намалува бројот на идентификуваните жртви на трговија со луѓе.
Освен скудните податоци за број на идентификувани случаи, отсуствува анализа на фактори што влијаат на зголемувањето или на намалувањето на трговијата со луѓе, зошто одредени форми на експлоатација се по-доминантни во однос на други и други информации што ќе помогнат за континуирано следење на состојбите и креирање политики што ќе дадат соодветен одговор на проблемот со трговијата со луѓе. Во периодот од 2003 до 2007 година евидентен е прогонот на надлежните институции на сторители на кривичното дело трговија со луѓе и посредување во вршење проституција.
Од извештаите и практиката на институциите, особено во овој период, не е јасно дали постои јасно разграничување на однесувањето што го исполнува обележјето на кривичното дело трговија со луѓе, или однесување што е само примена на сила и закана при посредување на вршење проституција што резултира со 12 случаи на посредување во 2007 година наспроти ниту еден случај на трговија со луѓе. Во другиот период, предмет на оваа анализа, фокусот на надлежните е ставен на трговијата со луѓе и илегалната миграција, иако и овие заложби не покажуваат значајни резултати ако се земат предвид бројот на идентификувани жртви и гонети сторители.
Во однос на случаите на посредување при вршење проституција, во периодот од 2008 до 2018 година Националната комисија нема евидентирани случаи на посредување во вршење проституција, освен по еден случај во 2010 и 2011 година. Ова е значително намалување во однос на претходните пет години кога бројот на вакви случаи се движи и до над триесет. Истовремено, податоците од основните судови низ Република Северна Македонија покажуваат дека сепак има 14 правосилни пресуди за кривичното дело Посредување во вршење проституција во периодот од 2013 до 2018 година.
Сексуалната работа или проституција, како што е именувана во законската регулатива, е однесување што се забранува доколку се договара и се одвива на јавно место, а за самостојната сексуална работа во затворен простор не постои законско ограничување. Се казнуваат сите други дејства поврзани со организирањето на сексуалната работа, на пример договарање, посредување, овозможување простории, користење на заработката од сексуалната работа и друго. Укинувањето на одредбата со која се казнува присилата и заканата во вршењето проституција доведе до елиминирање на правната можност за мешање на овие две појави, но начинот на кој институциите постапуваат кон трговијата со луѓе и проституцијата покажува дека третманот не е променет. Сите институции во сите фази на постапката во центарот го имаат обвинетиот и целта е да се прогласи за виновен и да се казни без да се води сметка за жртвата, нејзините права и потреби. Ваквиот пристап, засилен со намерата за намалување на побарувачка на сексуални услуги како соодветен во борбата против трговија со луѓе, ги повредува правата на оние што се занимаваат со сексуална работа.
Искуството од Шведска, каде што повеќе од 20 години е во сила закон со кој се казнуваат корисниците на услуги како мерка за намалување на трговијата со луѓе, не резултира со намалување на побарувачката на сексуални услуги, но меѓу другото, влијае на намалување на бројот на пријави на случаи на експлоатација во сексуалната индустрија од страна на клиенти кои при користење на услугите посведочиле експлоатација.90 Во Република Северна Македонија превентивните активности за намалување на трговијата со луѓе не се спроведуваат помеѓу сексуалните работници како дел од националниот одговор, а можат значајно да придонесат во борбата против трговија со луѓе, но истовремено сексуалните работници да зајакнат и да се охрабрат да ги пријавуваат случаите на насилство и експлоатација. Ова е можно единствено во правен и политички контекст во кој сексуалната работа е декриминализирана де јуре и де факто, а сексуалните работници можат да живеат и да работат во безбедни услови и да се третираат со достоинство и да се почитуваат нивните права.
Порчитајте го резимето и целото истражувње.