Mартина Грнчаревска е магистер по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Член е на Здружението на млади кривичари и на Здружението за кривично право и криминологија. Работи како правен советник во невладина органзиција.
Најчесто луѓето кои се одлучуваат за микродозирањето сметаат дека тоа би ја зголемило нивната креативност, би ја подобрило нивната ментална стимулација исто како кога би земале поголема доза, би ги ублажиле проблемите со менталното здравје како што се депресијата и анксиозноста, би ја зголемиле концентрацијата, продуктивноста и низа други позитивни аспекти за стимулација на нивното ментално здравје.
Феноменот познат како микродозирање најпрво започна да се користи од страна на фармацевтските компании во седумдесеттите години од минатиот век како дел од развојот на лекови надвор од клиничките испитувања за подоцна да стане техника за луѓето кои сакаат да ги искористат терапевтските придобивки од психоделиците.
Микродозирањето подразбира земање мали количества психоделици кои не произведуваат никакви опојни ефекти, но за кои се тврди дека може да го зајакнат сознанието и да ги промени моделите на врски во мозокот на долг рок. Имено, тоа подразбира земање многу ниски дози на супстанција, обично психоделичен лек. Количината на употребената супстанција е значително под халуциногената доза, но се смета дека таквата практика може да произведе голем број позитивни здравствени ефекти. Дефинициите за тоа што точно претставува микродоза се разликуваат. Општо земено, тоа вклучува земање околу 5 % до 10 % од рекреативната доза на халуциногена супстанција. Ова е некаде меѓу 10 и 20 микрограмови. Овие мали дози се наменети за подобрување на секојдневното функционирање, избегнувајќи ги оние драматично изменети состојби на свеста кои се јавуваат при големи дози. Супстанциите кои често се користат за микродозирање вклучуваат: ајахуаска, канабидиол (CBD), канабис, ибогаин, кетамин, диетиламид на лизергинска киселина (LSD), мескалин, метилендиоксиамфетамин (MDMA), никотин, псилоцибин („магични“ печурки) и други. Иако може да се користат голем број различни супстанции, најчесто користени за микродозирање се психоделиците ЛСД и псилоцибин (активната состојка во магичните печурки) бидејќи се најистражувани на светско ниво и најчесто може полесно да се добијат од некои помалку користени супстанции. Од досегашните истражувања, повеќето студии се потпираат на субјекти кои сами ги пријавуваат своите минати искуства со микродозирање. Ваквите студии можеби нема да дадат целосна слика за реалната практична примена на микродозите бидејќи повеќето од овие учесници веќе очекуваат добро искуство така што нивните повратни информации може да бидат и во голема мера попристрасни.
Целосна доза наспроти микродози Иако истражувањето за микродозирање сè уште недостасува, некои неодамнешни докази сугерираат дека психоделиците со целосна доза може да имаат одредени придобивки. Па така, на пример, психоделиците (во целосни дози) може да помогнат во ублажување на некои состојби на менталното здравје, вклучително и анксиозност и депресија, додека пак студиите направени кај ЛСД и псилоцибин утврдуваат дека тие може да бидат корисни во лекувањето на зависност од дрога, алкохол и депресија, а пак метилендиоксиамфетамин (MDMA) покажува некои придобивки во лекувањето на посттрауматско стресно растројство. Важно е да се запамети дека иако се покажало дека некои супстанции имаат терапевтски потенцијал при полни дози, тоа не мора да значи дека кај сите луѓето ќе ги има истите ефекти. Микродозирањето нуди некои предности во однос на употребата на психоделици во целосни дози. Иако овие супстанции имаат низок физиолошки ризик, целосните дози ги ставаат луѓето во ризик да доживеат психолошки несакани ефекти (халуцинации, параноја, промени во расположението и заблуди кои можат да бидат потенцијално опасни). Бидејќи микродозирањето вклучува многу помали дози, луѓето имаат помала веројатност да се соочат токму со овие негативни несакани ефекти, но сепак не е исклучена и веројатноста и субхалуциногените дози да предизвикаат определени несакани ефекти.
Предности (придобивки) и ризици од микродозирањето Најчесто луѓето кои се одлучуваат за микродозирањето сметаат дека тоа би ја зголемило нивната креативност, би ја подобрило нивната ментална стимулација исто како кога би земале поголема доза, би ги ублажиле проблемите со менталното здравје како што се депресијата и анксиозноста, би ја зголемиле концентрацијата, продуктивноста и низа други позитивни аспекти за стимулација на нивното ментално здравје. При микродозирањето луѓето често тврдат дека имаат чувство на подобрено расположение како што се поголема среќа, мир, смиреност, благосостојба, намалени симптоми на депресија и анксиозност, оптимизам и подобрен фокус. Често се јавуваат и когнитивни и социјални придобивки кои вклучуваат подобрена ментална слика, поголема емпатија и повисоки нивоа на екстраверзија. Луѓето кои пробале микродозирање тврдат дека имаат голем број други перципирани придобивки, вклучително и општ недостаток на несакани ефекти и способност да може да ја контролираат дозата која ја земаат.
Во делот на решавањето на проблемите со менталното здравје, психоделиците можат да дејствуваат како катализатор за создавање услови кои му овозможуваат на пациентот да им пристапи на своите прашања од друга перспектива и да му помогнат во справување со проблемите со менталното здравје. Зголемената креативност е една од најчесто пријавените придобивки од микродозирањето, што најчесто е потребна кај уметниците за подобро изразување на нивните чувства и креативност (во 60-тите години на минатиот век, „трипи“ уметничките дела и музиката инспирирана од ЛСД, како што е албумот на Битлси „Револвер“, ги истакнаа психоделичните дроги како креативна алатка). Микродозирањето може да обезбеди одредени придобивки за некои луѓе, но тоа не значи дека е без несакани ефекти. Па оттука како најчести проблеми со кои се соочуваат корисниците се: физиолошки непријатности, нарушен фокус, оштетена енергија, нарушено расположение, зголемена анксиозност, когнитивно оштетување и сл.
Поголем ризик кој се јавува е проблемот што не е регулиран пазарот за недозволена дрога, па оттука постои голема опасност луѓето ненамерно да консумираат потенцијално опасна нова непозната психоактивна супстанција која може да им се продаде како навидум некоја постоечка, а секако постои и несигурност во големината на дозата што се купува, односно дали е тоа повеќе од предвиденото за микродоза. Препорачливо е при микродозирањето супстанциите да не се мешаат со алкохол, кафе или лекови. Некои експерти препорачуваат да не се користат дури ни стимуланси, а дозирањето во просек да биде до двапати неделно. Бидејќи ефектите, предностите и ризиците од микродозирањето сè уште не се доволно лабораториски истражени, тие се сведуваат досега само на определени универзитетски истражувања на помали групи испитаници, искуства од корисници на микродози и сл. Сепак, можеме да кажеме дека интересот за микродозирање неверојатно порасна во последниве години предизвикувајќи изобилство на онлајн дискусии, видеа и написи за тоа како микродозирањето е применливо и ефикасно во секојдневниот живот. Иако микродозирањето, поради неговата неконвенционалност и еден вид пристапност, се чини дека е безопасен метод за самолекување, вреди да се одржува објективна критика и да се следат упатствата за намалување на ризиците од неговата употреба.