Влијанието на COVID-19 врз заштитата на правата на жртвите на трговија со луѓе и експлоатација SOS: 0800 11111

0

Моменталната криза околу вирусот COVID-19 влијае на сите земји и заедници, повеќето европски држави превземаат рестриктивни мерки за да спречатшироко ширење на COVID-19 и да ги ублажат здравствените ризици за населението. Иако состојбата ги погодува сите, новата ситуација има особено негативно влијание врз маргинализираните групи, вклучително и илјадниците мигранти кои работат во Европа на ниско платени и експлоатативни работни места, поддржувајќи ги европските земји  во пополнување на своите недостатоци во работната сила. Особено сега, во време на криза, нееднаквоста и дискриминацијата ги зголемуваат не само ризиците од злоупотреба и сериозната експлоатација на најранливите, туку ги ставаат под ризик да бидат изложени на инфекција со што потенцијално стануваат дури и “жртвено јагне” за ризиците на јавното здравство.

Многу од нив се жени, мажи и деца во нередовна и несигурна состојба. Тие честопати се соочуваат со злоупотреба експлоатација додека се обидуваат да преживеат на улица, во приватни домови, во барови, ресторани, продавници, во рурални средини и на други места на маргините на нашите општества. Додека и жените и мажите можат да бидат жртви на тешки форми на трудова експлоатација, жените повеќе од мажите имаат тенденција да зафаќаат работни места во неформалниот сектор, што не е опфатено во ниеден закон за работни односи или социјална заштита.

Ла Страда Интернационална повикува на внимание за ситуацијата со жртвите на трговија со луѓе и тие кои се ранливи на трговијата со луѓе, екслоатацијата и насилството, и таргетира мерки за обезбедување на нивна заштита, поддршка и спречување на дискриминацијата и нееднаквиот третман.

Недостаток на безбедност и пристап до здравство

Многу работници мигранти ни кажуваат дека треба да ја продолжат својата работа, без доволно превентивни мерки преземени од нивните работодавци. Некои од нив се принудени да продолжат да работат и покрај тоа што се болни. Безбедносните мерки не се применуваат еднакво за сите работници. Контролата е послаба бидејќи трудовите инспекции се намалени. Истото важи за полициската активност и работата на терен. Лицата кои се сериозно трудово експлоатирани, вклучително и тргуваните лица, не можат да бидат идентификувани како жртви на кои им е потребна поддршка и немаат пристап до заштита и безбедност.

Оние кои имаат повремена работа или се во нередовен работен статус се соочуваат со поголема изложеност на инфекција заради нивната несигурна работа и услови на домување и нивната веројатна зависност од поддршка од други лица, кога не се во можност да работат или да пристапат до социјална сигурност. Во многу земји, тие имаат право само на здравствена заштита во итни случаи. Медицинските термини се откажуваат, а здравствените служби во заедницата ги затворија или намалија своите активности, како резултат на тековната состојба. Покрај тоа, во моментов има ограничена психо-социјална поддршка и грижа за траума за оние кои биле подложени на тешки форми на сексуална или трудова експлоатација, насилство и вознемирување, како жртвите на трговија со луѓе. Во исто време, некои влади преземаат мерки за да ги отстранат бариерите за пристап до потребните здравствени услуги за жителите без документи.

Недостаток на доволно информации и правна поддршка

Гледаме дека голем број работници мигранти немаат поддршка и потребни информации за да го заштитат своето здравје и здравјето на другите во согласност со рестриктивните мерки. СОС линиите и услугите за консултации кои ги обезбедуваат нашите членови – како и други невладини организации – продолжуваат, но консултациите се обезбедуваат само преку интернет или преку телефон. Бројни телефонски повици се примени од работници кои не добиле соодветни информации од нивните работодавци. Тие немаат информации за нивните права или мерки за компензација. Постои генерален недостаток на бесплатна правна помош. Многу невладини организации даваат правна помош, која пак зависи од ограничени средства за да одговорат на побарувачката за помош. Ова е уште попроблематично сега, бидејќи многу организации што обезбедуваа таква правна помош мораа во голема мерка да ги намалат своите услуги и можеби е потешко да одговорат на оние што имаат потреба од помош. За оние што се веќе во тек на правни процедури, долгоочекуваните судски постапки што може да понудат правда се ставени во мирување, понекогаш доведувајќи до продолжен притвор или затвор.

Голема е потребата од шелтер центри и поддршка од владата

Шелтер центрите за жртви на трговија со луѓе воглавно се раководени од невладини организации кои, во време на криза, треба уште посилно да се борат за да продолжат  со своите услуги и да ги поддржуваат оние кои имаат потреба. Честопати, овие услуги не се дел од националните структури за поддршка и тие се исклучени од владините програми за поддршка и здравствени мерки. Капацитетот на шелтрите е ограничен, некои се полни, или пак мора да го ограничат пристапот заради безбедносни мерки поврзани со COVID-19, на пример, затоа што нема доволно капацитети за раздвојување на лицата кои престојуваат таму. Некои засолништа пријавиле инфекции со вирусот Корона и морале да се затворат, за да не се стават други лица кои остануваат таму под поголем ризик.

Во некои земји, невладините организации мораа да ги затворат канцелариите, шелтер центрите и службите за бегалци. Многу ранливи мигранти во моментот престојуваат во и околу преполни центри за бегалци, како што е ситуацијата во Морија во Грција, камп дизајниран за 3.000 лица, во кој 20.000 лица кои имаат потреба се собираат, во загрозувачки околности, на место каде е невозможно да се одржуваат превентивни мерки/ограничувања, да се обезбедат доволно мерки за далечина и безбедност. Некои влади преземаат мерки, како на пример искористувајќи ги капацитетите на спортски сали, хотели, младински хостели, за да ја зголемат достапноста на шелтрите. Сепак, потребна е поголема поддршка за да се обезбеди доволен пристап до потребите на шелтерот, вклучувајќи и финансирање на одредбата за самоизолација.

Недостаток на пристоен приход и социјална сигурност

МОТ проценува дека, како резултат на СОVID-19, 25 милиони работни места би можеле да бидат изгубени ширум светот. Белешката на МОТ предупредува дека одредени групи веројатно ќе бидат несразмерно погодени од кризата, вклучително и луѓе со помалку заштитени и нискo платени работни места. Забележуваме дека лицата во маргинализирани позиции, особено оние со нерегулирани статуси или неформални и несигурни работни места, вклучително и домашни работници, чистачи, негуватели, оние кои работат во секторот за гостопримство, вклучувајќи хотели, барови и ресторани, како и оние кои работат во дистрибуција, логистика и преработка на храна се меѓу најранливите. Работниците се соочуваат со прекини во работното време, ги губат работните места и немаат пристап до шеми за социјална помош. Сексуалните работници станаа уште поранливи од порано. Онаму каде што сексуалната работа беше регулирана во клубови, бордели или други работни места, сега е забранета во неколку земји, вклучително и во Германија, Австрија, Холандија и Швајцарија, што создава ранливост кон поголема експлоатација.

Лицата во неформални и несигурни работни места се исклучени од важни програми за поддршка што во моментов им се нудат на самовработени во некои земји. Многумина не се осигурани заради недостаток на приход и се борат да преживеат. Тие обично се исклучени од владината (финансиска) поддршка, здравствената заштита и социјалното осигурување. Немаат средства за да ги покријат своите основни потреби, да ги поддржуваат членовите на семејството и другите што зависат од нив. Поради патните ограничувања, тие не можат да се вратат или да се преселат на друго место, што ја зголемува можноста тие да прифатат непристојни работни услови. Домашните работници, како негователите честопати живеат во домовите на работодавците и кога губат работа, тие исто така го губат своето сместување. Исто така, сексуалните работници честопати живеат во бордели и на други места каде што даваат сексуални услуги и со рестриктивни мерки, тие го изгубиле и своето домување. Многу од нив во моментов немаат воопшто приходи, така што не можат да си дозволат друго сместување. Не можат да останат кај роднините или да најдат алтернативно сместување, можно е да се задолжат, што пак може да ги направи ранливи на експлоатација.

Ризик од несигурно и недостоинствено враќање

Како дел од мерките за карантин во повеќето земји, има запирање во однос на процесирање на барањата за азил и другите мерки за спроведување на законот. Многу мигранти го изгубиле легалниот престој. Кога одлуките за азил и особено според Даблин сè уште се носат; во моментот не е јасно дали оние со негативна одлука ќе бидат пренесени во центри за итни случаи или притвори или можат да останат во редовните центри. Во некои земји гледаме дека репатријациите се најавуваат во истиот ден, дури и ако државите на враќање имаат голем број на инфекции од COVID-19, а лицата би можеле да се соочат со сериозни ризици по здравјето и заштитата. Доколку се изрече притвор, тоа е често за повторени или пролонгирани периоди, со повеќе или помалку експлицитна цел да се спречи неправилна миграција и зголемување на приносите – и покрај фактот дека враќањето во моментов не е можно. Низ цела Европа, повеќе од 100.000 луѓе се приведени само заради нивниот статус на преселување. Ова вклучува деца, семејства, самохрани мажи и жени и лица со претходно постоечки ситуации на ранливост, како што се физички или ментални здравствени болести, инвалидитет и психолошки трауми.

За да се запре штетното влијание на СОVID-19 врз заштитата на правата на жртвите на трговија со луѓе и експлоатација, ги повикуваме ЕУ и националните влади да го следат пристапот заснован на човековите права во справување со пандемијата и тоа:

  • Да се изгради поголема Европска солидарност и да се зајакне кооперативниот пристап помеѓу земјите членки на ЕУ во помагање на тие што им е потребно
  • Да се препознае придонесот на работниците мигранти  во поддршката на Европската економија и пополнување на недостигот на работна сила.
  • Да се овозможат основни производи и услуги за најранливите групи, вклучително и за оние со нередовно живеалиште или во нередовна работа и да се осигура дека личните податоци собрани преку обезбедување услуги нема да бидат споделени или користени за целите на присилна имиграцијата.
  • Да се дефинираат мерки за поддршка на приходот, и за сите оние кои немаат пристап до воспоставените програми за социјална помош.
  • Да се гарантира правото на највисок стандард на здравство за сите, обезбедувајќи пристап до превентивна и куративна здравствена заштита за сите, вклучувајќи бегалци, мигранти без оглед на статусот на престој и интернационални програми за развој.
  • Да се превземат насочени мерки за решавање на особено лошите услови за живот во прифатните центри, центрите за притвор, неформалните кампови и сл., вклучително и мерки за ублажување на пренатрупаноста, подобрување на санитацијата и пристапот до здравствена заштита.
  • Да се обезбедат информации за кризата СОVID-19, здравствената состојба, владините превентивни и мерки за помош, правила и однесување, имиграција и азил, како и за правата на работниците на различни јазици.
  • Да им се овозможи на НВО да продолжат да обезбедуваат правна помош, помош и услуги за итна помош за ранливите групи со обезбедување финансиска поддршка.
  • Да им се осигура на оние лица кои се наоѓаат во нерегулирани работни ситуации или веќе се вклучени во правни постапки во овој период, нема да бидат подложени на подолг притвор или затвор и дека имаат пристап до бесплатна правна помош.
  • Да се продолжи вршењето на таргетирани инспекции на работните услови во секторите со висок ризик од трудова експлоатација и небезбедни услови за работа во контекст на пандемијата, осигурувајќи дека сите работници се поддржани при пристап до информации и заштитни мерки, поддршка и надомест на штета и немаат ризик од извршување присилна имиграција.
  • Да се обезбеди безбедно засолниште за оние што остануваат без социјална поддршка и домување.
  • Да се понуди привремен престој на оние што во моментот не можат да се вратат и да престанат да издаваат решенија за враќање, притвор и присилна враќање (вклучително и трансфери според Даблинската конвенција) на нерегулирани работници.
  • Да се осигура дека никој не е загрозен по здравјето или животот при  враќање според одлуката во Даблин.
  • Да се воведат мерки  за намалување на ранливоста, експлоатација и социјалната исклученост на мигрантите во нерегулирана состојба на вработување.

Ла Страда Интернaционална е Европска невладина платформа против трговијата со луѓе која работи од перспектива на човековите права, со 25 члена во 21 Европска земја. Примарна цел на платформата е зајакнување на жртвите на трговија со луѓе и ранливите групи, подобрување на нивната позиција преку промовирање на нивните универзални права, вклучувајќи го и правото да изберат да емигрираат и да работат во странство и да бидат заштитени од насилство и злоупотреба. Ла Страда Интернационална е член на невладините мрежи: GAATW, PICUM и ICRSE.

 

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.