„Основање на Национална мрежа на социјални претпријатија“ беше темата на вчерашниот настан во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“. На овој настан имаше претставници на владините институции, научната јавност, бизнис секторот, и невладините организации меѓу кои и нашата организација ХОПС, а како претставници од ХОПС беа Благородна Коцева и Богдан Колев и ја потпишаа оваа декларација.
„Денешниот настан е последица на здружувањето на десетина социјални претпријатија кои одлучија да делуваат заедно, во мрежа, давајќи придонес во екосистемот на делување, што претставува комплексен процес. Мрежата нуди можност за учење, взаемна комуникација, заедничко делување, заеднички глас во процесот на креирање на политики, подобрување на јавниот имиџ“, потенцирал Илијевски.
Владините политики на дебатата беа претставени од министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Министерот Бектеши вниманието го насочил кон политиките за поддршка на одржливоста на овие претпријатија, кои ги следат правците на делување од стратешките документи на ЕУ, во кои посебен акцент се става и на развојот на социјалното претприемништво.
„Денешното потпишување на Декларацијата за вмрежување на социјалните претпријатија е јасен показател дека овие претпријатија ќе бидат дел од една нова ера во македонската економија. Доказ дека преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Министерството за труд и социјална политика подготвува Стратегија за создавање на социјално претприемништво, како еко систем за развој на социјалните претпријатија во Северна Македонија. Овие претпријатија се од голема помош за државата, бидејќи нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството“ изјавила министерката Мила Царовска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски во својата дискусија порачал: „Нашата порака е дека отвораме процес на дијалог во којшто треба да ги споделиме искуствата и првичните согледувања од досегашната примена на социјални иновации и повикуваме на активно учество на сите кои се дел од оваа платформа во креирање Националната програма, не само за поддршка туку и за финансирање на проекти во делот на социјална политика. Со МТСП од минатата година спроведуваме пилот проект „Оброк за сите“, кој е практична примена на социјалното претприемништво и добар пример за тоа како социјалните иновации може да се применат во јавниот сектор. Ваквите примери треба да бидат мотивација за развивање на слични програми во овој домен.“
Оваа декларација ќе биде доставена и до Владата на разгледување, и со неа ќе треба да се зајакне и врската меѓу бизнис секторот, невладините организации и владините институции.