Вања ДИМИТРИЕВСКИ
Авторот е програмски асистент за истражување во Центарот за едукции, документирање и истражување (ЦЕДИ), во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има магистрирано етнологија и антропологија и долгогодишно искуство во истражувања за општествено-маргинализирани групи/заедници, особено за луѓе кои употребуваат дроги.
Мониторинг на буџет и справување со институционалните бариери во Македонија
Мониторингот на буџетите е навистина вредна алатка за остварување на пристап до информации од јавен карактер, но и за вршење притисок за поголема отчетност и транспарентност на јавните институции. Се разбира, во земја како Македонија ова не е толку лесно остварливо, иако постои посебен Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер. Но позитивно во постоечките околности е што во текот на целиот процес се откриваат институционалните слабости што, од друга страна, отвора можност за разработување нови стратегии за комуникација и соработка со институциите.
Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во 2014 година реши да спроведе мониторинг на буџет за да ја провери можноста за финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија од државниот буџет на Република Македонија. И сега, на средината на 2016 година, овие програми сè уште се финансираат со средства од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Финансирањето од Глобалниот фонд треба да прекрати во декември 2016 година, а во 2014 година сè уште немаше најави за преземање на обврската за финансирање на овие програми од Буџетот на Република Македонија. Впрочем, понатамошното финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија сè уште е неизвесно, но тоа не е предмет на оваа расправа.
Предмет на мониторинг беа буџетите на: 1. Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности во Република Македонија; 2. Програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА; и 3. Програма за социјална заштита – Дневни центри и прифатилишта за вонинституционална социјална заштита. До сите институции надлежни за планирање и спроведување на наведените програми беа испратени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, согласно Законот и претходните искуства. Бидејќи секое прашање беше испратено како засебно писмо со поштенска повратница имаше повеќе од 500 писмени барања. Прашањата се состоеја од барања за финсиски документи кои се од јавен карактер: банкарски изводи, сметководствени (финансиски) картички и фактури. Настојувавме барањата да бидат кратки и јасни и напишани со речник разбирлив за вработените во институциите. И овде почнува интересниот дел.
Следуваше долга и макотрпна преписка, а одговорите на барањата почнаа да ги откриваат институционалните слабости. Првенствено, институциите се обидоа да ја избегнат обврската да одговорат оправдувајќи се дека не располагаат со бараните податоци. На нашето објаснување дека се обврзани да ги чуваат тие податоци и да ги стават на располагање на јавноста се обидуваа да се оправдаат дека тоа е многу работа, а тие се презафатени со тековни обврски. За да ги добиеме бараните податоци од одредени институции моравме да побараме поддршка и од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Најинтересни беа телефонските разговори и директните средби преку кои, всушност, најмногу се откриваат институционалните слабости.
Во службената преписка со институциите можеше да се препознае како фунционираат институциите кои се финансираат со јавни средства. Така, на пример, на повеќе оделни писмени барања одговараа со едно писмо во кој не секогаш беше содржан одговорот на барањата за кои се тврдеше дека се одговараат. Ова претставува големо отстапување од правилата за службена кореспонденција и сведочи за професионални пропусти на институциите, особено затоа што тие самите инсистираат на службена кореспонденција. Во самата содржина на одговорите може да се забележи (не)компетентноста на службените лица, а тоа е добар пример и за лошата кадровска политика на институциите.
Со директната комуникација се потврдуваа претходно опишаните впечатоци, а како додадена вредност следуваше цело богатство од неочекувани податоци. Иако тоа не беше предмет на мониторингот, можевме да увидиме дека во многу институции недостасува соодветна распределба на надлежности. Во многу институции службените лица не можеа да ги разберат барањата иако тоа спаѓа во нивните основни обврски. Кај повеќето беше очигледно дека им е мачно да одговорат на поднесените барања, а поедини службени лица не ја криеја својата аверзија кон здруженијата на граѓани и кон обврските според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во поширок контекст, сите овие искуства сведочат за штетноста на непотизмот и кронизмот кои со години ја разоруваат ефикасноста на македонските институции.
Конечно, по долга и макотрпна работа, успеавме да собереме доволно податоци, иако не целосно, за да добиеме јасен увид во буџетите на мониторираните програми. Наодите од мониторингот ги помогнаа тековните напори за застапување, вложувани и од ХОПС, но и од други здруженија, и во 2016 година Министерството за здравство на Република Македонија издвои дополнителни ≈ € 30.000 за Програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА. За жал. овие средства, дури и да се наменети исклучиво за програмите за намалување на штети, не надминуваат ни 5% од потребните средства. Со мониторингот на буџетите ни стана јасно дека тешко ќе успееме да се избориме за финансирање на програмите за намалување на штети од буџетите на овие програми. Затоа почнавме процес за пошироко застапување. Но и покрај ентузијазмот и посветеноста, во постоечките општествено-политички околности не се гледа перспектива за скоро решавање на финансиската одржливост на програмите за намалување на штети. Барем не со средства од Буџетот на Република Македонија. И покрај сè, мониторингот на буџетите влијаеше на подобрување на комуникацијата со државните институции и на разбирање на поволностите за правото на пристап до информации од јавен карактер и за други активности.
Написот првично е објавен во билтенот на КОПАСАХ.