Градот Љубљана како дестинација долго време беше на мојата листа на градови што сакам да ги посетам. Конечно, во август 2014 година, добив можност за посета на овој прекрасен град сместен во централна Словенија, помеѓу Алпите и Средоземно Море. Духот на Љубљана привлекува многубројни патувачки улични уметници, туристи, вљубени парови и млади луѓе. Љубљана е дом и на многу Македонци кои надевајќи се на подобар живот дошле да работат тука. Прекрасните ресторани и кафетерии на самата река Љубљанчица се секогаш подготвени да ве примат како туристи на вкусно кафе и традиционална храна, а доколку сакате да се восхитувате на прекрасниот поглед на Љубљана и Алпите тогаш неизбежно треба да ја посетите средновековната тврдина.
И покрај сите убавини што ги нуди самиот град, како и во поголемиот дел на светот, и во Љубљана не е сè совршено. И таму постојат луѓе кои покажуваат дека општеството нема изградено механизми за прифаќање на сите поединци. Во централните делови на градот, како и на самиот Прешернов плоштад, може да се забележат луѓе кои живеат на маргините на општеството. Меѓу другото, Словенија, како и останатите држави што настанаа по распаѓањето на Југославија, во 90-тите години на XX век се соочи со пораст на употребата на дроги и со потреба од воведување програми за намалување на штети. Токму ова беше причината за мојата студиска посета. Како активистка на здружението „Опција“ од Охрид имав привилегија да бидам гостин на здружението на граѓани „Стигма“ што спроведува програми за намалување на штети од употреба на дрога во Љубљана и во други околни градови.
„Стигма“ е основана е во 1991 година. Во текот на сите овие години како организација доживеала доста турбулентни и критични периоди, но сепак никогаш не престанала со работа. Од вкупниот број регистрирани клиенти кои употребуваат дроги, 75% се машки, а 25% се женски, со просечна возраст 35-50 години. Здружението работи и со семејства, партнери и роднини на своите клиенти, но само ако самите изразат желба да бидат информирани и советувани за какви било прашања поврзани со употреба на дроги. Како тим се добро екипирани. Сите членови се вработени и со платени придонеси за здравствено и за пензиско осигурување. Тимот е составен од вкупно 16 луѓе од кои дел се социјални работници, а дел се теренски работници кои потекнуваат од целната заедница. Во „Стигма“ се ангажираат и секундарни теренски работници – волонтери на кои им се платени само превоз и храна.
Како во држава со попрагматичен пристап во решавањето на социјалните прашања, активностите на „Стигма“ се финансираат од: Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Локалната самоуправа на град Љубљана и локалните самоуправи на други градови. Членовите на „Стигма“ се задоволни од соработката со сите државни институции што покажуваат отвореност за нивните барања и препораки. Во однос на Полицијата немаат никакви проблеми и во текот на годината одржуваат 2-3 средби со цел да разменат информации, искуства и да се искординираат за појава на нови дроп-ин места и евентуално нова дрога што се појавила во Словенија. Довербата и заштитата на идентитетот е клучна работа во „Стигма“.
Прв ден
Првиот ден од посетата заедно со Борут, претседател на здружението, го посетивме дневениот центар на „Стигма“ што се наоѓа во строгиот центар на градот, покрај самата река Љубљанчица, и чии простории се сопственост на општината, што по многу прифатлива цена му ги изнајмува на здружението. Таму имав можност да се запознам со теренскиот работник Божо и со неколку нивни клиенти кои во тој момент беа присутни. Тоа е дневен центар каде што се разменува стерилна опрема за инјектирање (игли и шприцеви), кондоми, едукативен материјал, советодавна терапија од страна на социјален работник, информации за проблеми со зависност, ХИВ/СИДА, хепатитис, безбедно инјектирање, слободно користење на компјутери и неформално дружење, дел за освежување (кафе и сок). Повремено се организираат и креативни работилници: сликање, фотографии и слично. Овој дневен центар е доста фреквентен. Во текот на денот, услугите ги користат повеќе од 50 различни клиенти затоа што локацијата е погодна и за луѓето кои доаѓаат од други градови на Словенија. Другиот дневен центар, што е доста поголем и лоциран попериферно, има дел за административни канцеларии и ја има истата улога како и претходниот. Социјалниот работник најчесто работи советодавна терапија, информации за документи за здравствено и за социјално осигурување и документи за лична идентификација, редовно оди и на терен во други градови. Едукациите се на теми за кои се заинтересирани самите клиенти. Советодавната терапија што се добива во самиот ДЦ може да се добие и на бесплатниот телефонски број и преку е–пошта. Постои и група на корисници кои редовно одржуваат состаноци и разговараат за најразлични теми – како групи за самопомош.
„Стигма“ располага и со возило за теренска работа. Возилото се користи за посета на клиенти во други седум блиски градови, а услугите се исти како и во дневните центри. Се разменуваат: опрема за инјектирање, кондоми, алкохолни марамчиња, стерилни гази и се разговара, т.е. советува.
Втор ден
Вториот ден заедно со Бојана и Божо заминавме на терен во една област позната како „Зад ѕидините“. Тоа се простории што се напуштени, со високи ѕидови, а порано ги користела Армијата на Словенија. Општината дала дозвола да се користи како „free зона“. „Зад ѕидините“ е поделена на два дела, во едниот дел се организираат забави и журки на млади лица, а другиот дел е собиралиште на: корисници на дрога, алкохоличари, дилери на дрога, сексуални работници и бездомници. Во тој дел Полицијата не прави никакви контроли. Во моментот кога ние го посетивме, во „Зад зидините“ имаше околу 40 зависници на дрога. Со дел од нив разговаравме. Ги споделуваа нивните искуства и проблеми, се интересираа како кај нас се третира оваа тема. По иницијатива на нашите домаќини го посетивме и Метадонскиот центар што е во склоп на Здравствениот дом – Љубљана. Освен метадонот се даваат и бупренофин, субоксон и супститол. Само доктор и невропсихијатар можат да одлучат кој зависник кој супститут може да го користи затоа што некои од нив имаат тешки нуспојави (пр. супститол). Нема листа на чекање, старосната граница е над 35 години. Малолетните зависници прво се советуваат со психијатар, а потоа се препраќаат во Центар за детоксикација. Социјалната служба е доста професионално организирана и искоординирана со другите служби кога се работи за малолетни лица. Истиот ден го посетивме и Шелтер-центарот за жени – жртви на насилство кои во исто време се корисници на дрога, стабилизирани на некој супституциски третман, и сексуални работнички. Шелтер-центарот е основан во 2010 година и единствен од таков вид во градот. Составен е од социјални работници и имаат само еден член од машки пол кој претставува позитивен пример за комуникација со жените, за разговори и за совети. Клиентките во центарот можат да живеат најмногу една година. Таму имаат можност сами да готват, да вежбаат физички активности, да посетуваат индивидуална и групна советодавна терапија, да научат да развиваат социјални вештини, да го подобрат сопствениот квалитет на живеење, да се препознаат и да се справат со насилство, можат да читаат книги, да изработуваат накит и други ракотворби, а имаат и своја градина каде што самите произведуваат овошје и зеленчук. Активностите се финансираат од Министерството за труд и социјална политика и Локалната самоуправа на Љубљана. Добиваат донации од други организации и граѓани, а клиентките кои земаат социјална помош 30% од тие финансии ги донираат во шелтер-центарот. Центарот соработува со Женскиот затвор во Љубљана каде што се дистрибуираат кондоми, се извршуваат консултативни разговори и советувања од најразлични области. Во периодот на мојата посета, во центарот беа згрижени девет жени – жртви на долгогодишно насилство. Преку студиската посета во „Стигма“ имав можност одблиску да се запознаам со нивната работа и со начинот на кои тие одговараат на потребите на заедницата. Во ниеден нивен дневен центар не се врши размена на опрема за инјектирање, нема ни услуги од медицинска сестра, од психолог или од правник. Овие услуги се користат од други организации што соработуваат со „Стигма“. Исто така нема редовни тестирања за ХИВ и ХЦВ, туку тоа се прави еднаш во годината во договор со нивниот здравствен дом бесплатно, анонимно.
Несовршенството во политиките за дроги на Словенија
Сепак, и покрај добрата соработка со државните институции, искуствата покажуваат дека и во Словенија не е едноставно да се спроведуваат политики за намалување на штети. На почеток, како организација, спроведувале и чести посети во Затворот за мажи во Љубљана, но по извесно време тие средби се намалувале затоа што Управата сметала дека тие како организација имаат идеја да направат некои драстични промени што не одговарале на условите во затворот. Затоа тие посети се сведени на 1-2 годишно, и тоа најчесто поради групни и индивидуални едукации, во зависност од потребите на самите корисници на дроги.
И во Словенија, како и во Македонија, постои реална потреба за работа со малолетни деца кои употребуваат дроги, но недостасуваат специфични програми за третирање на оваа група. Едноставно државата замолчува пред тој проблем. Малолетниците најчесто се упатуваат во Центарот за социјална работа.
Иако на прв поглед доста слични како организации кои работат на полето на намалување на штети од употреба на дрога, „Опција“ и „Стигма“, во секој случај оваа студиска посета беше големо искуство за мене како социјален работник. Се запознав со начинот на работа и тимот на професионалци кои го пробивале патот на овие програми во една држава како Словенија, што функционира според сите законски правила и прописи, организација која има долгогодишно искуство и реноме во својата држава и меѓу своите клиенти.
Јулијана Настоска
Авторката е активна како социјален работник во здружение на граѓани Опција-Охрид (Програми за намалување на штети од употреба на дрога и Програми за поддршка на сексуални работници); локален координатор на теренско тестирање и советување за ХИВ/СИДА и мобилна гинеколошка амбуланта во Охрид и Струга; едукатор за туберкулоза; секретар во Локален совет на млади – Општина Охрид; член на Советодовна група на граѓани – Оддел за превенција СВР – Охрид.