Програмата за поддршка на сексуални работници (СР) во ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, е наменета за сите сексуални работници (мажи, жени и трансродни лица) и нивните семејства. Се состои од сервиси што се насочени кон подобрување на севкупната состојба на сексуалните работници/чки во Македонија. Со пријателски однос, без никакво осудување, во ХОПС можете да ги добиете следните услуги:
- Услуги за превенција од ХИВ/СИДА и сексуално преносливи инфекции
- Потребни ти се бесплатни кондоми, лубриканти и информации како да се заштитиш?
Редовна употреба на кондом може да те заштити од ХИВ-инфекција и други сексуално преносливи болести. Без разлика дали имаш секс со момче/маж или муштерија, кондомот може да те заштити од болести, а и од несакана бременост.. Ако си сексуален/на работник и сакаш бесплатни кондоми и лубриканти, посети го Дневниот центар за поддршка на сексуални работници/чки секој работен ден од 13 до 17 часот или побарај ги тимовите што одат на терен.
Распоред за терен:
На теренот на Отворена сцена или пред Македонска телевизија тимот можеш да го најдеш во вечерните часови секој понеделник, среда и петок.
На терен во Шуто Оризари тимот е достапен за тебе во вторник навечер.
Тимот што оди во Топаана е на терен секој петок околу пладне.
- Сакаш да се провериш за ХИВ/СИДА?
Редовно тестирај се и информирај се за сè што те интересира за ХИВ/СИДА. Во ХОПС можеш да се провериш бесплатно за ХИВ/СИДА без никој да го побара твоето име, да добиеш резултат за десет минути и резултатот да го знаете само ти и твојот советувач. Информирај се каде и кога можеш да се тестираш на телефонскиот број 02/2630-499.
Социјални услуги:
- Немаш лична карта или некој друг личен документ?
Личната карта е документ што треба да го носиш со тебе секогаш за да не те казни полиција, а исто така и за да можеш да си ги оствариш сите твои права, здравствено осигурување, социјална помош и сл. Доколку имаш ваков или сличен проблем, побарај ги социјалните работници на ХОПС, тие ќе ти помогнат да ги извадиш потребните документи и да си ги оствариш твоите права заедно со нив. Побарај социјален работник во термините за терен или во Дневниот центар за поддршка на СР во вторник и петок или на телефонскиот број 02/2630-499.
Услуги од гинеколог:
- Имаш болки во долниот дел на стомакот, крвавиш, можеби имаш бел исцедок или непријатно те чеша?
Не чекај! Јави се веднаш на 02/2630-499 и побарај некој од социјалните работници за да закаже бесплатен гинеколошки преглед кај гинекологот со кој соработува ХОПС.
И не заборавај редовно да го посетуваш гинекологот, најмалку двапати годишно. Тогаш ќе можеш полесно да се заштитиш од сите сексуално преносливи инфекции.
- Сакаш да се заштитиш од несакана бременост?
Закажи си термини за гинеколошки прегледи и бесплатно стави си спирала, што ќе те заштити од бременост.
Правен сервис:
- Имаш проблеми со полиција? Некој те малтретира или те тепа? Имаш некоја тужба или некаков проблем со државата?
Во Дневниот центар за поддршка на СР во понеделник и четврток можеш да добиеш бесплатен правен совет од нашите адвокатки, кои ќе ти помогнат во остварувањето на твоите права.
Услуги од психолог:
- Се чувствуваш немирно и нервозно? Чувствуваш некој внатрешен немир што ти предизвикува тешкотии во секојдневието?
За тебе тука е психологот на ХОПС во Дневниот центар за поддршка на СР во вторник и четврток и разговарај за твоите проблеми без никој да дознае. Побарај си помош и бесплатна психотерапија што ќе ти помогне да се чувствуваш подобро.
Услуги на педагог:
- Имаш дете на кое тешко му оди училиштето или воопшто не оди на училиште поради одредени причини? Не знаеш како да постапиш кон своето дете? Познаваш сексуален/на работник/чка кои не знаат да читаат и пишуваат?
На располагање ти стои педагогот на ХОПС кој можеш да го најдеш на телефонскиот број 02/2630-499 или секоја среда за работа со сексуални работници/чки во Дневниот центар за поддршка на СР и секој вторник околу пладне на терен во домашни услови со твоето дете.
- Услуги од Дневен центар за поддршка на сексуални работници/чки
- Сакаш да контактираш со поголем број на твои колешки со кои ќе можеш да си разменуваш информации за твојата работа? Да гледаш телевизија или некој филм со едукативна содржина? Да зготвиш нешто и да споделиш со другите? Да си земеш бесплатни кондоми и лубриканти? Користиш дроги и потребна ти е чиста опрема за инјектирање? Сакаш да учествуваш во едукативни работилници? Потребно ти е да испереш и исушиш алишта? Сакаш да се истушираш и освежиш? Потребни ти се алишта и средства за хигиена?
Сите овие работи ти се достапни во Дневниот центар за поддршка на СР и не заборавај дека си добредојден/а секој работен ден од 13 до 17 часот. Јави се и информирај се на 02/2630-499.