Ресоцијализација и рехабилитација

Рехабилитација и ресоцијализација

Свесни сме дека рехабилитацијата и ресоцијализацијата се исклучително битни при барањето на решенија за откажување од употребата на дроги. Поради тоа ХОПС развива посебни услуги за луѓето кои активно употребуваат дроги и за луѓето кои во минатото употребувале дроги и бараат решенија за подобрување на квалитетот на својот живот.

Советувања и работа со психолог и со психијатар

Секој што употребува дроги, а сака да престане со ваквата практика и бара соодветно решение за себе или за некој свој близок роднина или пријател може да разговара со нашиот психолог или со нашиот психијатар. Советувања се достапни и за членовите на семејствата на луѓето кои употребуваат или кои употребувале дроги.

Распоред на работата на психологот/психотерапевтот: понеделник, среда и петок од 10:00 до 15:00 часот.

Распоред на работата на психијатарот: вторник и петок од  15:00 до 18:00 часот.

Закажување на советување со психолог или со психијатар, секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот, на следниве броеви: 02/5112-684 и 02/520-2071.

Педагошка и психолошка поддршка за деца и за возрасни

Со педагошката и со психолошката поддршка на децата на луѓето кои употребуваат или кои употребувале дроги им се овозможува: описменување, социјализација, групни и индивидуални едукативни работилници, помош при домашни задачи, развивање когнитивни вештини, посета на спортски и на културно-уметнички настани и знаменитости, заеднички летувања и зимувања и други можности кои го помагаат нивниот личен раст и развој.

За родителите на овие деца се организираат поединечни и групни предавања и советувања за методи и пристапи за: правилно родителство, зајакнување на семејните вештини, превенција од семејно насилство, стимулирање на развојот на децата, развојни потреби и можности на децата и за рана заштита од регресивно однесување кај сопствените деца. Покрај ова, се одржуваат и часови за описменување за оние луѓето кои употребувале дроги кои немале можност да се образуваат.

Распоред на работата на педагогот: понеделник, четврток и петок од 10:00 до 14:00 часот.

Закажување на советување со педагог, секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот, на следниве броеви: 02/5112-684 и 02/520-2071.

Креативно искористување на слободното време

Луѓето кои употребуваат или кои употребувале дроги и нивните деца кои имаат желба и потенцијал за креативно изразување можат да се вклучат во активностите за креативно изразување (креативни работилници), со цел поттикнување на креативниот потенцијал на корисниците на дрога во процесот на рехабилитација. Овие активности се уметничка лабараторија во која поестителите имаат можност да ги материјализираат сопствените идеи, но и да учествуваат во материјализацијата на идеите на останатите членови на тимот. Производите од овие активности се изложуваат и продаваат на јавни настани и културно-забавни манифестации. Учеството во овие активности нуди можност за добра дружба и за квалитетно искористување на слободното време.

Распоред на активностите за креативно изразување:

  • во понеделник и во среда од 10:00 до 14:00 часот, во Дроп-ин центарот „Дуња“ во Кисела Вода,
  • во вторник и во четврток од 10:00 до 14:00 часот во Центарот за рехабилитација и ресоцијализација кај Универзална сала.
Повеќе информации за активностите за креативно изразување на следниве телефонски броеви:

во понеделник и во среда: 02/313-0058,

во вторник и во четврток: 02/5112-684 и 02/520-2071.