С. има четириесетина години, вработен, оженет, татко. Отсекогаш експериментирал со дроги, особено клупски дроги, а во последно време користи исклучиво кокаин. С. се согласи да ги сподели своите искуства за користењето стимуланси и предизвиците што ги подразбира тоа.
Кога најчесто користиш стимуланси? Кажи ни малку повеќе за твојата одлука за употреба на стимулансите.
Стимуланси користам исклучиво „викендашки“, односно што би рекле „за искачање“. Би рекол дека употребата не надминува повеќе од еднаш до двапати неделно, но факт е дека употребата е редовна. Отсекогаш сум експериментирал со дроги, особено стимуланси или клупски дроги, но на оваа возраст (имам веќе 40 плус) употребувам само кокаин. Искрено, никогаш не сум донел свесна одлука. Едноставно ми се допаѓа чувството на еуфорија и енергијата која ми ја даваат, а многу ми помага и во надминување на социјалната анксизност. По природа сум срамежлив и тешко остварувам контакти. Мала количина кокаин ме опушта, ми дава самодоверба и забележав дека многу ми помогна во обезбедување на место во друштвото (барем кога бев помал). Денес употребувам што од навика што од желба. Кога работиш како коњ цела недела за викенд сакаш да се опуштиш и да заборавиш на сè, а плус и ми треба нешто за да не им заспијам на маса на другарите.
Каква е сцената на употреба на стимуланси во Скопје? Кога најчесто се користат? Дали луѓето ги „миксаат“ со други супстанции? Дали луѓето се едуцирани и ги знаат негативните и позитивните влијанија на стимулансите? Од каде се едуцираат?
Последниве години кокаинот е многу присутен. Најчесто се користи на „искачање“, во „кафичи“, дискотеки, кафеани, ама сè повеќе е присутен и на свадби, на слави и на други веселби. Јас лично кокаинот го употребувам со алкохол и со марихуана. Алкохолот ми го зголемува убавото чувство на „хај“, а марихуаната ми помага потоа „да се спушам“. И некако дотука приказната е супер. Сепак, свесен сум дека ниту јас ниту луѓето од мојата околина имаме вистински информации за оваа супстанција. Не би знаел дури ни каде да ги побарам. Знам од каде да купам, како да земам, ама што прави на моето тело и како да го намалам ризикот и негативните последици – не знам. Имајќи предвид колку е раширена употребата, сметам дека мора итно да се едуцираат луѓето (и млади и стари) и тоа со точни информации, а не морализирање и здодевни кампањи од типот „Дрога, не благодарам“.
Со кои проблеми најчесто се соочуваат корисниците на стимуланси во Македонија? Што мислите дека треба да се направи за надминување на овие проблеми?
Клучен проблем е нехигиенската употреба или шмркање од пари/банкноти кои се исклучително валкани и полни со бактерии, употреба во нечисти тоалети, шмркање од телефони кои, исто така, се полни со бактерии и слично. Ова влијае врз целокупниот имунитет на човекот и може да направи инфекции. Понатаму, стравот од полиција е огромен. Имам чувство дека и со една трошка
да ме фатат ќе заглавам во затвор како најголем криминалец. Едукација е најдоброто решение. Имаме право да знаеме што точно употребуваме, како влијае тоа врз нашиот организам и здравје и како да ги намалиме ризиците. Знам дека како возрасен човек имам и обврска да ги најдам овие информации, ама ете, досега не сум ни помислил.
Што би им препорачале, кој совет би им го дале на сите оние кои употребуваат стимуланси во МК?
Употребувајте паметно и секогаш правете периоди на апстиненција. И пазете се од полиција, ама секогаш пазете се од полиција бидејќи, сепак, користите нелегална супстанција.