Луѓето употребуваат дроги од најразлични причини.
Некои луѓе користат дроги за да се излекуваат од некоја психичка или физичка болка или за да си ја олеснат болката која не можат да ја излечат. Овде спаѓаат лековите кои се препишани од лекар, но многу луѓе користат лекови без консултација со лекар или на начин кој не е одобрен од лекар. На пример, изминативе неколку години сме сведоци на тоа како конопот (канабисот) се повеќе се прифаќа како лек, наместо како нелегална дрога. Исто така, во културата на Македонците, но и на други балкански народи умереното пиење алкохол се смета за превенција на болести. Често може да се слушне шеговитата поговорка дека „сите болести потекнуваат од нередовно пиење алкохол“.
Во многу култури дрогите се употребуваат од религиски или духовни (спиритуални) потреби, а ваквите дроги се нарекуваат ентеогеници. Постојат показатели кои укажуваат на можна употреба на халуциногени дроги за религиски или духовни потреби уште во неолитот, односно пред повеќе од 8000 години. Во медицинските свитоци на кабалата се споменуваат скриените моќи на мандрагората (Mandragora officinarum), на зрнешот (Peganum harmala) и на други билки. Интересно е дека коренот на мандрагората не само што има халуциногено дејство туку има и облик на човек и поради тоа се користи во многу религиски и магиски обреди. Црвеното вино се користи во многу христијански обреди поради верувањето дека ја симболизира крвта на Исус Христос. Билката ибога (Tabernanthe iboga) е движечка сила во духовните обреди Бвити, најзастапени во Габон, во Камерун и во Република Конго, а од 2000 година во Габон оваа билка е прогласена за национално богатство. Во прашумите на Амазон за доживување на божествени визиии се користи напивката ајахуаска. Интересно е да се напомене дека ентеогениците често пати се употребуваат истовремено и поради духовни и поради здравствени потреби.
Сигурно сте го слушнале муабетот дека со алкохол полесно „тече“ разговорот. А сигурно многумина можат да си признаат дека почнале да пушат цигари поради друштвото. И колку луѓе знаете кои пијат апчиња за да се опуштат пред испит или да се ослободат од стрес? Повеќето од нас знаат многу вакви примери и можеме да ги набројуваме до бесконечност, ама сите се сведуваат на тоа дека многу луѓе користат дроги за забава, за опуштање, за социјализација. Иако ни се случува да ги осудуваме другите луѓе или да им се потсмеваме, сепак, повеќе или помалку, сите имаме некоја таква навика.
Каква и да е причината поради која луѓето употребуваат дроги, сепак треба да имаме предвид дека некои дроги или некои начини на употреба на дрогите можат да му нанесат штета на лицето кое ги употребува, а некогаш можат да им наштетат и на другите луѓе во опкружувањето. Ваквиот начин на употреба на дрогите се нарекува проблематична употреба. Поточно, кога се зборува за проблематична употреба на дроги не се мисли на честотата на употребата на дроги туку на тоа како употребата на дроги влијае на животите на оние кои ги користат, односно дали поради тоа претрпуваат социјални, економски, финансиски, психолошки, здравствени, правни или други штети.
За заштита на здравјето и на животите на луѓето кои употребуваат дроги постојат програми за намалување на штетите од употребата на дроги.