Кај опиоидната зависност супституцискиот третман со метадон се препорачува за подобро да се контролира состојбата на зависност отколку да се доведуваат во ризик жената и плодот за време на апстиненцијалните кризи кои се дополнителен стрес за обете.
Бројни студии го поткрепуваат штетното влијание на алкохолот и на никотинот врз развојот на плодот и можните појави на фетални абнормалности, нарушување на ментални и на физички функции, појава на деформитети, како и можни спонтани абортуси. Сепак многу малку студии се направени за влијанието на илегалните психоактивни супстанции како канабис, опиоиди и психостимуланси врз плодот во периодот на бременост, а воопшто никакви студии за штетното влијание на новите психоактивни супстанции.
Податоците и можните штети се темелат на изолирани случаи така што врз основа на овие податоци не може да се генерализира штетноста.
Штетното влијание во најголема мерка ќе влијае во зависност од честотата на употреба на дроги во периодот на бременост особено доколку е потенционирано во првиот триместар од бременоста, период во кој, доколку не е планирана, може сѐ уште и да не е откриена. Штетното влијание може да се потенцира и со зависноста, апстиненцијалните кризи, инјектирањето дроги како дополнителни ризик фактори за бремената жена и за плодот, користење повеќе видови дроги истовремено како алкохол, никотин, кофеин, канабис, опиоиди, психостимуланси и др. Не само кај употребата на дроги туку и генерално не треба да се занемарат ниту животниот стил, исхраната, стресот, социоекономската ситуација итн.
Употреба на канабис за време на бременост
Употребата на канабисот за време на бременост е контроверзна тема.
Додека некои лекари сугерираат дека користењето канабис може да е корисно за ублажување и за контролирање на гадењето во самиот почеток на бременоста како еден од првите симптоми, а кои се поткрепени преку лични искуства, други пак предупредуваат за можните штети врз развојот на плодот.
Постојат многу малку студии за влијанието на канабисот за време на бременост и постнатално, најмногу поради законските регулативи поради кои било отежнато спроведувањето клинички истражувања и научни студии.
Студијата на д-р Дрехнер (Prenatal Marijuana Exposure and Neonatal Outcomes in Jamaica) спроведена во Jамајка кај бремени жени кориснички на канабис, публикувана во 1994 година (American Academy of Pediatrics), даде интересни податоци. Имено, во студијата биле вклучени бремени жени кои не користеле канабис и жени кои користеле канабис со различен интензитет во текот на бременоста. Целта на студијата беше да се утврди влијанието на канабисот врз плодот и постнаталниот развој во 1. и во 4. година од животот. Претходните теории одеа во насока на тоа дека канабисот штетно влијае врз развојот на фетусот, можни се намалена родилна тежина и нарушен психофизички развој по породувањето во споредба со родилки кои не користеле канабис за време на бременоста. Студијата ја поби оваа теза, па резултатите покажаа дека не постои голема разлика во развојот. Напротив, студијата покажа дека децата чии мајки пушеле канабис во текот на бременоста се развивале побрзо во периодот од 30 дена по раѓањето, иако студијата потврдува дека доаѓале од повисоки социоекономски сталежи од оние од групата на непушачи.
Студијата на група автори под наслов „Поврзаноста меѓу користење марихуана и неповолни породилни и неонатални исходи“ (Association between marijuana use and adverse obstetrical and neonatal outcomes), публикувана во „Журнал на перинатологија“ (Journal of Perinatology) во декември 2015 година, дава нови податоци. Заклучокот од студијата е дека употребата на канабисот кај бремените жени не создава зголемен ризик за негативни исходи врз мајката или за фетални абнормалности. Но, од друга страна, честата употреба на канабис е асоцирана со развој на плод кој може да е помал во однос на гестациската возраст или пак биле задржани на неонатална интензивна нега по породувањето. Други гинеколошки исходи, вклучително преттерминско породување и фетални аномалии, не беа забележани.
Целта на студијата беше поврзување меѓу изложеноста на канабисот и неповолните исходи при што во студијата беа исклучени жените кои користеле повеќе видови дроги во текот на бременоста, како и оние кои користеле тутун.
Употреба на опиоиди за време на бременост
Потврдено е негативното влијание поврзано со користењето хероин во периодот на бременоста, можна појава на спонтани абортуси, фетални абнормалности, а кај новороденчињата уште по раѓањето појава на симптоми на зависност и на апстиненцијални кризи.
Кај опиоидната зависност супституцискиот третман со метадон се препорачува за подобро да се контролира состојбата на зависност отколку да се доведуваат во ризик жената и плодот за време на апстиненцијалните кризи кои се дополнителен стрес за обете. Инјектирањето дроги секогаш носи дополнителен ризик врз здравјето на поединката, па секако во таа смисла и врз жената за време на бременоста, а со тоа и врз самиот плод. Ризикот од предозирање, инфекции како ендокардитис, сепса и други се секогаш уште поистакнати како проблематични при инјектирањето, особено доколку дрогите се набавуваат од црниот пазар каде што составот и чистотата се дискутабилни. Па, поради тоа кај опиоидната зависност супституцискиот третман со метадон, каде што одржливоста и дозирањето се контролирани и се поповолни, е препорака за време на бременоста.
Одвикнувањето од хероинот е препорачливо само во првиот триместар од бременоста, а по тој период не се препорачува бидејќи плодот може да биде загрозен.
Употреба на психостимуланси за време на бременост
При честата употреба на амфетамински тип стимуланси (МДМА-екстази, амфетамин, метамфетамин) постои зголемен ризик за спонтани абортуси и предвремено породување, како и значително зголемена инциденца на малформации кај новороденчињата. Сепак податоците се темелат на изолирани случаи така што не може да се донесе генерален заклучок дека и кај повремена или ретка употреба на амфетамини ќе дојде до сите овие последици.
Штетното влијание на кокаинот за време на бременоста е опишано во медицински извештаи во 70-тите години од минатиот век. Кај честа и долготрајна употреба на кокаин постои поголем ризик за спонтан абортус или предвремено породување. Но, повторно недостасуваат податоци за методично подобрување на студиите за штетноста на кокаинот во бременоста бидејќи резултатите се темелат на поединечни случаи.
Препораки при користење дроги во периодот на бременост
Токму поради недостаток на податоци и научни студии најдобрата препорака секогаш би била воопшто да не се користат дроги за време на бременоста (илегални или легални). Многу често во праксата не станува збор за користење еден вид психоактивна супстанција, туку повеќе меѓу кои често никотин и алкохол, кофеин, канабис, амфетамински тип стимуланси, кокаин или хероин, па оттаму е сложено да се определи штетата од секоја дрога поединечно. Влијанието како различниот степен на штетност, честотата на користењето, толеранцијата и различниот адиктивен капацитет на различните психоактивни супстанции не треба да се занемарат. И, секако, доколку се користат дроги или постои зависност за време на бременоста најдобро е да се побара совет и помош од стручни лица и редовно да се контролираат бременоста и здравствената состојба.
Давор Смиланов
Авторот е доктор по медицина. Дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија. Д-р Давор Смиланов раководи со Медицинскиот сервис во Центарот за намалување на штети во Капиштец кој е дел од Програмата за намалување на штети на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има учествувано во бројни национални и регионални проекти, конференции и кампањи за намалување на штети од употреба на дроги.
Целосното списание во ПДФ формат