Актуелизацијата на проблемите за постоењето на дрогите во Македонија се иницираше во раните деведесетти години на минатиот век кога Република Македонија стана независна држава.
Времето на транзицијата на оваа држава беше еден од најлошите периоди во борбата против зависностите и злоупотребата на дрогите. Во овој период на транзицијата кога државава го менуваше општествениот систем се разбира најмногу настрада населението поради слабата организираност на државава за да го заштити од последиците поради трансформацијата и слабата подготвеност на државава.
Актуелизацијата на проблемите за постоењето на дрогите во Македонија се иницира во раните деведесетти години на минатиот век кога Република Македонија стана независна држава. Времето на транзицијата на оваа држава беше еден од најлошите периоди во борбата против зависностите и злоупотребата на дрогите. Во овој период на транзицијата кога државава го менуваше општествениот систем се разбира најмногу настрада населението поради слабата организираност на државава за да го заштити од последиците поради трансформацијата и слабата подготвеност на државава. Во овој „матен“ период државава станува дел од балканската рута за криумчарење на дрога и голем дел од дрогата остануваше и сè уште останува на црниот пазар.
Таканаречената балканска рута е најдобро позната по трговијата со хероин од Авганистан преку Турција и од Западен Балкан во ЕУ. Хероинот од Турција поминува низ Бугарија или Грција пред да влезе во Северна Македонија и Србија. Потоа се упатува на север по должината на таканаречената централно-европска рута до Унгарија, Словачка, Австрија и Швајцарија. Хероин, исто така, се пренесува во Италија преку Северна Македонија и Косово, потоа преку Албанија и Црна Гора. Од Србија и Црна Гора дрогата исто така завршува во Босна и Херцеговина за понатаму да го продолжи патот кон Хрватска и соседна Словенија. Во 2015 година, вкупниот бруто-профит остварен од трговците со опијати во Југоисточна Европа беше проценет на 1,7 милијарди долари годишно. Со хероинот не само што се тргува низ Балканот туку тој и се обработува тука. Големата неинформираност кај младото население во времето на деведесеттите и слабите програми за превенција доведоа голем број на млади лица да станат зависници од дрога, особено од опијати − хероин. Оваа група ја сочинуваат дрогите добиени преку преработка на опиум. Опиумот е исушен млечен сок кој се лачи при зарезување на кората од афионовата чашка. Со векови се користел како средство за ублажување на болките (уште Сумерите ја нарекувале „билка на среќата“).
Во 19 век од опиумот се издвојуваат алкалоидите морфин и кодеин кои во медицината се користени како аналгетици. Во групата на опијати спаѓаат: хероин, метадон, морфиум. Опијатите се распоредени во групата на најопасни психоактивни супстанции кои многу лесно создаваат зависност. Не постои официјална статистика за бројот на зависници во државава, но се смета дека дури 20 % од лицата на возраст од 15 до 64 години употребуваат дрога на некој начин. Првите регистрирани корисници на дрога во Република Македонија беа регистрирани од МВР (Министерството за внатрешни работи) во 1969 година. Меѓу 1990 година и 2004 година бројот на регистрирани корисници на дрога се зголемил од 314 на 6 583, а во 2005 година беа регистрирани 549 нови корисници на дрога. Најголемиот број случаи во оваа евиденција се жители на урбани области, најмногу оние од градот Скопје (51 % од вкупниот број на регистрирани). Групата на возраст од 19- до 31-годишна возраст претставува 82 % од регистрираните корисници, додека 18-годишните претставуваат 3,8 % од регистрираните корисници. Евиденцијата на МВР за зависници од дрога покажува дека во 55 % од сите случаи била користената дрога канабис. Бројот на регистрирани лица кои користат хероин во РМ изгледа е релативно стабилен според евиденцијата на МВР. Од вкупниот број случаи регистрирани до 2004 година, 41,3 % е во врска со лица кои користат хероин. Машките повеќе се застапени во сооднос од десет спрема еден во споредба со женските.
Небезбедното интравенозно користење на дроги, поточно користење еден прибор за повеќе лица, е сериозен фактор на ризик за распространувањето на инфективни зарази како што се ХИВ/СИДА, вирусите хепатитис Б и Ц и други болести поврзани со крвта. Во периодот од 2001 година до 2005 година бројот на регистрираните случаи на ХИВ-позитивни лицата со СИДА во РМ се зголеми од 59 на 76 лица. Осум од овие лица се интравенозни корисници на дроги (10,5 %). Од лицата кои се зависни корисници на дрога и кои се на третман од дрога, 70 − 90 % се инфицирани со вирусот хепатитис Ц. Интравенозното користење на дроги би можело да биде едно од главните ризик фактори за ширењето на вирусот ХИВ/СИДА во РМ во иднина.
На почетокот од појавувањето на овој проблем со зависностите од дрога, државава не нудеше системски решенија, туку проблемите ги решаваше по некои стари утврдени методи од времето на бившиот систем на управување во Југославија. Креираните програми за превенција од дроги во тој период беа застрашувачки и со стигматизирачки пораки без системски решенија и училишна врсничка едукација. Главни преносители на пораките за превенција од дрога беа давани од доктори кои и јазикот кои го употребуваа не беше соодветен со пренесувањето на пораките за превенирање од употребата на дроги. Исто така и програмите за одвикнување од зависности од дроги се водеа по некои застарени методи во болничките центри кои не нудеа некои соодветни третмани.
Најголемата улога во подигнување на свеста кај населението за прифаќање на зависниците, намалување на нивната стигматизација, креирање на програми за нивно лекување и превенција од дроги, креирање на политики за дроги одиграа граѓанските здруженија во државава кои се формираа во деведесеттите години зајакнувајќи ги своите капацитети во земјите на ЕУ и пошироко. Овие граѓански здруженија не само што придонесоа кон подобрување на состојбите и третманот на зависниците во државава туку и работеа на посебни програми за намалување на процентот на инфекции поврзани со зависностите како што се ХИВ/СИДА, хепатит Ц и други.
Во 1996 година, во Република Македонија е отворена првата Програма за намалување на штети (со размена на прибор за инјектирање) и ХИВ-превенција меѓу луѓето кои користат дроги. Овие програми беа меѓусекторски и се спроведуваа од страна на граѓанските здруженија, медицинските и социјалните центри. Со поддршката на Глобалниот фонд, од 2004 година се отворија вкупно 17 вакви програми во 14 градови и тие се оценуваат како едни од најдобрите во Централна и во Источна Европа, како и во Централна Азија. Благодарение на овие програми, во последниве десет години, во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ, заразени преку инјектирање дроги.
Понатаму во натамошното дејствување на граѓанските организации се и креирањето на политиките за дроги кои резултираа со две национални стратегии за дрога и Локалната стратегија за дроги на Град Скопје (2015 − 2020) и кои имаа цел да обезбедат и да ја зајакнат благосостојбата на општеството и на поединецот, заштита на јавното здравје и да се обезбеди висок степен на безбедност. И двете стратегии се базираат на принципите на ЕУ и на конвенциите на Обединетите нации во спроведувањето на политиките за дрога. Некои од граѓанските здруженија од оваа област отидоа и подалеку во своето дејствување за решавање на проблемите со зависностите развивајќи програми за прифат, третман и лекување, како и програми за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција. Вакви програми имаат развиено Здружение за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции „Избор“ од Струмица и Здружение на граѓани Опции за здрав живот „ХОПС“.
Со сигурност можеме да кажеме дека граѓанските здруженија во последниве три декади од независноста на Република Северна Македонија одиграа значајна улога во креирањето на јавните политики и решавање на проблемите кои произлегуваат од употребата на дрогите и дека постојано ги следат и се во дослух со политиките за дрога кои се преземаат на европско и светско ниво и наоѓаат начини како ваквите трендови на еден холистички начин да најдат примена и кај нас. Улогата на граѓанските здруженија е да иницира политики, алатки и солуции за решавање на проблемите кои произлегуваат од (зло)употребата на дроги, а додека системите на државава треба да обезбедат безбедносен начин за намалување на криминалитетот кој произлегува од дрогите и да обезбедува подобри механизми за решавање на проблемите кои произлегуваат од зависноста од дроги.
Авторка: Јасмина Пијанманова
Јасмина Пијанманова е дипломиран етнолог и магистер по културен менаџмент. Магистерските студии ги има завршено на Универзитетот за уметности во Белград на Унеско катедрата за културен менаџмент и интеркултурен дијалог. Долги години работи во граѓанскиот сектор во областа на социјалните политики, превенција од дрога и алкохол, како и во областа на културата и уметноста и развој на културните политики. Денес е вработена како етнолог кустос во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица.
Библиографија:
- Жариште на организиран криминал на Западен Балкан, мај 2019, Скопје, 4.
- <http://www.dzsrbobran.rs/index.php/70>
- <https://prizma.mk/kod-kako-se-spravuvame-zavisnosta-od-droga/>
- <http://www.healthrights.mk/index.php/14-vesti/576>
- <https://hops.org.mk/programite-za-namaluvane-na-shteti-od-upotreba-na-drogi-vo-makedonija/>
- Национална стратегија за дрога 2006 − 2012 год. и Национална стратегија за дрога 2014 − 2020 год.
- <https://www.emcdda.europa.eu/system/files/attachments/11716/FYROM%20Strategy%202006-12.pdf>