Преку дрогата успеав да се откријам себе. Во моментите на најголема еуфорија, најголема параноја и уништувачки страв, човекот може убаво да размисли. Увидов дека тоа што прави да се чувствувам убаво не е само дрогата, тоа е разговор. Пријателство и блискост, заедничко уживање во музиката. Со луѓе што не користат или не го наметнуваат своето користење можеш да си поминеш убаво, а и без вина следниот ден. Дрогата помага затворениот ум да се отвори на светот. Од најголемото дно сфаќаш дека мора да се издигнеш.
Повеќето текстови за дрогата што сум ги читал на македонски јазик ми делувале некако депресивно. „На 15 години пробав хероин и станав проститутка…“ и слични реченици ја сликаат суровата реалност на дрогата, но не го инспирираат човекот со малку поширока перспектива да погледне на нештата. Не живеам во време кога хероинот е „ин“ бидејќи би се излажал и за тоа. Се надевам напишав нешто поведро за моето искуство.
Дур растев многу читав книги, бев прилично зависен од непотребно сурфање на интернет и видеоигри и на почетокот на средно бев дете со полна глава, но слаби комуникативни способности. Како пример го имав единствениот стар пријател кој го идолизирав и (барем од моја перспектива) живееше како рок-ѕвезда. Мама и тато сакаа да ми влијаат, но презафатени со работа фактички ме оставаа да правам што сакам. На 16 години првпат пробав марихуана, на истиот ден ми раскина првата девојка, и тоа преку порака! Првото искуство беше ужасно, но тоа не ме спречи да продолжам секој ден да пушам со соучениците. Кај мене тревата ги става социјалните способности и капацитетот за разговор во втор план.
Антидепресивите се доста за да не памтиш цело „искачање“ и да се чувствуваш како мајмунче што лета низ небото на мало облаче и кур го боли за сѐ. Искуството со хелекси украдени од мама и слично ме опушти за хемиски супстанци и станав спремен да ставам што било во мене, чисто за забава.
Рекреативното користење продолжи и една година подоцна, на мојот 17-ти роденден, сосема непланирано, пробав екстаза. Со најблискиот пријател излеговме на некоја пијачка и претеравме со пушење трева. Веќе ми се матеше и сакав да одам дома да паднам во кревет, но тој имаше друг план, да прославиме. Фативме такси и направивме круг низ градот за да набави неколку мали розови тркалца. Тоа што следеше, за подобро или за полошо, ми го смени животот. Земав една и, уште замаен од тревата, чекав да ме удри. Пријателот ми ги имаше фалено многу, но јас воопшто не го очекував тоа што ми се случи. Првиот „хај“ од МДМА е неверојатно неповторливо чувство. Веројатно по првиот пат ти се менува нешто во мозокот и веќе ништо не е исто. Седевме на трибините во малата сала на „Борис Трајковски“, нормалниот спортски амбиент беше заменет со мрак и со гласен и брз транс. Самото искуство на концертот беше ново и преинтересно за мене. Кога нозете почнаа сами да ми цупкаат горе-долу и му соопштив на „братот“ дека ми станува неподносливо да седам отидовме да играме. Ме лазеа морници, а во стомакот, ушите и устата осеќав пријатно и силно зуење. Вибрирав, полн со топлина, конечно можев да разберам зошто тој толку ми ја воспеваше оваа дрога. Едвај зборев и ме обзема парализирачка, помалку страшна еуфорија. Новата енергија ја користев за истовремено да играм лудо и залепен за телефонот да пишувам пораки и праќам слики на безброј пријатели. Сите околу мене ми се чинеа како одлично да се забавуваат, дури и како да ме сакаат. После тоа се фалев со моето користење на дрога, односно сакав за таа убавина што ја видов да знаат и другите. Навлеков неколку другари, ветувајќи и исполнувајќи за најдобрата вечер што ќе ја имаат во животот. Се зближивме и заедно користевме МДМА, а потоа и кокаин и амфетамин. Не знаев дека тоа понатаму ќе ги заебе.
Понатаму продолжив да го бркам ова чувство, што никогаш не сум го достигнал истото. Не бев многу распуштен преку школската година, и секогаш во мене имаше борба за тоа што ми се случува во телото, што ми е убаво во моментот, и што знаев дека ме чека. Сепак, на секои неколку недели посегнував по дрогата, дали во диско, на некаква забава или со друштво во стан. Секој роденден и поголем празник се славеше. Има проблем, што настанува кај повеќето млади што ќе пробаат дрога, место да увидиш како таа може да помогне да сфатиш нешто за себе, ја користиш да избегаш од реалноста и рутината. Стереотипот овде е вистинит, тие што се дрогираат мислат дека се кул, дека ги рушат правилата на општеството. А работите најчесто само се вртат во круг: користење, пауза, користење. Понекогаш ќе забегавме по неколку дена и кога ќе се погледнев во огледало не можев да се препознаам. Така си уништив неколку врски, користејќи дрога и не обрнувајќи внимание на тие околу мене, или кажувајќи им луди работи. „(Не)те сакам“ дур се слуша како срцето ти чука 300 на саат, а вилицата ти шантра како расипана фиока, обично нема добар ефект на луѓето. Зборуваш нешто, а не памтиш како си ја почнал реченицата, почнуваш да се чувствуваш малку психотично. А пријателите што си ги запознал дрогирајќи се не траат во вистинскиот свет. Дрогата, а особено амфетаминот, ги прави луѓето себични, откако ќе помине убавото чувство, ја бараат следната доза, а тој што до прееска бил до нив почнува да ги нервира. Ако не сакаш пак да се дрогираш со нив немаат потреба да се дружите, дури и ти префрлаат вина за тоа што „мислиш дека си подобар од нив“. Тоа се негативните емоции на уништените мозочни клетки.
Но, преку дрогата успеав да се откријам себе. Во моментите на најголема еуфорија, најголема параноја и уништувачки страв, човекот може убаво да размисли. Увидов дека тоа што прави да се чувствувам убаво не е само дрогата, тоа е разговор. Пријателство и блискост, заедничко уживање во музиката. Со луѓе што не користат или не го наметнуваат своето користење можеш да си поминеш убаво, а и без вина следниот ден. Дрогата помага затворениот ум да се отвори на светот. Од најголемото дно сфаќаш дека мора да се издигнеш. А ако има безбеден простор за користење дрога, веројатно тие негативни чувства многу би се намалиле. Стравот од полиција, стравот да бидеш виден од некој што не треба, стравот од однесувањето на непредвидливите и искривени луѓе во твоја близина. Сѐ тоа може да го расипе доброто чувство. Ако добро го насочиш тоа чувство, на крај ќе те натера да сфатиш дека сѐ што правело да се чувствуваш убаво доаѓа од внатре во тебе.
Кога се откажав од дрогата изгубив голем дел од моите пријатели, други не веруваа дека сум се сменил. Но, дрогата е нешто што останува со тебе цел живот, нема враќање назад. Јас не жалам за тоа што сум го направил бидејќи на крај од сите тие моменти сум извлекол животно искуство и лекции што инаку никогаш не би ги научил.
Автор: Син (19)