Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган одлучи да се повлече од меѓународниот договор за заштита на жените, и покрај повиците на активистите кои сметаат дека документот е клучен инструмент во борбата против растечкото семејно насилство.
Турција беше првата земја-членка што во 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, донесена во Истанбул под турско претседателство со Организацијата пред 10 години. И тоа го стори со едногласно гласање на Големото национално собрание, потсетуваат тие.
Оддалечување на Турција од европските вредности
„Правата на жените се загарантирани со нашите закони, пред се со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да примени нови законски мерки кога е потребно“, рече турскиот министер за семејство, труд и социјална политика Зехра Зумрут, без да ги прецизира причините поради кои Турција одлучи да се повлече од меѓународниот договор.
Сепак, турските конзервативни кругови, кои се противат на родовата еднаквост, сметаат дека меѓународниот договор ја поткопува структурата на семејството, го охрабрува насилството и дека ЛГБТ заедницата ја користи идејата за еднаквост за да добие поголемо прифаќање во општеството, пишува Al Jazeera English.
Критичарите предупредуваат дека овој потег на официјална Анкара дополнително ќе ја оддалечи Турција, која се стреми да влезе во ЕУ, од европските вредности.