Постои еден мит кој е исклучително раширен во сите свои варијанти, а тој најчесто почива врз идејата дека одреден тип музика автоматски повлекува одреден тип однесување. Не сакам да тврдам дека различните стилови на музика не влијаат врз изградбата на животни стилови, но директната и апсолутна врска меѓу конкретни проблематични однесувања и музиката едноставно е пресимплифицирано разбирање на комплексните процеси зад овие однесувања. Во 90-тите години, па и до ден-денес е раширен митот дека металците се сериски убици и сатанисти, турбофолкерите неписмени и небањати селани, а клаберите – „џанаци“. Овој неамбициозен текст има цел малку да ги замати овие позиции.
Да почнам од почеток. Јас сум доктор на науки, редовно избањата и кон крајот на 2018 година отидов на концертот на Аца Лукас во Скопје како негов фан. Во секојдневието сум опружена со луѓе кои слушаат електронска музика и меѓу нас секогаш постои една интерна шега – тие се берлинската сцена, јас сум балканската трешерка. Познавајќи ги делумно двете сцени би очекувала дрога по клубовите, а алкохол по турбофолк настапите. Па сепак, тие јасни резови и поделби речиси никогаш не функционираат во реалноста.
Кон крајот на декември 2018 година со неколку другари и другарки се упативме кон салата „Борис Трајковски“ каде што имаше концерт Аца Лукас. Влеговме, се сместивме и за кратко време тргнавме накај вецето. Нè пречека огромен ред, нервозни луѓе и напната атмосфера. Тогаш сфативме дека вецето е само едно, а на луѓето многу им се брза. Одеднаш редот почна да се празни и останавме само оние на кои „реално, стварно ни се иде у веце“. Останатите се распрскаа низ ќошиња и почнаа да светкаат од мобилните. Чучнати на секој агол од просториите во рамките на големиот спортски комплекс групи луѓе вадеа кесенца, парички, телефони и сè што е потребно за употреба на стимуланси како кокаинот. Набргу потоа луѓето влегуваа и по затворени помали спортски сали и консумираа по трибини, зад врати и слични места додека обезбедувањето се обидуваше да ги набрка. Утредента медиумите беа преплавени со фотографии од ужасите врз просторот како скршени вецеа и траги од бела прашеста материја насекаде низ салите.
Сигурна сум дека луѓето кои беа околу нас никогаш не би ги дефинирале како некои кои употребуваат дроги доколку ги видите надвор од тој контекст. Тоа се повозрасни луѓе, во средни години, вработени, со деца, со семејства. Со други зборови, доколку употребата на дроги, особено стимуланси, ја врземе само со една супкултура или со одредена возраст или одреден статус ќе изгубиме од вид цела една социјална група која има свои специфики, свои причини и веројатно свои предизвици во овој проблем.
Денес употребата на апери и на стимуланси веројатно ја надминува употребата на секоја друга супстанција. Причините наместо да ги бараме во музичките вкусови и стилови можеби треба да ги побараме токму во супстанциите и нивните ефекти. Ако порано луѓето употребуваа дроги за да се исклучат од реалноста и да ја изменат својата свест, денес најчесто употребуваат дроги кои ја избиструваат свеста, ги прават поконцентрирани, но и со повеќе сила. Оттука причините многу повеќе лежат во капиталистичкиот систем или капиталистичката идеја и сон за свесниот, буден, секогаш расположен човек со огромно его. Овој разбуден темпорален „егоманијак“ не одговара на сега веќе старата слика за зависникот кој е збунет, слаб, со изгубен поглед и мисли. Токму оваа нова слика бара и нов пристап. Употребата на стимуланси и на апери добива огромни размери, а сè уште останува прашањето каква стратегија ќе преземеме за да се справиме со сите проблематични последици.
Авторка: Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ е доктор на науки од областа на родовите студии. Како млад истражувач работела на многу истражувачки проекти од областа на: социологијата, родовите студии и медиуми. Беше авторка на општествено ангажираниот блог „Фемгерила“ и колумнистка во различни дневни весници.
Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се занимава со активизам за правата на жените, ЛГБТ-лицата, корисниците/корисничките на дроги и сексуалните работници/работнички. Активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов е извршен директор во Коалицијата „Маргини“.