Центарот постои од 2012 година и досега преку него услуги добиле вкупно 515 различни корисници (364 мажи и 151 жена). На годишно ниво се опфаќаат во просек околу 90 различни корисници на услуги ( 60 мажи а 30 жени) и нивни семејства.
Во 2020 година ХОПС започна процес за лиценцирање на услугите кои се обезбедуваат во овој центар согласно стандардите и критериумите пропишани со Законот за социјална заштита и подзаконските акти. Во 2023 година Центарот доби дозвола за работа од Министерство за труд и социјална политика (Решение бр. 10-2847/7 од 11.09.2023 г.).
Главна цел на Центарот е подобрување на психосоцијалната и здравствената состојба на луѓето кои употребуваат дроги и нивно економско зајакнување што ќе допринесе за нивна рехабилитација и подобра реинтеграција во општеството
Кој може да биде корисник на услугите на центарот?
Услугите во во Центарот за рехабилитација и реинтеграција се специфично наменети за луѓе кои употребуваат дроги, луѓе со постигната апстиненција, кои се во завршна фаза на лекување од зависност од дроги и/или по завршено лекување.
Како може да се користат услугите во центарот?
Услугите во Центарот се бесплатни доколку лицето ги исполнува следните услови:
- Важечка лична карта за државјанин на Република Македонија или лична карта за престој на странец
- Медицинска документација за лекување или завршено лекување од зависност од дроги (медицинска белешка, потврда, отпусно писмо и сл.)
- Решение од Министерство за труд и социјална политика
ВАЖНО: тимот од Центарот за рехабилитација и реинтеграција ќе помогне за обезбедување на потребните документи преку придружба, плаќање на административни такси доколку лицето неможе само да си плати и комуникација со надлежните во Центрите за социјална работа
КОИ УСЛУГИ МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЈАТ во Центарот
Во Центарот за рехабилитација и реинтеграција се обезбедува психо-социјална поддршка , терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење, едукација, културно-забавни и рекреативни активности, социјална поддршка и други сродни активности на лица кои развиле зависност од дроги, но се лекуваат, завршиле со лекувањето или се во апстиненција и нивните семејства.
Услуги од социјален работник
Помош и поддршка при остварување на социјални и здравствени права, комплетна поддршка за пристапување и одржување на пазарат на трудот.
Услуги од психолог
Индивидуални и групно психолошко советување, психотерапија, советување со семејство, тест за процена на личност, ко-терапевтско советување со психијатар
Услуги од психијатар
Терапевтски разговор ( вербална интервенција), индивидуална работа, супротивна/вентилациона терапија, советување со семејство, медицински совети поврзани со третман на зависности, ко-терапевтско советување со психолог
Услуги од работен терапевт
Информираење и упатување за можности за вработување, индивидуални групни едукации за изготвување на работна биографија, подготовки за интервју за работа, поддршка после вработување, индивидуални/групни едукации за животни вештини
Бесплатна правна помош
По потреба, корисникот/чката може да добие и бесплатна правна помош од Здружението ХОПС кое е лиценциран давател на бесплатна правна помош согласно Закон за бесплатна правна помош.
Стручен кадар
Во Центарот за рехабилитација и реинтеграција работат лиценцирани социјален работник и психолог со долгогодишно искуство во работа со луѓе кои употребуваат дроги и нивна рехабилитација и реинтеграција, суб-специјалист психијатар адиктолог со над 20 годишно искуство во третман на зависности од дроги и окупационен терапевт. Кадарот во центарот е родово сензибилен со што посебно ги охрабруваме жените да ги користат услугите на истиот.
Работно време и локација
Услугите за корисниците се обезбедуваат секој работен ден, и тоа понеделник, вторник, четврток и петок од 9-17 часот, а во среда од 11-19 часот. Работното време е приспособено за да може да се одговори на потребите на корисниците/чките кои се вработени.
Центарот се наоѓа во Скопје-Општина Центар, улица Коста Кирков бр. 16 (во преминот позади „Драгстор Бети). Телефон за контакт и закажување термини: 02/5202071.
Сите услуги се доверливи и флексибилни согласно потребите на корисниците. Центарот е пристапен за лица со физичка попреченост.
