Одговорот на прашањето што го поставува овој број е прилично комплексен. Главната поента беше да се разгледа влијанието на препораките на СЗО за прекласификација на канабисот врз политиките на национално ниво, но и пошироко. Постојат различни толкувања на препораките за прекласификација кои може да се илустрираат меѓу другото и преку процесот на работа на „Работната група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот“, формирана од Владата на РСМ во првата половина на 2021 година. Така, постојат различни толкувања и во однос на проблемот со легализацијата отсликани преку заедничките интереси и преку разидувањата на претставниците на граѓанските организации со претставниците на бизнис-секторот во работната група. Формирањето на оваа работна група подразбира позитивен исчекор кога го разгледуваме во контекст на подготвеноста на општеството да дискутира за овие прашања. Сепак, овие комплексни теми бараат и комплексен пристап што ќе овозможи конзистентен опфат на сите аспекти кои ги допираат. Во оваа смисла не треба да се зборави проблемот со фокусот на декриминализација исклучиво на канабисот наспроти декриминализацијата на употребата на дроги генерално.