Лекувањето на хепатит Ц во Македонија е скапо и поради тоа тешко достапно за луѓето мотивирани да се лекуваат од хепатит Ц кои некогаш мора да чекаат и подолго од една година за да бидат примени на лекување (Velik Stefanovska et al. 2013: 13).
И покрај тоа што ниедна категорија граѓани нема приоритет за лекување на ХЦВ (Velik Stefanovska et al. 2013: 13), луѓето кои инјектираат дроги и кои сочинуваат приближно 51,53% од вкупниот број луѓе позитивни на ХЦВ (Kiprijanovska et al. 2013: 18) во Македонија немаат достапност до лекување. За луѓето кои инјектираат дроги постои услов за прием на третман за ХЦВ, што подразбира да се лекуваат од зависности од дроги или да апстинираат од дроги. Наспроти препораките од меѓународните експерти за воведување сеопфатни третмани (Knerr and Merkinaite 2007: 45-46), ограничувањето на достапноста за лекување на ХЦВ кај луѓето кои инјектираат дроги е засновано на претпоставките за можна реинфекција, нивното дубиозно однесување, ограничените капацитети на медицинскиот третман. Поставените услови се оправдуваат со скапата фармакотерапија со што повторно сѐ се сведува на финансиските трошоци наместо да се посвети внимание на јавното здравје и на економската оправданост на финансирање на третманот со чија зголемена достапност се превенираат и здравствените и финансиските импликации што настануваат како последици на болеста.
Имајќи ги предвид ризиците од ХЦВ и потребите за итна превенција од понатамошно ширење на ХЦВ, и за лекување на луѓето позитивни на ХЦВ (Nelson et al. 2011: 2; Fassio 2010; Cook and Kanaef 2008: 13; Wendy and Merkinaite 2007: 24), овој документ овозможува краток преглед на можностите за лекување на ХЦВ кај луѓето во Македонија кои инјектираат/-ле дроги и нуди препораки за поуспешен третман на ХЦВ кај оваа категорија граѓани. Целиот извештај “Третман на вирусен хепатит Ц во Македонија: Пристап до лекување за луѓе кои употребуваат/-ле дроги.”