Не, нема да пишувам за трета смена во фабрика, ниту за ноќна смена во дискотека. Ова не е напис ни за ноќна чуварска служба, иако некогаш во текот на работата се чувствувам како чувар. Ова е приказна за развивањето на програмите за намалување на штети од употреба на дроги…
Теренската работа во програмите за намалување на штети претставува метод чија основна цел е намалување на штетите од употреба на дроги меѓу скриената популација на корисници на дроги, т.е. оние кои не контактираат со социјалните и со здравствените установи, и поради тоа не се опфатени со такви програми.
Меѓу луѓето кои користат дроги се препознаваат разни подгрупи кои имаат свои потреби поради неискуството со дрогите и поради различните начини на употреба на дроги, изолираноста и специфичната внатрешна комуникација. Корисниците кои користат дрога во помали, изолирани групи (најчесто млади луѓе), за својот проблем на користење на дрога немаат побарано помош или сè уште не го чувствуваат како проблем, немаат познавање за доверливи организации што се занимаваат со оваа проблематика и добар дел од нив не знаат за безбедно инјектирање или за крвно преносливи инфекции. Следствено на тоа, доколку сакаме да допреме до нив и да ја стекнеме нивната доверба, мораме да примениме и различни пристапи соодветно на потребите на овие луѓе. Затоа теренските тимови во програмите за намалување на штети имаат голема улога во едуцирањето на оваа група на корисници, но носат и голема одговорност бидејќи тие се можеби единствените кои можат да допрат до оваа популација и да им помогнат.
Со долгогодишното работење во оваа проблематика имав можност да стапам во контакт со многу корисници на дроги, да ги видам нивните потреби, да им помагам, а некогаш само да ги ислушам. Теренскиот тим на ХОПС своите активности ги остварува на територијата на град Скопје и има прилично развиена мрежа на клиенти, кои ги контактира секојдневно. Долго време работата беше реализирана само во две смени. Првата смена се изведува во утринските часови пред метадонските центри во Кисела Вода и Државна болница, а втората на најразлични локации во градот по претходно утврден распоред. Преку секојдневната работа, теренскиот тим забележа дека постојат поизолирани групи кои употребуваат дроги и кои не успеваше да ги исконтактира во овие две смени. Со тоа се наметна потребата да се воведе уште една – трета смена.
Третата смена за намалување на штети е фокусирана токму на поддршка за скриената популација на корисници на дроги. Нејзина цел е остварување на контакти со нови клиенти на кои им се овозможуваат сите услуги од Програмата за намалување на штети на ХОПС. За разлика од првите две смени кои имаат фиксно работно време, третата смена е поориентирана кон секојдневната динамика на клиентите и бара флексибилно работно време. Ова подразбира работа во текот на целото деноноќие, понекогаш викенди и празници.
Развивањето на третата смена почна како волонтерска работа и беше макотрпен процес со оглед на тоа што контактите тешко се остваруваа, но слободата и креативноста во начините на пристап го правеа процесот интересен и предизвикувачки. Во остварување на првите контакти имавме помош од лица од самата заедница кои, врз основа на довербата која ја имаат кон членовите од тимот, ни помогнаа да воспоставиме врска со групи од скриената популација. И покрај воспоставените контакти, тимот долго време работеше на стекнување на доверба во самите групи. Начините беа различни, но најчесто се засноваа на неформално дружење со групите со тоа што тимот се адаптираше на динамиката на состанување на овие групи, што беше најчесто во доцните часови, а локациите на кои ги среќававме беа нивните домови или во паркови, во клубови и сл.
По извесно време резултатите од работата на третата смена беа видливи, а тимот стана препознатлив во заедницата.
Се сеќавам на една вечер, кога бевме поканети на роденден кај еден од клиентите, каде што имаше сè, освен торта и колачи (ако ме разбирате?). Ни рекоа ќе има „ѓезме“, но тоа не беше „ѓезме“ на начин на кој ние сме навикнати. Во таа вечер за првпат се најдовме во ситуација да спречиме предозирање со хероин. Благодарение на претходната обука, лесно препознавме кога едно момче почна да паѓа во бессознание и му укажавме прва помош во согласност со препораките за опијатно предозирање и повикавме Брза помош.
Во текот на теренската работа, на луѓето кои инјектираат дроги им се пренесуваат информации за безбедно инјектирање и за крвно преносливи инфекции, но и за програмите за намалување на штети на ХОПС. Клиентите се задоволни од услугите, но на почетокот беа изненадени како некој мисли и на на нив, и на нивното здравје, и на нивните права.
Третата смена се покажа и како одличен линк меѓу лицата кои употребуваат дроги и јавните институции. Со помош на довербата стекната со макотрпна работа, на оваа скриена популација ѝ се пренесуваат знаења за остварување на личните здравствени и на социјалните права. Таа е одличен пример колку може да се направи за луѓето на кои им е потребна помош само ако се има желба. Скриената популација постои, иако не можеме да ја видиме во нашето секојдневје сè додека не се заинтересираме за неа и за луѓето на кои навистина им е потребна нашата помош.
Дарко Велески
Дарко Велески е дипломиран социјален работник. Моментно работи на изготвување магистерски труд на последипломски студии при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, насока Менаџмент на човечки ресурси. Активно работи како програмски асистент на Програмата Сервиси за намалување на штети од употреба на дроги во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје каде што претходно работеше како координатор на теренската работа и како социјален работник во дроп ин центрите.