Бев на гости кај братучетка ми. Нејзиниот сопруг излезе да оди до продавница да купи нешто. По пат накај продавницата се сретнале со мојот поранешен партнер, кој му се обратил на сопругот на другрка ми: “што бара кај вас, ќе се опијанам и ќе дојдам да истепам некој од таму“.
Му се јавив да му кажам да не ги малтретира моите роднини и да не им се заканува. Го исклучи телефонот. За две минути дојде и без да ми каже збор, ме фати за главата и почна да ме удира од ѕид, после тоа ме фати за вратот и почна силно да ме стега. Соседите слушнале галама и за среќа веднаш дојдоа да видат што се случува, па ме одбранија, инаку ќе ме задавеше.
Избезумена од сето тоа што ми се случи, се јавив во една невладина организација, да им кажам што ми се случи, да побарам совет. Им кажав дека сакам да го пријавам и сакам некој да дојде со мене, да ме придружува да не сум сама.
Дојде социјална работничка, отидовме во полициска станица БЕКО. И покрај тоа што постапија по мојата пријава, воопшто не сум задоволна од односот на инспекторот за семејно насилство со кој разговарав. Додека му објаснував што ми се случи, тој неколку пати ме прекина на дрзок и безобразен начин, ми кажа “ти си крива, зошто си му се јавила“; “ти реков јас, не требало да му се јавиш, си го испровоцирала“….ме расплакаа овие зборови…реков “не мислев ништо лошо, сакав само да ја смирам ситуацијата“.
Инспекторот продолжи со неговиот дрзок однос и ми рече “нема што ти да кажуваш, слушај ме што јас зборувам и одговарај ми на оние прашања што јас ти ги поставувам“.
Откако заврши со испрашување ми рече дека ќе го пријави случајот до главната инспекторка. Исто така рече дека треба да донесам медицинска документација, и од лекар да одам во полициска станица Кисела Вода.
Од тука со социјалната работничка бевме во Универзитетската Клиника по хируршки болести Св. “Наум Охридски”. Ме прегледаа, ме снимаа, ми дадоа лекарства и медицинска документација и замислите не платив ништо, не знаев дека жртви на семејно насилство не треба да платат ништо. Од тука, отидовме во полициска станица Кисела Вода. Инспекторот во оваа полициска станица беше многу пољубезен, запиша се што му кажав, првично ме праша дали се чувствувам безбедно после сe` што ми се случи, бидејќи ако не се чувствував безбедно можат да ме сместат во Шелтер центар. Им кажав дека во домот на моите родители се чувствувам безбедно. Па ме праша дали сакам кривично да го гонам…кажав дека сакам. После тоа ми кажа дека ќе го повикаат и него на разговор и дека тие по службена должност ќе го известат Центарот за социјална работа од каде треба да очекувам повик.
Денес е 3-ти март, Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, ден кој го одбележуваме со цел да се подигне свеста за прекршувањата на човековите права со кои се соочуваме. Ние сексуалните работници многу често трпиме насилство и од семејството, од луѓето по улица, од клиентите, но дополнителни сме виктимизирани и од институциите каде сме се обратиле за помош! Правото на заштита од семејно насилство ни е подеднакво загарантирано како и на сите останати жртви! НЕ ОСУДУВАЈ, постапувај без дискриминација!