Социјалната стигма претставува тешко социјално неодобрување на личните карактеристики или убедувања, кои се против културните норми. Стигмата може да влијае на лицето кое користи дроги и кое гледа дека употребата на дрога е стигматизирана да чувствува срам и да не бара здравствена и социјална поддршка.
Никој, па и младите кои употребуваат дроги, особено кога немаат сериозни здравствени и социјални проблеми, не сакаат да бидат стигматизирани и дискриминирани и затоа не ги посетуваат ригидните здравствени програми за третман од дроги. Женските лица кои користат дрога не ги посетуваат или многу мал број од нив ги посетуваат програмите кои се креирани за мажи и ги доживуваат како опасни и небезбедни места за нив.
Во исто време денес многу млади користат интернет и поминуваат многу часови во денот на интернет. Од таму се роди идејата кај повеќе експерти од регионот заедно со претставници од Групата „Помпиду“ (Pompidou Group) да се развие интернет-алатка со која ќе ги опфатат младите кои користат дроги, a за кои постоечките програми за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дрога и други психоактивни супстанции не се доволно привлечни.
Драгхелп.еу (Drughelp.еu) e интернет-услуга за лица кои користат дроги и се базира на научно потврден тест за идентификација на нарушувања од употребата на дроги ДУДИТ (DUDIT). Со овој тест лицата кои употребуваат дроги можат да откријат колку е ризична нивната употреба. ДУДИТ дава целосна проценка на можните проблеми и негативности поврзани со употреба на дрога, а со тестирањето се добиваат и информации за тоа каде може да се добие поддршка и помош доколку лицата сакаат да ја намалат или да ја прекинат употребата на дрога.
Лицата кои ја посетуваат оваа страница не можат да бидат идентификувани и се целосно сигурни. Оваа веб-страница користи ССЛ-шифрирање (SSL) за да ја заштити приватностa, а за максимално да се зголеми анонимноста се препорачува да се користи Тор прегледувач (Tor Browser) кој е достапен на www.torproject.org.
Но, важно е да се каже дека информациите содржани во веб-страницата на драгхелп.еу (drughelp.eu), како и исходите од тестирањето не се наменети ниту се сметаат за замена на професионален медицински совет, тие служат за подобро разбирање за ризиците од употреба на дрога.
Првичните резултати од дата базата на оваа интернет-алатка зборуваат дека до крајот на март 2018 година оваа страница била посетена 211 пати од кои 134 (63,5 %) посети се од мажи, а 77 (36,5 %) посети се од жени (график 1). Само за споредба, во ригидните здравствени системи, односно во програмите за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дроги и други психоактивни супстанции кои главно се креирани за мажи, процентот на женските лица кои се вклучени во третман изнесува околу 15 %, а во некои градови во внатрешноста на земјава дури и помалку. Во однос на возраста, оваа страница ја посетуваат помлади лица (средна возраст 27,4 години) во споредба со лицата кои се во програмите за третман за зависност (средна возраст 38 години), а најголем дел од лицата кои го одговориле тестот не биле досега во ниедна програма за лекување од употреба на дрога (график 2). Ова покажува дека интернет-интервенциите се привлечни за лица кои не ги посетуваат програмите за превенција и третман од употреба на дрога до кои не можевме да „допреме” досега.
На групата која ја посетила оваа страница, главна дрога која ја употребиле или ја употребуваат е марихуаната ‒ канабис, потоа алкохол, опијати, амфетамини, но некои од посетителите користеле и кокаин, халуциногени, нови психоактивни супстанции (НПС), лекови кои се пропишуваат на рецепти и други дроги.
Некои од посетителите на оваа страница не навеле која е главна дрога која ја користат, дел од нив затоа што не користат дроги, а дел од некои други причини (график 3). Мал процент од посетителите на оваа страница имаат здравствени, легални и финансиски проблеми или проблеми во училиште или на работа. Многу поголем број од нив се вработени или се студенти за разлика од клиентите во програмите за третман на зависности од дроги. Според резултатите од тестот 24,6 % мажи и 26 % жени немаат ризик; 59 % мажи и 67,5 % жени имаат штетна употреба на дрога, што значи дека немаат развиено зависност од дрогата која ја употребуваат; а само кај 16,4 % мажи и 6,5 % жени се работи за веројатна зависност (график 4).
Овие резултати покажуваат дека со помош на оваа интернет-интервенција ‒ алатката за самопроценка на ризикот од употреба на дрога се „допира” до друга група лица кои употребуваат дрога, лица кои во најголем број повремено употребуваат супстанции, сè уште немаат развиено зависност и сериозни здравствени и социјални проблеми како последица од употребата. Оваа алатка ќе овозможи рана детекција и рана интервенција. Со овој нов метод за проценка на ризикот, како и со алатките за советување преку интернет се избегнуваат стигмата и дискриминацијата кои, ќе си дозволам да кажам дека според мене, се главни причини за задоцнето барање помош за употреба на супстанции. Тестирањето и резулатите од тестот со препораки и информации за евентуално „лице в лице” советување се анонимни и доверливи, што овозможува да допреме до лицата кои повремено употребуваат супстанции и кои сè уште немаат сериозни здравствени и социјални проблеми како последица од употребата на супстанции, женската и младата популација која употребува супстанции и многу порано да интервенираме доколку лицата кои ја посетуваат страницата го сакаат тоа. Развојот на оваа алатка и првите резултати ги охрабри групата експерти да продолжат да работат на развивање на други интернет-интервенции како што е интернет-советување со цел да развие специфични програми за младите кои одговараат на нивните потреби.
Посетете ја страницата www.drughelp.eu и проценете го вашиот ризик од употреба на дрога!
Лилјана Игњатова
Доцент д-р Лилјана Игњатова е раководител на Центарот за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дроги и други психоактивни супстанции при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Македонија, а работи и како доцент по предметот Психијатрија и медицинска психологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Доц. д-р Игњатова е основачка и членка во Одборот на директори на Мрежата за лекување зависности на Југоисточна Европа и Јадранот, како и членка основачка на Светската федерација за третман на опијатна зависност. Таа е постојана коресподентка за Групата „Помпиду“ при Советот на Европа. Добитник е на наградата „SEE net Reflection Award” во 2015 година.