Во контекстот на националното стратешко планирање за ХИВ 2017-2021 Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка на ХИВ организираше еднодневна посета на дел од сервисите за ХИВ кои граѓанските организации ги спроведуваат.
Посетата се одржа на 16 мај 2017 и беа посетени Центарот за размена на стерилна опрема за инјектирање помеѓу лица кои инјектираат дрога на здружението Healthy Options Project Skopje (ХОПС – Опции за здрав живот… и Националниот центар за ЛГБТИ на здружението ЕГАЛ. Овој настан беше наменет за експерти од различни сектори и инситутции кои се вклучени во националните процеси за ХИВ. Потребата од запознавање со работата на сервисите кои граѓанските организации ги спроведуваат беше препознаена и поддржана од претставници на Mинистерството за здравство, Институтот за јавно здравје, донаторската заедница, пратеници, лекари и граѓанскиот сектор.
Претставници од посетените центри ги претставија услугите кои ги нудат, направија преглед на постигнувањата, процесите на давање на услугите, внатершните протоколи и процедури. Посетата овозможи учесниците директно да се запознаат со работата на дел од сервисите со кои се остварува најголем опфат на клучните популации засегнати од ХИВ.
Присутните изјавија дека ваквите посети се од клучно значење за продлабочување на соработката помеѓу владиниот и граѓанскиот сектор и ја поздравија оваа иницијатива.
Еден од заклучоците е дека овие сервиси ја имаат експертизата, инфраструктурата и контактот со засегнатите заедници и дека клучен приоритет на иституциите во претстојниот период треба да биде обезбедувањето на одржливост на овие центри после престанувањето на поддршката од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Понатаму, интервенции за превенција на ХИВ насочени кон клучните заедници кои се засегнати од ХИВ треба да бидат приоритет во Националната стратегија за ХИВ за периодот 2017-2021.